Вистинското „Eвангелие“ според „Фокус“!

Го купив новиот број на седмичникот „Фокус“! Дали нешто ми стана појасно? Ако да – што, ако не – добро, сѐ е по старо. Е тоа е страшно – навикнувањето на злото и велењето: „Добро, сѐ е по старо!“

Си седнав на омиленото ми место за пиење кафе, каде што седнувам само еднаш во месецот, на денот кога ќе ја добијам мизерната новинарска плата за стотте илјади работни места што ги работам како медиумски аргат. Си го прочитав „Фокус“ во еден здив! Сакав уште! И уште! И сакав некој да ми ги врати изгубените три месеци!

Не дека нема сироти медиуми (во кои, во два работам како надворешен соработник, а во друг редовно) што се борат во гладијаторската арена, преполна со бронзени лавови, кои за чудо големо фрлаат вода и ве оставаат да се удавите во неа, но сепак – „Фокус“ 18 години ми создаваше пријатно чувство дека кај нас има новинарство кое се пишува со голема буква „Н“! Растев со „Фокус“. Веројатно и пораснав со „Фокус“.

Прво растев со стрипот, зашто на 8-10 годишна возраст ми беше интересен, а година подоцна кога почнав да работам во медиум, на моја лична (не)одговорност и тинејџерска идиотштина,  почнав да ги читам и сериозните написи, што во тоа време го „јадеа“ Бранета, па Љубчо, та сега и Груевски. Да, бев многу мал тогаш, но може затоа сега се чувствувам како да имам 86 години, наместо 26 како што ми е редот. Но, сепак читав, секојпат – начекувајќи го новиот број во тоалетот и ги читав страниците што дедо ми и татко ми ги оставаа, за да ги дочитаат, при следниот „повик од Природата“. Вам лага – мене вистина, но, од оваа дистанца – реална ми е компарацијата, дека тоалетот ме асоцира на денешна Македонија – полна фекалии, а „Фокус“ ми делуваше како „освежувач“, иако сепак тоа беше тоалет. Значи – време му е да се префрли во некоја друга просторија од домот. Време е „детето на Младенов“ вон институциите, како општествен набљудувач, да застане повторно на нозе, како вистински граѓанин со кристално чиста идеја како сака да живее во Република Македонија – државата, во која критички настроените медиумите, страдаат константно на видливи и невидливи начини.

Дали нештата почнаа да ми стануваат појасни, по три месеци пауза? Дали старо-новиот тим успеа да ја задржи идејата на Никола Младенов, со започнувањето на приказната, под наслов „Фокус“? Дали Младен, Мери, Јадранка, Офелија, Владо, Мулачка, Влатко, Валентина, заедно со колумнистичката и графичко-уметничка Мохиканска гарда останаа доследни, за нештата да ми бидат појасни? Да! И тоа ме радува! Искрено.

Седејќи спроти кич-конструкцијата од Спомен-куќа, посветена на Мајка Тереза и спроти местото каде што анти-фашистите и крстоносците биеја битки за надреални фронтови, кои не водат никаде – коинцидентно ми беше, тоа што на насловната страница се наоѓаше баш распнатиот, нов градоначалник на општината Центар (која веројатно сега ќе добие епитет на упориште против власта) Андреј Жерновски, а под него „гордо“ стои насловот што боли: „Евангелие по Груевски“. „Евангелие“, што неколку режимски држави веќе го прочитале, а ние сме ги сожалувале.

Ја гледам таа пуста црква, што не ми ветува мир поради неславниот почеток на градењето нејзино – та го гледам пусти Жерновски со венецот од трње и растечени жолчки и се прашувам – дали има смисла да се бориме? Од каде овој чудесен народ има желба за оптимизам и надеж за виреење пирејско? Од каде, кога главните гласила на настаните умираат – буквално и бајковито, како да глумиме сценарио режирано од Тим Бартон!?

Си отиде А1 ТВ, замолкнаа половина од тамошните новинари, си отиде Н. Младенов, го уапсија Т. Кежаровски, се „инфарктираше“ Р. Беличанец, го паузираа „Фокус“, испобркаа и „исчистија“ сѐ живо и диво, се прават промени на работни позиции, по нечиј терк и желба за роденден…

А ние – сѐ уште се бориме. Сѐ уште се обидуваме да фатиме еден од 8-те зраци што сјаат на државното знаме. Не дај Боже да ни притекне да фатиме некој зрак од Вергина. Пу, пу – скраја да е. Отидовме бестрага.

Гушкаме, бакнуваме, протестираме, дебатираме, разговараме, бараме, потпишуваме, говориме, приложуваме факти, докази, предвидувања, но – сѐ некако тоа си оди како во тишина – како во самрак, што дочекува тешка зора. Како допрва да ни следува мракот, што ќе нѐ измачи и оцрни, чекајќи зрак од Сонцето на чудесната мајка Македонија. Македонија – библиската земја на Сонцето!

