(Д)ефектите на една пресуда

Зошто, според мене, не треба да се напаѓа одлуката на судот во Скопје, кој пресуди дека лидерот на СДСМ Зоран Заев го наклеветил премиерот Никола Груевски и за тоа треба да му плати 50 илјади евра, туку да се поздрави и информацијата колку што може повеќе да се споделува!

Многу едноставно, затоа што оваа одлука, која е една од илјадниците за кои до сега реагирале граѓаните, ги потврди дефектите во судскиот систем што не можеа да најдат гласност, затоа што тужителите или тужените беа „обични“ граѓани! Затоа, во овој случај, кога, народски речено, стапот се скрши од грбот на политичарите, народот може само да се надева дека можеби нешто ќе се смени во судскиот систем, кој секогаш не чини за партиите кои се во опозиција, а одличен е за владејачките партии. А, за граѓаните и во едниот и во другиот случај е лош!

Постапката по тужбата на премиерот Никола Груевски, заврши за три дена. Беше поднесена на почетокот на летово, па, севкупно, судската постапка траела околу 3 месеци. Ова, ако гледаме статистички, покажува дека македонското судство е ажурно, ефикасно, самостојно и нели, непристрасно, кое не подлежи на политички притисоци или други влијанија.

Замислете што ќе се случи, ако сите постапки траат барем приближно колку таа по тужбата на премиерот против лидерот на опозицијата. Ма, не мора и приближно, еве, верувам дека сите ќе бидат радосни да завршуваат за двојно повеќе време, за 6 месеци.

Во ист ден, кога на премиерот му беа досудени 50 илјади евра за ублажување на душевната болка, јас добив решение со кое судот окончува една постапка против мене, за клевета покрената од актуелна судијка од еден Основен суд. Но, моето решение не беше од овие денови,како во случајот на премиерот, ниту пак судењето.

Едното решене беше донесено во јануари 2014 година, а другото, на рочиште завршено на крајот на април 2014 година. Ги добив двете заедно, на почетокот на септември, за едното по поминати повеќе од 7 месеци, а за другото по 4 месеци. Значи, не зборуваме за тоа колку долго траело судењето (нешто повеќе од 4 години) туку само за изготвување и доставување на решенијата.

Според печатот, тие од судот биле експедирани на почетокот на август, но јас ги добив еден месец подоцна.

Заедничкото, помеѓу постапката водена по тужбата на премиерот и мојов предмет е тоа што двата предмети беа кај истата судијка. И јас, како и премиерот верувам, сме презадоволни од одлуката на судот, односно судијката Весна Калковска затоа што завршија во наша корист. Јас сум уште позадоволен, затоа што и вториот предмет по тужба за клевета, што го имав кај истата судијка, по тужба на еден доктор (д-р) кој работи како новинар, заврши во моја корист.

Јас го разбирам лидерот на опозицијата Зоран Заев и реакциите на опозициската партија, но, нели, еден секогаш ќе се лути и нема да биде задоволен од одлуката.

Но, ајде да видиме, каков „ќар“ може да добие земјава од „зијанот“ на Заев?

Ако не уверат дека судството е под политички притисок, нормално е да прашаме, а кој го притиска? Секако, одговорот би бил, тие што се на власт! Токму, така, денеска овие, вчера оние, а утре некои други! Зашто, да сме на чисто, навиките тешко се менуваат! Или, што би рекле, кој би си ја сечел гранката на која седи, зашто судството е со папочна врвца врзано со извршната власт и тешко се одделува.

Судството почнав да го следам од 1996 година, во време на тогашниот реизбор, кога министер за правда беше Владо Поповски, а судиите се избираа во Парламентот. Многу судии не беа реизбрани, за подоцна по промена на власта да бидат експресно избрани и унапредени како награда за стигматизацијата што ја трпеле, затоа што наводно биле блиски до друга политичка опција.

И додека сите се колнеа дека судството е независно, одредени центри на моќ постојано вршеа притисоци, а за „непослушните“ следуваа разрешувања. Сега, апликациите на тие разрешени судии, чекаат пресуди пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Критикувајќи серија решенија од таканаречените реформи во судството во изминативе години, бев ставен на тапет на одредени претседатели на судови кои дури ми забрануваа и влез во судовите, министри, па и премиери, кои се закануваа дека ќе ме прогласат за „персона нон грата“ затоа што сум ги уривал реформите за кои сме добивале само пофални зборови од странство.

И така, минеа години, се менуваа партии и министри, кој од кој помалку познат или успешен, судството само се реформираше и реформираше, за и денеска да се тврди дека „тоа е зависно, корумпирано, бавно, неефикасно и кое донесува одлуки под политичко влијание“. Пред 3-4 години јас бев тој кој ја објави анкетата што ја направи ОБСЕ во кој судиите признаваат дека работата под политички притисоци, но министерот Михајло Маневски не сакаше да чуе дека такви резултати биле реални. Си го штитеа ресорот и тој, и неговата претходничка Мери Младеновска и не даваа прав да падне на нивните, нај-нај реформи. Секоја критика или реално известување тие го сфаќаа како атак врз судството.

Ако сега СДСМ и нивниот лидер не се задоволни од судството, нудат ли гаранции дека истото ќе стане независно кога тие би дошле на власт? Секако, 100 стапа не болат по туѓ грб, па не можам да се сетам на нивни реакции, кога судовите ги прифатија тужбите на Бранко црвенковски и Хари Костов и досудија штети од над 30 илјади евра. Тогаш, како да реагираа ВМРО ДПМНЕ, иако не се сеќавам на содржината на реакцијата, туку само на формата. Онаа опозициската, да се критикува од позиција на човек кој сака да допре до јавноста.

