Гревовите на сегашноста

Нема независни медиуми. Ова е теза која често ја слушам и од добронамерни познаници, пријатели и колеги, повлекувајќи притоа дробна црта со заеднички именител: пари. Тие пари треба да дојдат од некаде, па оттаму влијанието, односно зависноста на примачот на парите се лоцира токму кај тој што ги дава парите и тоа преку донации, инвестиции, реклами итн. Во последно време, немајќи веќе нерви и време да влегувам во дебата на оваа тема, јас климнувам со глава во смила „ај, нека биде така“. Но, не се согласувам со оваа теза. Барем не во потполност. Еве зошто.

За потребите на ова размислување, ќе ги поделам новинарите/медиумите во четири групи.

Ќе почнам со најбогатата, а со тоа и највидливата, а секако и најодговорната за срамниот пад на македонското новинарство. Тоа се новинарите и медиумите што се под директно влијание (диктат) од власта. Оваа група е монолитна во поглед на содржините кои ги пласира секојдневно во јавноста. Новинарите од провладиниот златен кафез се разликуваат само по тоа колку успеваат да најдат начини, некогаш и оригинални, за се додворат на власта, претворајќи ги информативните содржини во памфлети за воспевање на непостоечките постигнувања на власта. По неколку години ваква пракса, тие се подеднакво одвратни и смешни како и првиот ден. Разликата е во тоа што, со текот на времето, сѐ помалку луѓе им веруваат. Засега, толку за нив.

Во втората група спаѓаат новинарите и медиумите што се отворени поддржувачи на СДСМ, односно опозицијата. Тие претежно го населуваат Интернет просторот и секојдневно се борат со беспарицата. Содржините што ги објавуваат ги одбележува гнев и острина. Сепак, во гневот и острината некои од нив знаат да отидат до таму што на моменти наликуваат на своите „опоненти“ од првата група. Во ова гледам сигнали дека некои манири во медиумите ќе останат во живот и по смената на власта. Лично, не верувам или барем се надевам дека лигавежот од новинари и медиуми кои денес се медиумскиот Кербер на владата не може никој да го достигне. Хм, на ова Џејмс Бонд би рекол „never say never“, знам. Имам чувство, можеби лажно, дека власта не ги доживува како опасност, барем не во толкава мера како овие за кои ќе зборувам во следниот параграф.

Многу поинтересна и пошаренолика е третата група новинари и медиуми за кои тврдам дека можеме да ги наречеме независни. Замислете, сепак, постои можност да се биде независен без оглед на тоа од каде доаѓаат парите. Ова, во одговор на уважените мои соговорници што ги споменав на почетокот. Да, можно е. Тоа се оние новинари и медиуми кои ја прикажуваат реалноста и настаните на што е можно понепристрасен начин, следејќи ги основните принципи и етиката во новинарството, давајќи одговор на тоа што се случува без заземање страна, односно без да бранат или воспеваат една или друга партија. Едноставно, тие се студеното „око на јавноста“, го запишуваат тоа што го гледаат и слушаат, ги консултираат сите вклучени страни и го предаваат на публиката без филтри и емоции.

И за оваа група новинари и медиуми се вели дека е „оспротива“, односно „антивладина“. За кого се работи? Тешко дека тие се групација. Тоа се критички настроени новинари и уредници собрани околу неколку веб портали и еден неделник кои по својата структура и содржини се разликуваат едни од други по многу нешта. Тоа што е заедничко за нив е дека се храбри и бескомромисни ликови кои секојдневно се борат со повеќе предизвици, почнувајќи од личниот опстанок, преку крајно стеснетиот простор да ги пласираат своите новинарски прилози, па сѐ до опасноста да завршат в затвор или со нив да се пресмета теледиригирана толпа.

