Понеделнички, сонливо

Часот започна, мир во судницата, стооој полиција! Е, на некои така денот им започнува, колку за илустрација да не ми се жалите дека нешто ви е тежок и килав овој понеделник, демек облачното време ве „убива“, сетете се на учениците, обвинетите и осудениците и фатените во сообраќаен прекршок. Пу, пу скраја да е или, на пример, денес да сте имале блиска средба со пајакот. Неделава арно ви започнува, плукнете си под пазуви и не викајте го ѓаволот.

Денес започнува и академската година на Универзитетите, ќе го „помакедончиме“ Скопје со деца од провинција. Понеделнички пари не се давале инаку цела недела на давање ќе ви појде па ќе ве озборуваат види го овој давај газ. Ама сеа ако дошле да ве „сечат“ од ЕВН, Водовод или Топлификација, жалим случај се работи за виша сила, плати си, морално е.

Отсекогаш лете и зиме сум ги поштувал овие есен и пролет сезони, ем што ги занемуе од година во година, некако ми се како реклами у омилена серија. Недифинирани, есента поминува во трчање, де зимници де деца спремање за училиште, де огрев да се обезбеди… а пролетта арна е да не беше поленот брррр, кој има мака знае. Понеделнички, забрзано допушуеме цигара во лет (работа за комуналните редари), кафе во една, варен ѓеврек во другата рака и кој кај фати. Се празни градот, а се полнат институциите, мравјалник. Банките и нивната услуга во понеделник отсекогаш е дискутабилна, банкоматите се празни од викенд-шопингот, ред пред шалтерите до улица, на секој му се брза, нервози на кило. Ви завидувам на вас среќниците што можете понеделник да го преспиете (ама не во болнички кревет) во топла постела, вие или сте успеале во животот или сте тотален промашај, трето нема. Или има, втора смена сте во Железара или во некоја конфекција, додуша оваа трета опција може да биде слободно и втора опција во одделот делумен промашај?

Денес не закачам политичари, ма ниту ги спомнувам тие нели работат 24/7, на нив понеделник од сабота по дифолт не им се разликува. Ама за овие грчиштата на Евзони мора да пишам, тетка Сузе-национале не ја пуштиле да транзитира кон Турција, а немаат ништо против ако на пример Гавазова или Татјанка Стефановска се сончаат на нивните плажи, хм, ај после речи цариниците на Јужниот сосед хомиќи биле, море мангупи, мангупишта се. А да знаат Сузе национале какво грне спрема со разно месо прсти ќе си изедат (знае Страшо у СТАР ВК на Ленинова колку сме изеле), ама ете грчиштава не знаат. Само АЛФА ТВ гледаат ВКУСОТ НА ТРАДИЦИЈАТА. Ете тоа е врв на неинформисаност, затоа се залагам за создавање на повеќе гастрономски сајтови на македонски јазик. Владо арно си поткаснува по градовите ама само на МТВ го вртат, а на последното мерење рејтинг демек националниот сервис имал мала гледаност, значи ни останува само Телма со репризите од Храна и вино, мани друго ќе речат странците само леб и сиренце јадеме. Дезинформација е тоа од прва рака, еве од овој денешен понеделник и ајварче, пинџурче и лутеница мачкаме.

Ветив, а морам, Вељановски опозицијата посакува да поднесе оставка заради настаните од 24 ти декември, а тој пак од денес е шеф на државата спред Уставот… чудни се патиштата Господови. Toп-тема овој понеделник, во утринска акција на МВР приведени се 15-тина лица: поранешниот директор на Агенцијата за перење пари Ване Цветанов, генералот Горан Стојков и Аце Диневски поранешен функционер од Агенцијата за разузнавање, Марјан Маџовски шеф на кабинетот на Трајко Вељановски, како и Борис Дамовски идеен творец на ЕДНООКИ. Според засега неофицијални информации петнаесетмината ќе одговараат за неколку кривични дела меѓу кои и шпионажа и злосторничко здружување.

Автор: Марјан Стаменковски

© 2013 Граѓани, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.