Книжевноста и излегувањето од плакар

Збогум, Берлин - Кристофер ИшервудОпшто познато е дека жена може да сака жена или маж да сака маж, но честопати во мојата рана младост, како дете, избегнував да зборувам за тоа. Чувствата кои превираа во мене како вулканска лава го исполнуваа мојот крвоток и правеа да се чувствувам небаре главата ќе ми експлодира од жештината на валканите мисли. Во барањето одговори првото прибежиште го најдов на интернет читајќи за сведоштвата и искуствата на луѓето кои се поинакви, луѓето кои имаат наклоност кон истиот пол. Токму на почетокот на новиот милениум открив нов почеток во мене, нова страница во мојот живот што толку се плашев да ја свртам поради стравот од неизвесноста што ќе се случи следно. Читајќи ја тогаш достапната квир литература на англиски јазик почнав да го осознавам и со текот на времето да го артикулирам сето она што претходно ме збунуваше. За прв пат во мојот живот почнав да се отворам пред моите пријатели, колеги, соработници, а тие, пак, ме доживуваа како книга што им седела во плакарот, знаеле дека ја имаат но никогаш не посегнале вистински да ја прочитаат. По повеќе од една деценија од моето соочување со себе, летово го направив соочувањето со светот и тоа токму преку пишаниот збор. Колумната каде говорам за мојата сексуална ориентација и универзалноста на љубовта допре до сите, па дури и до оние кои беа згрозени од неа но сепак од љубопитство ја прочитаа. Човечната страна на текстот го промени светогледот на многумина кои подоцна ме контактираа да ми се Ред за ручек - Уршка Стерлезаблагодарат за нивното „откровение“, а имаше и такви кои по читањето на колумната се чувствуваа охрабрени да го преземат следниот чекор – излегувањето од плакарот пред нивните семејства и пријатели. Ослободувањето од бремето кое го носев толку години направи да се чувствувам живо како никогаш порано.

Квир литературата е нешто повеќе од социолошки или само академски интерес во квир аспектот на културолошките студии. Овие книги одговараат на многу прашања кои ги имаат луѓето за родот и сексуалноста, и даваат добар увид во темите кои се тешки за разбирање само преку искуство. Вистинската длабочина на талентот присутен во квир заедницата и желбата на толку многу од нив да пишуваат отворено за нивните животи и верувања навистина е прекрасно и возбудливо искуство за сите нас. Преку овие текстови пошироката публика ја спознава нормалноста и хуманата страна на сите оние и сето она од што излегува надвор од рамките на хетеросексуалноста, хетеронормативноста или бинарната логика на родовиот систем.

Морис - Е. М. ФорстерПравењето достапни на македонски јазик на некои од најдобрите наслови од квир литературата е од исклучително значење за ЛГБТИ заедницата, но исто така и за останатите читатели кои сега имаат можност одблизу да се запознаат и да завират во животот на различните од нив. Иако можеби ќе звучи преамбициозно, сепак мислам дека ова е позитивен чекор кон сензибилизација на општеството и стимулирање на процесот на социјална инклузија на маргинализираните и стигматизираните. Општествените промени започнуваат одвнатре во секој од нас, а не можам да замислам подобар начин за рушење на стереотипите од овој – преку личен пристап и доближување до читателите. Затоа сметам дека со преводите на „Морис“, „Збогум, Берлин“ и „Ред за ручек“, освен споделувањето со македонска публика на приказните на авторите и каминг-аутот на ликовите од книгите, Темплум преку едицијата „Квир сквер“ воедно овозможи излегување од плакарот на квир литературата во нашата земја.

© 2013 Петар Стојковиќ, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.