Крушевскиот манифест – обврска на Заев!

Крушевскиот манифест е Библија за македонскиот народ

Од мали нозе 2 Август кај мене предизвикувал посебни чувства за разлика од другите празници. Престанав да одам во Крушево секоја година на 2 Август откако таму најбројни станаа автобусите со партиски активисти, а говорот на политичарите се претвори во класичен партиски митинг.

Ваквото бербатење на Илинден и непочитување на Илинденците, стана мотив да се навраќам постојано на Крушевскиот манифест и притоа пронаоѓам нови пораки и вредности содржани во овој непроценлив историски документ за македонскиот народ. Без да звучам претициозно, за мене Крушевскиот манифест е како Библија за македонскиот народ во која се содржани неговите стремежи.

Визијата на Илинденците денеска е влез на Македонија во ЕУ

Засебната вредност на Крушевската Република за македонскиот народ е во тоа што таа е израз за неговите стремежи за основање своја држава, но покрај тоа, Крушевската Република има и значење во европски рамки за перидот кога таа е основана бидејќи била Прва република на Балканот.

На почетокот на 20тиот век Крушевската Република беше мала светла точка на темниот Балкан, а нејзината светлина стигнува до европските интелектуални и прогресивни кругови кои се бореле за градење општество во кое ќе постои демократија, правна држава, борба за еднакво право на глас, за работничките права, градење на социјална држава.

Носител на борбата за градење хумано општество, е социјалистичкото движење кое било наддржавно со сите негови делови и правци, социјал-демократи, социјалисти, комунисти и други, што не е тема за оваа прилика.

Никола Карев, Даме Груев, Питу Гули… посебно Карев, биле воодушевени од тогашните современи трендови во Европа кои биле авангарда и сѐ уште немале мнозинска поддршка. И тогаш имало скептицизам кон демократијата и владеењето на правото кои го потикнувале капиталистите и други богаташи и експолататори на работничката класа, како што денеска постои скептицизам кон ЕУ.

Токму тоа е лидерството и визијата на основачите и водачите на Крушевската Република, да ги препознаат современите европски трендови, да ги преточат во институциите и документите на Крушевската Република, и тоа на Балканот кој бил под ропство на веќе тогаш назадната Турска импрерија која се соочувала со голем криминал во своите редови, непослушност, кои биле главна причина за младотурското движење кое се појавило подоцна во 1907 година и подоцна нејзиниот крах.

Визионерите и лидерите на Крушевската Република токму во, за тогаш авангардните идеи за демократија, социјална правда, еднаквост пред законите без разлика на националната или верската припадност, ја препознале шансата на Македонскиот народ за слобода и основање своја држава.

Визијата на лидерите на Првата република на Балканот, е содржана во Крушевскиот манифест кој ако го имплементираме денеска во Република Македонија, ќе добиеме најдобар извештај од ЕК, а и ќе ги почнеме преговорите за влез во ЕУ и ако успееме да ги спрведеме и исполниме барањата содржани во поглавјата 23 и 24 да се справиме со криминалот, ќе бидеме скоро и полноправна членка на ЕУ.

Изградбата на социјална и хумана држава е содржано во Крушевскиот манифест

Денеска го имаме Крушевскиот манифест како аманет од лидерите и визионерите на илинденската епопеја, но за жал во изминатите 22 години не најдовме политичар кој ќе може да се носи со аманетот оставен од Карев, Груев, Питу.

Предизвик за новиот лидер на СДСМ и опозицијата Зоран Заев е своето политичко дејствување и на партијата, да го постави врз основите Крушевскиот манифест. Денеска во 2013 година исполнување на Крушевскиот манифест значи цврста заложба за изградба на функционална демократија, функционална правна држава, меѓуетнички соживот.

Посебно ќе ја нагласам нужната потреба Република Македонија да ја изградиме во социјална и хумана држава според урнекот на Германија, Шведска, Данска, Холандија и други, кои важат за држави во кои граѓаните уживаат социјални права кои им овозможуваат достоинствен живот и личен развој и напредок.

Одговор на белата чума, црната чума, и многу други чуми со кои денеска се соочува Македонија, е изградба на социјална држава, бидејќи социјалната сигурност на граѓаните е предуслов во голем дел за развојот на демократијата затоа што без социјална сигурност, партиите, посебно тие на власт, го злоупотребуваат правото на глас и ги уценуваат граѓаните со нивните социјални права кои им произлегуваат од Уставот и законите.

