Rutabulum iacta est!

„Идризово стана како Ленинова.“
Ване Маркоски (статус на Facebook)

Просведочувам апсења. Сензационалистички, секојдневни, со прекумерна сила и опсади. Можеби не изгледаат така страшно, како што изгледаа(ле) апсењата во некои други времиња, на некои други места. Можеби се неспоредливи со апсењата на неистомислениците на С. Милошевиќ, но, ете, секој на свој начин си ги спроведува. Можеби, иако секогаш велиме дека ни недостасува уникатност во одредени сегменти од нашето живеење во Република Македонија, сепак, во овој сегмент сме уникатни. Апсиме сензационално и секој да знае и да види. Секако, ги користиме сите можни средства кои ни се на располагање.

Читав деновиве статуси на Facebook, коишто дел ме насмеаа, дел ме вознемирија, дел (за малку) што не ме расплакаа.

Се здружувале злосторнички на Халкидики, па шпионирале, прикривале даноци, саделе марихуана во 80, или 40 саксии (сеедно, многу се), откривале заштитени сведоци во период кога не се ни знаеле или, пак, си прибирале артефакти по дома.

Македонецот отсекогаш имал смисла за хумор, што можеби е најнедостижна од останатите народи, токму тогаш кога му е најтешко. Па во тој контекст, смислата за хумор, ми проработи и мене, како и на дел од моите пријатели, дел соработници и слични со нив. Седевме дома и се зафркававме како би било кога би нѐ уапсиле, привеле, пикнале в апсана… или во секаква верзија – би ни ја одзеле слободата, за којашто изминатиот период толку многу зборуваме и толку многу изразуваме дефиниции и чувства, меѓу кој и самиот јас, посветив неколку колумни и дузина статуси и објави на социјалните мрежи.

Еве, добро. Ќе ме приведат, ќе ме осудат на рочишта (по скратена постапка) и ќе ме пикнат во „Идризово“. Што ќе изгубам?

  • Ќе ги изгубам размислувањата за тоа што ќе јадам денеска еднаш, а не три пати, колку што би ми следувале оброци, платени од државата, в затвор.
  • Ќе ги изгубам грижите за сметките и режиските трошоци, зашто ќе бидам в затвор и оти таму, државата ќе ми ја плаќа електричната енергија, топлинската енергија, водата и сметот. Кредитите ќе си почекаат.
  • Ќе ги изгубам нервозите секојдневни, со работните места и обврски.
  • Ќе ги изгубам мислењата како да излезам да пијам кафе со пријателите што ги немам видено „сто години“, зашто можеби, тие пари наместо за кафе, ќе треба да ги дадам за да платам интернет или мобилен телефон.
  • Веројатно и ќе ослабам конечно.
  • В апсана, ќе си научам мајсторија, некаква столарија, па кога ќе излезам, можеби, наместо да се вратам да работам во медиуми, како новинар, водител, уредник, колумнист и слично, ќе си отворам столарска работилница па на сите мои познати по домовите, ќе им редам витрини. Ќе си имам занает.

И си направив друг план. Секогаш мора да се има план. Никогаш не знаете кога ќе ве уапсат, приведат или така само – ќе ве повикаат на информативен разговор, што нема да знаете ни кон што ќе доведе на крајот на краиштата.

Па мојот резервен план за в апсана, ми е дека таму ќе бидам првиот основоположник на затворско радио. Ако сака некој да донира за ТВ, имам отворени карти за дијалог и бизнис. Можеби Велија Рамкоски ќе сака да биде сопственик на тоа радио.

Ги имам сите потребни нешта за затворското радио. Ќе си бидам уредник, водител, спикер, новинар, техничар – сѐ што треба. Не можам да си избегам од кожава, па да не работам нешто, поврзано со новинарство. А и така сум изринтал на секоја работна позиција во новинарството, па ќе си знам да си се снајдам во секоја ситуација. А само весник, сигурно нема да ми биде доволен.

