Три акорда, три воздишки

МОЈАТА ТИШИНА

Ти и јас тишино,
Меѓу модрото небо и сивиот асфалт
Броиме чекори до замокот на соништата
Броиме валкани камиони и пци скитници
Броиме петли и здодевни будилници
Броиме бедници и наметливи лудаци.

Ти и јас тишино,
Носиме шарена капа, опуштена насмевка
Носиме потресни спомени, пијани глупости
Непотребни војни и поучни порази
Носиме запаметени телефонски броеви
Од заборавени души и приказни
Незаинтересирани го минуваме мостот
Што соединува допири.

Ти и јас тишино,
Го оставаме генијот во нас
Го оставаме мудрецот во нас
Да се восхитува на жени од рекламни паноа
Да потпишува договори со ѓаволот, филмски продуценти
Да седи на шанкови крај непознати кловнови
Да бара смисла
Затворајќи го носот со двете раце.

Ти и јас тишино,
Ја бараме волшебната линија на изгрејсонцето
Оставаме зад себе пријатели
Непотребни конфликти, недоразбирања
Оставаме солзи, самоубиствени депресии
Оставаме гнев и грешни информации.

Ти и јас тишино,
Ја слушаме песната на последните славеи
Бараме среќа во белото лице на таванот
Во едноличниот звук на вентилаторот
Бараме прегратка во која нема потреба од зборови
Нема потреба од лаги и темни наочари.

Ти и јас тишино,
Незаинтересирани, горди и рамнодушни
Го оставаме телото да трепери
Под студениот туш на осаменоста
Ја чешламе косата медитирачки
Со последна цигара меѓу забите
Не плашејќи се од мракот на иднината
Смртта што се клешти во огледалата.

БЛУЗ

Пријателе!
Дали сум ти рекол дека сакам да испијам
Чаша вино во градот Тулуз?
Дали знаеш дека ноќва понеделникот
Одбива да стане вторник
Заради моето срце што се плаши од стареење.
Во единаесет и педесет пред полноќ
Часовниците престанаа да работат.
Го чув времето како пука
И сите пци скитници заквичеа под месечината.

Пријателе!
Дали знаеш што значи англискиот глагол to loose?
Ноќва се викам Александар, утре можеби Блуз.

Пријателе!
Не го разбирам Одисеј, восокот во неговите уши
Не разбирам зошто дождот оди по мене
Како да сака да ги избрише моите чекори
Не разбирам зошто го сакам зборот меланхолија
Месечевата соната од Лудвиг Ван
И осаменоста во друштво на добрата стара Били
Не ги разбирам вечерните вести
Водителите што ме демнат од другата страна на екранот
Не го разбирам зборот војна во нивните очи.

Пријателе!
Не разбирам зошто го сакам англискиот глагол to loose
Ноќва се викам Александар, утре можеби Блуз.

Пријателе!
Сношти имав ѕвезди во косата
Цели соѕвездија во моите прамени
Црни сателити во моите плетенки
Сношти открив дека мојата девојка веќе не е сама
Сношти ме истера од својата прегратка
Сношти имав лоши соништа и болни мечти
Во кои насмевката стануваше тага засекогаш.

Пријателе!
Ноќва го сонував англискиот глагол to loose
Ноќва се викам Александар, утре можеби Блуз.

Пријателе!
Дали знаеш дека мајка ми пронајде цвет марихуана
Скриен во градината на мојата душа?
Дали знаеш дека лихвари и рекетари
Ги прогонуваат моите соништа?
Дали знаеш колку стихови има во моите движења
Кои треба да ги исфрлам низ портите на вечноста?

Пријателе!
Дали знаеш да го менуваш англискиот глагол to loose?
Ноќва се викам Александар, утре можеби Блуз

Пријателе!
Носам пустина во своите дланки
Педесет тони гнев во своите нокти
Парчиња страв во своите колена
Носам звуци од гитара
Хартиени бротчиња од смртни пресуди
Непотпишани договори со ѓаволот
Дваесет мртви жени
И триесет загубени пријатели
Носам лелек од погреби во своите уши
Сиот валкан асфалт во своите мисли
Носам речник со еден збор во срцето
Зборот патник на сите светски јазици.

Пријателе!
Ја носам вистината за англискиот глагол to loose
Ноќва се викам Александар, утре можеби Блуз.

Пријателе!
Сите часовници се повторно живи
Вторник седи крај мене на празната клупа
Слушам вести од нечиј отворен прозорец
Во светот војна, во мене тага
Ноќва е таква и нема ништо чудно во тоа.

Пријателе!
А можеби утре ќе пиеме вино
Во градот со прекрасно име Тулуз
Јас ќе бидам Александар, а ти свири ми блуз.

LOVE SONG

Оставам траги околу тебе
Оставам траги од себе секаде околу тебе
За да го запомниш секој мој здив
За да ја впиеш секоја капка душа
За да исчезнам потоа
Засекогаш.

Го испишувам своето име
На секој предмет во твојата соба
Оставам прашина под твојата перница
И солзи во стариот пепелник
За да го измешаш правот и плачот
Пред да исчезнам
Засекогаш.

Оставам стихови врз твоето парче ноќ
И патувам крај тебе до изгрејсонцето
На твојот дел од сонцето
Пред да зајдам
Засекогаш.

Знам сѐ за тебе.

Ти доаѓам на сон
За да ми ги кажеш сите свои приказни
Се покривам со твоето ќебе од заспани воздишки
И воздивнувам со тебе
И се прозевам со тебе
И се будам пред да се разбудиш
За да заминам
Засекогаш.

Ќе те натерам да замолкнеш
Да се стопиш со тишината на моето срце
И ќе те соблечам гола потоа
За да избегаш од тагата
За да ја убиеш лагата
За да исчезнам потоа
Засекогаш.

Јас не сум дел од тебе.

Можеби сум белег меѓу твоите гради
Можеби сум бемка на твоето колено
Само сенка врз двете колена
Можеби сум сјај во твоите очи
Силен одсјај во твоите зеници
Во кои ме зароби со обична насмевка
За да не исчезнам
Засекогаш.

© 2013 Александар Русјаков, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.