На граѓаните денеска им е потребен социјален мир бидејќи најголем дел од нив живеат во социјална неизвесност, не се сигурни дали ќе добијат работа, ако ја имаат, дали ќе ја задржат, се соочуваат со проблем да ги подмират основните месечни трошоци за егзистенција. Токму тоа е причината што денеска Македонија е претворена во сурово општество во кое животот ја изгуби вредноста, во кое успех стана личното богатење преку злоупотреба на државните функции и довербата од граѓаните дадена на избори.

Цела Македонија подиум за дебата

Токму затоа сосема оправдано е очекувањето на граѓаните од новиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, да изгради политичка платформа за изградба на Република Македонија во хумано општество во кое граѓаните ќе ги уживаат социјалните права што им следуваат согласно Уставот и законите.

Ако првата задача е изработката на политичката платформа за изградба на Република Македонија во социјална држава и хумано општество, втората задача на опозицискиот лидер Зоран Заев заедно со неговиот тим, е таа да се промовира директно до секој граѓанин без разлика на неговата политичка, национална, верска или друга припадност.

Тоа е возможна мисија, а на раководството на СДСМ и опозицијата треба да им причинува чест и задоволство во нејзиното спроведување, што подразбира да се постојано присутни меѓу граѓаните – од куќа до куќа, од нива до нива, од сокак до сокак, од село во село, од град во град.

Додека секој граѓанин ќе може да го даде својот личен придонес во изградбата на Република Македонија во праведно општество, ако не им верува слепо на информациите кои се пласираат преку медиумите под влијание или контрола на власта, што впрочем е темелен постулат за секоја демократија да се има сомнеж во информациите, посебно кога нема објектиност во информирањето.

Тоа подразбира дека ние граѓаните пред да донесеме вредносен суд за политичката понуда на опозицијата и пред да одлучиме кому ќе му го дадеме нашиот глас, треба да се потрудиме да добиеме вистинита и изворна информација, што денеска пак е многу тешко за голем дел од граѓаните, со оглед на тоа што СДСМ има многу мали и ограничени можности за промоцоја на своите политики преку медиумите во споредба со владејачката партија. Токму затоа СДСМ ќе мора да гради директни канали за промоција на своите политики, за да им овозможи на граѓаните да бидат што повеќе информирани.

Тоа е тешка мисија, но не и невозможна. СДСМ и опозицијата мораат Македонија да ја претворат во подиум за водење дебата. Буквално секое место каде има најмалку еден граѓанин, е прилика за водење на дебата, без разлика дали се тоа сокаците, улиците, нивите, седенките на сред село, разните поводи за собирање на граѓаните итн.

Некогаш пред опозиционерите ќе има еден/двајца соговорници, некогаш десетина, друг пат стотина. Кога на еден граѓанин политичарот му зборува со истиот жар како кога пред него има илјадници граѓани, тогаш успехот нема да изостане, затоа што тој еден граѓанин утре ќе донесе десетина други поддржувачи, а тие десетина стотина нови итн.

Успешното справување со криминалот, е првиот чекор за реализација на целите за Република Македонија да ја изградиме во социјална и хумана држава, во која ќе постои функционална демократија, правна држава, и ќе биде полноправна членка на НАТО и ЕУ.

Ако успешно и бескомпромисно се справиме криминалот, впрочем тоа се барања содржани во поглавјата 23 и 24 од преговарачкиот пакет за членство во ЕУ што го очекуваме, не само што ќе ги поченеме преговорите за влез во ЕУ, туку и скоро ќе станеме полоноправна членка.

Во таков случај, спорот со Грција не само што нема да биде пречка за влез во ЕУ, туку ќе стане и второстепен и не толку значаен за денеска да биде камен околу вратот за мнозинството граѓани, а појас за спасување за мал број граѓани кои изминатите децении нелегално стекнаа богатство.

Со успешното справување со криминалците во вратоврски, ќе го направиме најважниот чекор за градење на Република Македонија во социјална и хумана држава во која граѓаните ќе имаат достоинствен живот.

На Заев му падна обврската да го спроведе аманетот од Крушевскиот манифест

Шансата или товарот/обврската за исполнување на идеалите на Илинденците од првиот и вториот Илинден, му се погоди на Зоран Заев кој како лидер на опозицијата кој треба да ги промовира за да ја добие поддршката од граѓаните за да ги реализира.

Според резултатите кои ги има зад себе како политичар и изграден профил како личност, Заев ги поседува потребните перфоманси и капацитети да ги промовира и да ја добие подршката од граѓаните за да го понесе товарот за реализација на целите поставени уште од 1903 година во Крушево, а содржани во еден од највредните документи од историјата на Македонскот народ – Крушевскиот манифест.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.