Кога зборувам за овие храбри луѓе, овде има уште едно многу важно прашање: Зошто овие новинари и медиуми се етикетирани како предавници, соросоиди итн.? Одговорот, според мене, е прилично едноставен: Затоа што реалноста е таква што, ако ја прикажете, тогаш сте, најблаго кажано, опозиционер, а секако и предавник, соросоид и што ти не. Иронијата да биде поголема, етикетирањето и жестокоста во вокабуларот и квалификациите доаѓа токму од новинарите и медиумите кои се марионети на власта. Секако, ни претставниците на власта не штедат зборови, но ударната сила им е во нивните медиумски мегафони.

Уште една помала група новинари и медиуми се самопрогласените или самоубедените „неутралци“. Героски во Плусинфо ги нарече „колаборационисти“ што не е далеку од вистината. Велам не е далеку од вистината, бидејќи сакам да верувам дека повеќето од нив тоа го прават ненамерно, па затоа не се докрај „колаборационисти“. Или грешам?

Во услови на крајно поларизирани односи во општеството, „неутралците“ најчесто успеаваат да бидат пригодни, а тогаш кога се обидуваат да ги критикуваат „двете страни“ за потребите на „неутрализмот“, испаѓа дека се апологети токму на актуелната власт. Од каде, пак, тоа? Имено, ако вие не престанувате да трубите за тоа дека демократијата трпела удари и била на ниско ниво во времето на владеењето на СДСМ, а истите или слични состојби се забележуваат и сега, во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ – не станува збор за неутрално известување од проста причина што во случајот со едните зборувате за состојби и настани во минатото, а во случајот со другите зборувате за сегашноста. Впрочен, власта речиси во потполност ја темели својата стратегија за односи со јавноста повикувајќи се на минатото, односно на грешките на претходните влади. Од таму доаѓа тој намерен или ненамерен „колаборационизам“.

Што се однесува до многумина новинари, имам чувство дека гризат две мамки истовремено. Мамката на креирање на јавното мнение и мамката на минатото. И двете мамки ќе ги стават во тавчето на политичките моќници кога и да е, кои и да се.

Премногу често веста не е вест туку коментар. Премногу често не ни има вест во медиумските содржини, туку сме бомбардирани со пропаганда спакувана како вест. Навистина, живееме во ера на тектонски промени на содржината и карактерот на медиумскиот простор насекаде во светот, но хаосот и незнаењето кај нас се фрапантни. Секој денес има можност да се направи паметен, но ретко кој пропушта да испадне тапоглавец.

Овде морам да прекинам со оваа поента, зашто ако продолжам, ќе морам да напишам книга. Во текстов изостануваат и неколку други теми намерно, за да заштедам на време и простор, а секако и да им посветам посериозно внимание во иднина. Посебна тема е, на пример, монополот на дистрибуција на печатените медиуми, со кој битката ја започна и храбро и успешно ја водеше Никола Младенов. Посебна тема се комерцијалните спонзори и нивниот страв да одлучат независно каде ќе се рекламираат. Владините реклами, истражувачкото новинарство, ефектите и последиците од медиумите какви што ги имаме во Македонија и многу други…

Да се вратам на овој текст и да продолжам со втората мамка…

Граѓаните секако се сеќаваат на минатото, но тоа што ги боли е сегашноста. Тие, меѓу другото, затоа и гласаат – да ги опоменат или коригираат властите кои не излегле во пресрет на нивните очекувања. Како пред некој ден: власта потрошила девет илјади евра за кафе беше првата вест. Потоа следеше одбраната во стилот: аха, ама затоа во времето на СДСМ функционерите купувале бисерни ѓердани за своите љубовници. Повикувајќи се на минатото, се извлекуваме за гревовите на сегашноста. Граѓаните тоа можеби ќе го купуваат некое време, но кога сиромаштијата ќе тропне на врата, ќе побараат леб за себе и за своите деца од сегашните власти. Или ќе побараат азил и со тоа ќе го намалат бројот на првачињата во основните училишта.

Толку за денеска.

© 2013 Џабир Дерала, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.