Да ти пукне пична жила

На 8-ми септември се одбележува денот на независноста, 22-риот роденден на Република Македонија. Седам по дома и си мислам, толку убава бројка, 22, чиниш два лебеди кои пловат по езерото, а во позадина оди музичка подлога од „Лабин и Дојрана“ на Трајко Прокопиев, што да ти зборувам бе, поезија! И додека во главата ми се проектира филмот за лебедите, одеднаш лентата пука и надвор од сценарио влетува црниот лебед? Се стреснувам, што по ѓаволите? Ми се помешале плочите или што е работава? Не бе, кога погледнав подобро, каков лебед, тоа да ти било обична гуска. Нашата министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, мислела дека станува збор за талент шоу и ми упаднала во мојата фантазија. Лажните пророци почнаа да ги прозиваат „предавниците и малерите“ кои се виновни за лошата ситуација во која се наоѓа нашата држава на сите полиња, па дури и за лошите резултати на нашите репрезентации на спортските терени. До толку ли се очајни? Да!

„Ова е моја страница, а не на институцијата со која раководам. Ставовите на МВР се на: http://www.mvr.gov.mk/. Добро е кога политичарите работат транспарентно и јавноста знае каде се и што прават. Но кога проблемите за кои се одговорни да ги решаваат се мултиплицитраат наместо да се намалува нивниот број, а за граѓаните и нивните потреби се нема слух и тие молејќи за помош и разбирање треба да бидат трпеливи додека некој се врати од летување, викенд или прошетка, тогаш секој коментар е легитимен.“ – вели Јанкулоска во преписка на нејзината фејсбук страница по забелешка од граѓанин за нејзиниот недоличен коментар.

Мхм, еве легитимно ја прашувам министерката, поминаа повеќе од два месеци, дали ги расветливте случаите на нападот на ЛГБТИ центарот за поддршка (за кој поседувате и видео материјали од безбедносните камери) кога беше повреден и припадник на полициските единици кои таа вечер го „обезбедувале“ објектот, обидот за потпалување на истиот објект, двократното каменување на мојот дом? Што направивте вие по овие прашања? Проблемите за кои вие сте одговорни остануваат нерешени, а сторители неказнети. Нивниот број не се намалува, туку се зголемува. Ние ве молиме за помош и разбирање, а вие нѐ игнорирате и ширите хомофобија во вашите говори дополнително продлабочувајќи ја стигматизацијата и ранливоста на оваа ионака маргинализирана заедница. На крајот на краиштата, кој ти даде тебе право, како министер за внатрешни работи, да зборуваш што е нормално, што е прифатливо, што е здраво? Твоето приватно мислење имаш право да го споделиш со пријателите на кафе, а не да ја користиш функцијата министер за изнесување лични ставови и квалификации на теми кои воопшто не се во твојот мандат ниту надлежност. Како влада имате преземено обврска да промовирате недискриминација и еднаквост, а не да ја користите ЛГБТИ заедницата за дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и предизвици со кои се соочува нашата држава како што се криминалот, корупцијата, замолчувањето на медиумите, партизираното судство, катастрофалната состојба во здравството итн. Затоа, жити мајка, подобро затвори ја тоа смрдливата чорапа бидејќи реата станува навистина неподнослива.

Според мене, ти си за во институција, а не да раководиш со институција! Ете, во ист ден ни приреди две изненадувања, и не знам кој пат по ред досега, МВР ги игнорираше презумпцијата на невиност и правото на приватност, личен и семеен живот, углед, чест и достоинство на личноста (кои се загарантирани со Уставот, законот и меѓународни акти) во случајот на К.П.Х. и В.П.Х. со пуштање во јавност на видео каде јасно се гледа лицето на еден од осомничените во акцијата спроведена во приватна викенд куќа во скопското село Визбегово. Одредени медиуми, пак, освен што ја пренесоа веста на сензационалистички начин, дополнително го открија идентитетот на осомничените што се коси со етиката во новинарството. Само како потсетување, член 2 став 1 од Законот за кривичната постапка, член 6 став 2 од Европската конвенција за човекови права и член 11 став 1 од Универзалната декларација за човекови права јасно упатуваат дека лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино сѐ додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда. Воедно, член 144 став 11 од Законот за кривичната постапка и член 8 од Европската конвенција за човекови права подразбираат дека при обезбедувањето информации за осомничени, обвинети или осудени страни во кривичните постапки треба да се почитува нивното право за заштита на приватноста. Подобро да не навлагам во селективноста на институциите на системот во примената на законите бидејќи за тоа може да се пишуваат километарски текстови.

На крај, за жал, можам да констатирам дека јас и Македонија во моментот имаме само едно заедничко, а тоа е нашиот хороскопски знак – девица. Но, двајцата одамна ја изгубивме нашата девственост. Јас доброволно, додека мојата земја е жртва на бескрупулозно силување, одново и постојано, небаре проститутка на која секој што ќе стигне ѝ се качува, но без никаков профит за неа. Напротив, дополнително се ограбува и осиромашува. Тогаш, зошто граѓаните молчат додека нивната мајка Македонија ја черечат безмилосно пред нивните очи? Во што се состои вашиот патриотизам, во кампањите за продуцирање социјални случаи под девизата за зголемување на наталитетот? Да ти пукне пична жила од такви душебрижници!

Извадок од дневниот билтен на еден граѓанин

© 2013 Петар Стојковиќ, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.