Година на забрани и ограничувања

Забрането продавање алкохол после 19 часот! Забрането пушење во затворени јавни простории. Забранета продажба и користење на петарди! Забранет лов и риболов на поедини локации и моменти и денови. Забранета продажба на ЏАМЛИИ??? Ќе ги голтнеле децата, така де. И металните монети се ситни и можат да се голтнат, и копчињата… па нив не ги забранија. Година на забрани, година на поскапнати задоволства, тутун, алкохол, угостителство во склад со европските директиви и норми.

Правиме нација на роботи и машини, забрани за свињоколи, печење ракија, како во песната на Бора Чорба, правила правила живот ми удавила, постоје правила да бих нас савила. Да, убаво речено да ни ја свијат кичмата. Сите сме за правна држава, океј тоа не спорно причината е дека имаме и традиција. Македонецот го одржала традицијата за да не бидеме аморфна европска племенска заедница. Македонецот е тој кој пече ракија, прави домашен зелник, вари ајвар, става кисела зелка, пие кафе со комшиите насабајле, коле бишки во ноември со собрана цела маала и пола роднини. Тоа сме бре ние, несовршени, можеби пис на јазик, ама тоа е нашиот бит.

Не сакам детето да ми учи за тоа од учебници по историја туку од мене и дедо му како што јас и ти сме учеле. Преку Тасе ако пола влада ни се увезен кадар, раснети на запад нека се, ама нека не ме одмакедончуваат за да влезам во друштвото каде владее принципот ако на Грција и се посака сите ќе не натртат! Убаво што Џевахир холдинг прави кули, убаво што влегуваат светски брендови и ако нека влезе светот кај нас, ама нејќам да ми влезе дома. Да ни ѕиркаат во спалните соби по подрумите и шпајзовите.

Годинава е на својот крај малку ни донесе успех на секој план, по некоја градба, по некоја капитална инвестиција и многу гурбетчии по белиов свет, азиланти кои повторно можат да ни ја донесат бељата и да ни опнат визен режим. Опозицијата си доби нов лидер, ама си останаа старите кавги и подметнувања, власта пак по навика многу вети малце оствари, онака по навика. Повторно го одложија покачувањето на платите на административците за 5% по пети пат, јубилеј. Некако и социјалците се чувствуваат извозени им каснат 2 додатока. Пензионерите пак задовол(е)ни, пензија на време, гага превоз вторник и петок, ама овој мобилниот оператор ВИП им ги мати водите со тие принудни наградни игри и им симнува по некој екстра денар од пензиите.

Многу дечиња ни заминаа на студии во околните држави, таму трошат, таму полнат туѓ буџет, овде родителите им мизеруваат. 1600 среќници најдоа вработување или сѐ уште не додека да се договори централната и локалната власт кај да ги здомат. На крај шлаг на тортата збирај фискални и добиј подарок од државата. 10 добитници, 2 милиони мрчатори на 30 декември ќе биде билансот.

Како и после секои избори, ништо ново. Секојдневно налетуваме на по некој оглас за вработување во некоја државна или јавна институција во оваа држава, онака предизборно. Ама и секој ден има сторнирање на дел од тие по разни основи, суета и меѓу партиски судири, година на вработувања или делумни вработувања, како ќе се земе. Многу невработени, а малку лижавчиња и многу зла крв помеѓу кандидатите за одредено работно место, ама така изгледа се држи рајата послушна, помош се дели со лажиче.

Секој си пека за своето време, младоста и со леб и сол сепак е младост и на сите ни е најубавиот период. Настрана системот кој сега ни го воведувате, западњачки, проевропски, бла бла нит таму не е како што беше, под превезот на закони од европската агенда плескате проекти кои ни вонземјанинот АЛФ не би ги сварил, нема логично објаснување, народот е во прединфарктна состојба, жална е оваа нова бинго-реалност наметната на оние кои сеуште останаа на парчево земја, дај не сме до толку неуки, да собирам фискални оти друг начин немам, покрај толку озлобени инспекторчиња и народов ли го озлобивте, закрвивте, дај нешто ново дете. Дозволија грејачи во тендите пред кафеаните, дозволија делумна заштита од временските неприлики за пушачите, а кој да ни ја згрее душата што четврт Македонија помакедончува низ Европа, Азија, Америка и Австралија? Компјутерите не ги забранувате, а? Па тие ги криват рбетите на децата им ги кварат очите и трујат душите со насилство и порнографија, ама ги забранивте џамлиите… забранивте дел од младоста на пола Македонија. Па еве капс локот на пи си то ми се вади, може малиот да го голтне, а? Според стандардите за безбедност на детски играчки, џамлиите не се безбедни и се забранети за продажба. Значи децата веќе нема да можат да прават шлајки и купуват коњаци. Добро… за коњакот и не сум баш сигурен. (В.В.).

Еве и ние, не пораснавме оти по цел ден риневме коленици у земјата и плачевме кога ќе ни ја испецкаат новата џамлија. И чатали правевме со ластик, а пачки виткавме од пун кабел. И модрици носевме од пачките. Ама ете, дека не се безбедни џамлиите, затоа децава наши ќе бидат осакатени во духот. (фејсбук статус) Тие може навистина се незгодини, дека се мали и можат да се голтаат. Но Јас сум искинал раце од играње џамлии и сите мои другари, па шиевме штитници за под прстите да не ни се гребат рацете, па цела кеса дома сум имал со џамлии и никад на памет не ми текнало да ги јадам. Ниту пак на некој од тие што ги знам, а знам дека многу играа. Сигурно нема на бебиња да им даат да си играат па да ги голтнат. Зошто ако гледаме така, тогаш не само играчките туку и све ситно што се продава треба да се забрани. Ај тогаш нека ги забранат и денарот, два денарката и пет денарката. И тие не се за јадење ама може некое дете да ги голтне… Еве ви реакции, ако не можете младоста да ја вратите не ги одземајте џамлиите, малку е вон паметот, драги мои. Толку.

Автор: Марјан Стаменковски

© 2013 Граѓани, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.