За да сакаш треба и да не сакаш

Било во тет-а-тет разговор или на социјалните мрежи, кога некој ќе ги посочи очигледните нешта кои се “трули во државата македонска“, има најмалку еден што ќе искоментира дека “треба да се сака татковината“ или дека “може да си одиш ако не ти чини “. И тоа е обично некој кој сака да си каже нешто и кога нема да каже ништо или партиски војници кои немаат аргументи, па користат празни фрази.

Лично, не можам да сакам “татковина“. И мислам дека е апсурдно да развивам емоции кон парче земја кое носи име. Тоа е како наместо моето семејство да ги љубам ѕидовите на станот во кој живееме. Но, мојот дом е било кое место каде сум со луѓето што ми се блиски, а не некоја бетонска конструкција. Така, и мојата татковина не е некоја географска ширина и должина, туку луѓето со кои чекам пред шалтер, луѓето со кои не можам да ја добијам соодветната нега во државните здравствени институции, луѓето со кои сум заложник на лошите економски политики на власта, луѓето со кои излегуваме на протести за да нѐ заокружат во дневник на Сител и дискредитираат како “одроди“…

Ајде да бидеме и поконкретни… Кога посочуваш недоследности, неправди и дефекти на кои си изложен како граѓанин, не ја прозиваш македонската почва, парче небо или револуционерите, просветителите и борците за Македонија. Ги прозиваш Власта, политичките институции, судството и останатите установи кои не си ја вршат работата за која ги плаќаш од сопствен џеб и кои директно ти го поткопуваат квалитетот на животот.

Па, драги големи патриоти, јас ја сакам државата, односно себе си, своите сограѓани и нашите идни поколенија. Затоа сакам:

  • Држава во која демократски избраната власт ќе работи во корист на интересите на народот што ја избрал, а не само во полза на својата алчност.
  • Држава во која ќе добивам соодветни здравествени услуги кога веќе морам да одвојувам средства за истите, а не да чекам со месеци за прегледи.
  • Држава во која органите на безбедност ќе ја штитат мојата лична безбедност, права и слободи, наместо да ги кршат и јас да се штитам од нив.
  • Држава во која судството ќе биде независно и бастион на Уставот и законот, а не негов гроб.
  • Држава во која ќе можам да најдам работно место според квалификациите, а не според партиската книшка.
  • Држава во која ќе можам да се образувам во образовните институции, а нема да бидам лабораториско глувче на серија неуспешни реформи и педагошки експерименти.
  • Држава во која ќе можам да комуницирам и живеам со сограѓаните албанци, а нема да бидам заложник на вештачки подгревани етнички конфликти.

Во интерес на просторот, тука ќе прекинам со “листава“ иако е многу подолга. И заедничко за сите точки е што иако ова го сакам, за јас и моите блискид а се чувствуваме како граѓани на демократска земја, сепак го немам во Македонија. Па немам ни што особено да љубам од татковината.

И тука ќе се надоврзам со вториот “оригинален“ коментар, односно “оди си ако не си чини“. Да, сакам да си заминам одовде. Затоа што не сакам да гледам како квалитетот на мојот живот и мојот потенцијал како личност, а и оние на луѓето кои ми значат, се опструирани и пропаѓаат поради самоволие на шака властодршци и нивните партиски војничиња. Но, државата ми го оневозможува и тоа. Поради неспособноста да води надворешна политика, приморана сум да останам во овој резерват кој некогаш лирично си го нарекувавме “оаза на морот“.

Бидете ми поздравени о вие патриоти полни “љубов“ и отворете ги заслепените од партиска пропаганда и лична корист очи, за да го видите грдото, рането, гнојно тело на Македонија. И одете да ѝ помогнете со дела, а не со фрази. За да има што да се сака од неа.

© 2013 Инес Ефремова, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.