Па така, работниот ден, покрај копањето низ затворските бавчи, учењето столарски занает, чистењето ВЦ-а и избегнувањето да не се удавам во кофа со вода, ќе си влезам во радио, на одредени периоди од денот и ќе читам вести според распоред и медија-план. На пример, во тие вести ќе известувам:

„Почитувани затвореници – добар ден!

Денеска, радио „Идризово“ ви ги пренесува најновите настани:

  • Прва вест: Затворските ќелии 2, 4 и 6 и редоследно, кои имаат парни броеви, ќе бидат реновирани во текот на следната седмица, додека, пак, затворските ќелии со реден број 1, 3 и 5 и редоследно, кои имаат непарни броеви, ќе се реновираат седмицата после таа, поради суеверието на Управата, во парни и непарни броеви, кои секако се врзуваат со среќата и несреќата. Нумерологијата, мора да биде составен дел од секое демократско и напредно општество, кое силно верува во Бог, мислејќи дека на тој начин, не извршува богохулие.
  • Втора вест: Во затворската кантина, веќе нема да се служи сутлијаш, зашто некои затвореници се пожалија на болки во стомакот, па поради неможност на затворската медицинска сестра да постигне со обврските со сите заболени, Управата одлучи да се укине сутлијашот, со што ќе се намали и обемот на работа, на медицинскиот тим. Ова е добра вест, за тие коишто планираат или веќе штрајкуваат со глад, зашто ќе мечтаат за една храна помалку.
  • Трета вест: Затвореникот Велија Рамкоски, денеска излегува од самица, па, ние како прв медиум што ве известува за сите случувања во нашиот затвор, имаме ексклузивно интервју со него, во радиската ќелија, со кој ќе разговараме за тоа – како се раководи медиум од прва рака и како истиот да се донесе до стадиум да биде еден и единствен во медиумскиот простор, а после неколку успешни години да биде затворен, со сите државно-полициски метании и драми.

(тонски следува, интервјуто со Велија Рамковски)

Со оглед на зголемениот слушателски интерес, во текот на следните неколку седмици, очекувајте ексклузивни интервјуа и со Љубе Бошкоски, Паско Кузман, Ване Цветанов, генералот Стојков, Александар Диневски, новинарот Томислав Кежаровски, дел од екипата на сега веќе затворената „А1“ телевизија, Маџовски, како и Кирил Поп-Христов – Кили, чие интервју ќе го емитуваме во лајф-стајл емисијата „Идризово Ексклузив“, којашто е од забавно-контактен карактер.

Останете со нас, зашто ние секогаш сме први во информациите.
Ве сака и ве бодри во побрзото излегување на слобода – Радио „Идризово“.“

Секако, да не се разбереме погрешно. Со сите личности коишто веќе се или ќе бидат во Идризово, журката е дефинитивно таму. Велам „ќе бидат во Идризово“, зашто ете, се најави проширувањето и реконструкцијата на овој казнено-поправен дом, па веројатно, зашто нема веќе место. Важно, лопатата е фрлена*!

Патем, целиот општествен крем, се собира полека (останатиот дел е во странство по амбасадорски места или како аташеа) и догодина, очекувам Виенскиот бал во Македонија, да се одржи токму во кантината на затворот. Затоа, колеги, не грижете се, ќе се обидеме во најскоро можно време да се обезбедиме со акредитации. Замислете ги насловните страници на модните магазини: „Портокаловата боја е новата црна, во светот на модата!“.