И така – листајќи низ страниците на 927-то издание на „Фокус“ – си мислам дека некои некаде, по сите агли на оваа држава, ќе речат: „Еве ги овие соросоидиве – повторно само на власта се нафрлиле да плукаат!“.

Па по кого да плукаат?! По замрени политички фигури? По умрени и лустрирани кодоши? По опозициски партии, кои се вид во изумирање? Или по оние што ја држат уздата на бронзените коњи, чиј задник е зариен в земја?

Кога бевте во училишниот систем (основно, средно, факултет), каде што за прв пат се учи за плурализмот и демократијата во денешните општества, по кого плукавте дами и господа, кога нешто не ви беше по ќеиф? По инстанците кои ви го диригираа образовниот систем? М? Или по претседателите/ките на класовите, одбрани од вашите редови, кои биле (веројатно!) рамни на вас? Не плукавте по соучениците/ките што немаа никаква функција во класот! Кој ве оправдуваше кога бегавте од часови? Дежурниот/та ученик/ка? Кого обвинувавте кога ќе ви „заштрафеа“ неоправдан? Дежурниот/та ученик/ка. Ако бевте дискриминирани како клас, велевте дека класниот/та раководител/ка не се грижи за вас.

Но, добро – нормално е да не знаете што ви прават тие коишто ве владеат, затоа што уште во училишниот систем, не ја разбиравте тежината и моќта на функцијата претседателска на класот. Ја разбираа само тие кои стапуваа на неа, зашто беа – веројатно, или најгласни или со сите петки. А ги бираа послабите.

Така е и со граѓаните, наспроти државниците. Ги бираат тие коишто мислат дека се доволно силни, да се носат со функцијата за која се кандидираат или кои имаат високо образование – оти по правило, тоа носи сигурност. Освен ако немате завршено на некој македонски факултет, отворен за време на „Преродбата“. Но, како и во образовниот систем, така и во општествениот – некогаш само ја креваме раката, гласајќи „за“, како што и заокружуваме бројче на гласачко ливче, само поради тоа што имаме интерес, со оној којшто го гласаме. Да извлечеме корист! Што ни е гајле за имањето сѐ, кога би било цело!

Единствено – како во образовниот систем, така и во општествениот – има некои „налудничави“ и чудни фаци, кои сѐ нешто се бунат, противат или „закераат/цепидлачат“ за нештата кои се случуваат околу нив, само оти тие сакаат да станат појасни за пошироките народни (или во аналогијата – образовни) маси. Е тие чудните и „налудничавите“, кога ќе пораснат, работат како новинари, или како и да се нарекуваа таа професија денес во Македонија. Секако дека и меѓу нив има такви, кои се врзуваат со фаворитите при гласање, но, верувале или не – има и такви, кои не се врзуваат со никого, алтруистички верувајќи дека, со своето битисување можат да помогнат секому при подобрување на општественото живеење. Тоа, според Библијата на која се повикуваат крстоносците во државава (како ќелавион перверзник, Апо од Велес), се нарекува „човекољубие“. Но, од моето лично искуство и познавање на многу крстоносци – немам сретнато ниту една личност, којашто како најголем верник во Бог, ја има прочитано Библијата. Тие кои ја прочитале и кои ги знам (вклучувајќи се и себеси) – не се крстоносци.

Па како тогаш да верувам дека крстоносците знаат што прават? Како да верувам во човек што се колне врз Светото Писмо, а притоа не го прочитал? Затоа верувам на тие, кои знаат во што веруваат и кои изминале доволно „фекални канализации“, сакајќи да ги затнат, за никој друг да не се засмрди. Затоа верувам во „Фокус“ и во сите тие кои веруваат во него. Оти јас сакам нештата да ми бидат појасни. Оти сакам да прочитам и да научам од туѓата судбина. А не да ме заследи карма, која не ми припаѓа. Која поради туѓа идиотштина, мене ќе ми враќа „кучкински“!

P.S. Сѐ има свој светол почеток и светол крај. А на средина е злото, темното, лошото, грдото и неубавото.

Тунелот започнува со светлина, преминува во темнина, која е долга во зависност од потребите, а завршува повторно со светлина.

Многумина што нѐ сакаат се со нас кога ќе се родиме и многумина што нѐ почитуваат се со нас кога ќе умреме. Но, малкумина се тие кои нѐ дружат додека живееме, а веруваме во нив искрено.

За тие останатите – слободните новинари се грижат да дознаеме што ни мислат, исто како што осветлувањето во тунелот, нѐ води низ темнината, до излезот. Затоа, да го потпомогнеме одржувањето на светлото во тунелот.

© 2013 Огнен Јанески, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.

Comments
  1. lili
  2. Анонимен