Во македонската демократија, каде што главните политички фактори ни се СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во изминативе 23 години, законите, по кои сега постапуваат судиите, се носени од едните или од другите или и од едните и од другите. Законите се исти, само, проблемот е изгледа во примената, во зависност од тоа кој е на власт, а кој сака да дојде на власт.

Пак да повторам зошто е добра одлуката на судот, од аспект на граѓаните? Па, токму поради ова, да видат политичарите какви закони донеле и како се применуваат истите.

Не така одамна, пред две години кога се носеше законот за „клевета“ предлогот беше износот на штетата што треба да го плаќаат новинарите да биде и поголем, но власта се „смилува“ да биде 27 илјади евра за медиум, скалесто распореден, 2 илјади евра за новинарот, 10 за уредникот и 15 за сопственикот на медиумот. Па, ако „прифативме“ дека медиум за клевета може да плати 27 илјади евра, тогаш, зошто се чудиме што клеветата насочена кон премиерот го чини лидерот на опозицијата 50 илјади евра?

Партиите беа тие кои во законот за граѓаните и другите фактори не ставија горна граница, лимит за побарување на штета, па како во случајот на премиерот кој бараше првично 500 илјади евра, некој може да бара и 2 милиони евра. Според зконот, таков, каков што е, само небото е лимит.

Една судијка на Врховниот суд, која има член на фамилијата што е активен во политика, во рамки на дебатите пред носење на законот, популарно наречен за клевета, рече дека политичарите ако се наклеветени „треба да добијат поголем износ за оштета, бидејќи нивниот углед е поголем, зашто им се нарушува честа, со која тие бараат нов мандат од нив“. Судииве од Стразбур само да го чујат ова би кубеле коси, но нашата судијка сметаше така, повисока функција, повеќе пари ако си наклеветен!

Ако така размислуваат и судии на Врховниот суд, поголема штета поради поголема функција, тогаш, зошто сите се затечени што судот ги прифатил 50-те илјади евра колку што побара премиерот. Да не одиме подалеку, еве да споделам уште еден сопствен пример, каде што јас, за клевета во судот во Куманово бев осуден да платам 30 илјади евра! Да, добро прочитавте, 30 илјади евра.

Судијата кој ја донесе оваа одлука беше тазе дојден од даночно одделение во општината и ставен да суди кривично, па целата среќа ми беше во судиите на скопска апелација. Меѓу нив, секако има и добри судии, кои на кумановскиот судија му одржаа лекција по право и ја запреа постапката поради застареност. Судијата, сега е претседател на судот во ова реформирано судство.

Затоа, ако сакаме нешто да се промени во судството и во целиот демократски амбиент, треба да навиваме судиите да носат што поригорозни одлуки кога се политичарите во прашање, за да сфатат, независно од која политичка опција се, дека кога се носат законите, тие не треба да се гласачка машина, туку реално и рационално да ги гледаат работите, и да ги прифаќаат критиките што им се упатуваат, колку и да се непријатни за нив.

Денеска Груевски е задоволен од пресудата, а Заев лут. Утре, ситуацијата сигурно ќе биде обратна, тогаш Груевски ќе биде тој што ќе се лути. Како што беше примерот со случајот „Глобал“ на кој постојано потсетува од ВМРО ДПМНЕ дека бил криминален, но со аболицијата на Заев не се дозволило да се открие криминалот. Така и овде, независно што сите се убедени дека гласот на снимката е на премиерот Никола Груевски (за што некои граѓани и поверуваа во лагите, како што рече Груевски на сведочењето) не се докажа дали „Груевски бил татко на криминалот“ како што тврдеше Заев, посочуваќи дека за продажбата на „Македонска банка„ Груевски од газда Нини добил 1,5 милиони евра во кеш.

Целосно сум согласен со одлуката на судијката Весна Калковска за неприфаќање на аудио снимката како доказ, бидејќи такви докази не може и не смеат да се прифатат, но кога би бил јас на нејзино место (иако немам такви амбиции, вака ми е многу покомотна позицијата и не сум во „тесна кожа“) би утврдил дека е сторена клевета, но Груевски не би добил ни еден цент, затоа што ќе излезев од клишето на судската формалност, па ќе му ги наведев изборните резултати, од кои се гледа дека не само што не му наштетила снимката на угледот или рејтингот, туку резултатите биле подобри за него.

Секако, овде, за ваквата „одлука“ ќе се повикав токму на одлуката на судијката Калковска од случајот „пратеник на ВМРО ДПМНЕ од Струмица против весникот Капитал“, каде што е утврдео дека е сторена клевета, но не е досудена штета за пратеникот. Таа одлука колку што ми е познато е правосилна и е одличен извор на пракса. Така, ќе се видеше и судската големина, а во исто време ќе им врзеше по една заушка или воспитна на двајцата „лидери“ кои со постапката (едниот да тужи, а другиот незадоволен си оди од судница) ја покажаа својата широчина како демократи кои треба да ја демократизираат земјата во која се уште има „политички затвореници, се проблематизираат верските слободи, слободата на говорот и медиумите и независноста на судската власт“.

Но, како и да е, ние сега може само да се молиме за поголем ќар, бидејќи премиерот со вака добиената пресуда и парите кои треба да му ја лекуваат душевната болка, си пукаше директно во десната нога, неповредената. Неговиот случај ќе ги наполни извештаите со максимална критика за судството, за задушување на слободата на говор и јавната критика која треба да биде основен демокртаски постулат. Но, додека политичарите не ги осетат „резултатите“ што ни ги донесоа на своја кожа, граѓаните можат само да сонуваат за таквите слобиди и права!

© 2014 Саше Димовски, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.