Како би изгледал и би бил организиран Виенскиот бал во „Идризово“:

„Слатките на балот, ќе ги подготви Љубе Бошкоски, во кои се надеваме дека нема да има, случајно најдени 100.000 евра. „Веселите колачиња“, брат Љубе ќе ги направи во соработка со Кили, кој покрај таа асистенција, премиерно ќе го изведе и својот личен монолог, под наслов „Македонија – саксија на радоста“. Паско Кузман, за прв пат пред јавноста ќе обзнани дека гробот на Александар Трети Македонски бил пронајден, токму во дворот на Идризово, покрај тоа што ќе го направи и украсувањето на кантината во антички стил, каде главен орнамент ќе биде смрзнатата скулптура на Филип Втори и на Олимпија, во фаза на коитусот кога се зачнал малиот Аце. Генералот Стојков и Диневски ќе го обезбедуваат периметарот околу кантината, а Цветанов ќе биде сметководител и книговодител на манифестацијата. Дамовски ќе направи ДВД-издание со карактерите на вечните „Еднооки“. ПР на настанот и контактот со надворешните медиуми, како должност ќе го извршува Кежо, а за изгледот и модата на балот, ќе се погрижи Мадам Пепи, со ексклузивни материјали, увезени од Женски пазар, на Бит-Пазар.

Оние коишто се во бегство и за кои се чува легло во ќелиите, како БуреВесник-Божиновски, ќе се вклучат, специјално за оваа пригода, преку Skype-врска, за време на настанот, од непознати локации низ светот. Маџовски ќе биде одговорен за листата на поканети, со оглед на тоа дека ќе биде тоа лустрирана листа и прочистена од кодоши и шпиони.

Како шлаг на вечерта, ќе биде и одржувањето на кратката манифестација „Затворениците пеат“, во организација на Бобан Насев, каде што ќе биде претставена химната „Затворениците пеат, а душманите се смеат!“, во исполнение на затворскиот хор.“

Ете така, од прилика би изгледало чувството да се биде дел од елитата, која полека, но, сигурно ги полни затворите и притворите како фурија.

Да не се разбереме погрешно, текстот воопшто не треба да послужи, ни, пак е напишан како исмејување на личностите коишто се споменати во него. Жално е што дел од нив, воопшто и држат нечие легло. Дали дел од нив заслужено се таму и дали дел од другите што не се, заслужено ќе станат дел од затворот, останува на правдата да си го докаже тоа на суд.

Иако, со текот на настаните и случувањата, ја изгубивме презумпцијата на невиност – сега тоа ни е мисловна именка, искрено се надевам, дека во државава има останато трошка фер и правично судење. Кој си заслужил – нека биде дел од вистинскиот затвор.

Зашто, овој што е исмеан и напишан погоре, треба само тоа и да остане. Оти, штом ни дојде време да се потсмеваме со апсењата, да се зафркаваме дека сите еден ден ќе бидеме поапсени и тоа ни станува нормално, тогаш дефинитивно треба да си ги преиспитаме демократските ставови и начини на општествено функционирање. Како што би рекла една моја колешка: „Замислете си, да нѐ слуша, како се зафркаваме за умирачки и за апсењава, некој од скандинавските земји? Па сигурно ќе помисли дека сме пореметени!“. И во право е. Пореметени сме, делумно сите.

Не е нормално, ваквата ситуација во којашто се наоѓаме, да ни биде нормална. Не е нормално да мислиме дека апсењата треба да ни бидат секојдневие во медиумите. Не е нормално да живееме сиромашно и да патиме. Не е нормално да не можете да обезбедите нормална иднина за своите деца. Не е нормално да не бидете тоа што сакате да бидете, во сопствената држава. Не е нормално да немате основи човекови права и слободи. Не е нормално да немате за живот, нормален и барем, скромен. Не е нормално, да мислам дека ќе биде подобро, ако сум в затвор или во притвор. Не е нормално, да правиме хумор од црнилата животни – наши или туѓи. Не е нормално, да седнам и да напишам ваков текст. НЕ Е НОРМАЛНО.

Да не дозволиме да бидеме заслепени од сензационализмите коишто ни се приредуваат. Да размислуваме со отворен ум и чиста и правична мисла. Да почнеме да живееме нормално!

– *”Rutabulum iacta est!” – „Лопатата е фрлена!“ (слободен превод на авторот, при изведувањето друга, соодветна форма на познатата „Коцката е фрлена.“ – “Alea iacta est.”)

© 2013 Огнен Јанески, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.