Весник заробен во шише

Microsoft, Google, Apple и други големи компании ќе ве наградат со десетици или стотици илјади долари ако ги критикувате и им ги предочите грешките. Критиката е моторот на развојот на цивилизацијата, тоа го имаат прифатено западните демократии и корпорации како и другите сегменти од општеството.

Но, ако ја критикувате власта во Македонија ризикувате да добиете различни непријатности во различни форми на казни, кратење одредени права кои ви следуваат според Уставот и законите, деградирање,…

Мерна единица, главен критериум, лакмус за постоење или не постоење функционална демократијата, е слободата на говор, која во современите функционални демократии, се мери според степенот на независност на медиумите од политичките и економски центри на моќ.

Слобода на говор не е ако застанеме на улица и да зборуваме што сакаме, впрочем тоа го имало и во времето на најголемите автократии и диктатури.

Одговорноста на медиумите во функционалните демократии е голема, токму затоа тие се сметаат и за четврта власт. Секоја Влада која ѝ посакува добро на државата, а со тоа и посакува да биде успешна, во најмала рака, не создава пречки за да функционираат слободно медиумите.

Иако, тенденциите на секоја Влада се да не биде критикувана, секоја паметна власт, преку корегирање на своите политики и изразување благодарност за помошта што е добиена од медиумите, критиките ги трансформира во предност. Токму тоа е случај со Барак Обама, кој од критиките создава политички кредит.

„Продакшани“ или трговци поединци за лажење и манипулација на јавноста

Поголем проблем од притисоците на Владата врз медиумите, е проблемот на полтронството на медиумите кон Владата кои во трката кој повеќе да ја фали ѝ прават и штета. Пример е писмото упатено до премиерот од семакедонско-вселенски патриотски новинар Слободан Томиќ од пред неколку години, кое го објавија некои медиуми.

Мене не ме изненадува ниту ме загрижува ликот на овој семакедонско-вселенски патриотски новинар. Секогаш и секаде постојат вакви манипуланти на јавната сцена кои немаат никакви вредности, ниту пак разбираат што е десничарска, либерална или левичарска идеологија. Тие се во поход да ги искористат своите пет минути за кои ниту сонувале.

Токму затоа се најлоши – ќе им дадеш прст, ќе ти земат цела рака. Тоа најубаво го знаат во Владата. Еден функционер од трет ешалон во неврзан муабет за семакедонско-вселенските патриотски новинари ми вели: „Почнаа со прилози во кои нѐ фалат како власт, прилози од кои, ние барем што сме во пониските ешалони на власта, се срамиме или пак се исмејуваме. Додека ние си правиме шеги на сметка на семакедонско-вселенските патриотски новинари, тие веќе почнаа да си основаат некои си свои „продакшани“ (фирми за продукција на програми/емисии), и почнаа да бараат пари без усул.

Ваквите „продакшани“ денеска се трговци поединци за лажење и манипулација на јавноста.

Жално е кога во брилијантна кариера зборот „шише“ ќе биде клучен

Дневниот весник Дневник беше во сопственост на германската компанија ВАЦ. За Македонија купувањето на Дневник, Вест и Утрински од ВАЦ беше надеж дека ќе се создадат услови за подобро работење на новинарите и прогрес во слободата на медиумите.

ВАЦ си замина, но на чело на компанијата која ги купи весниците од ВАЦ остана истиот менаџер, Срѓан Керим, дипломат, поранешен министер, претседател на Собранието на ООН и дежурен претендент да се всели во претседателската палата на Водно.

Жално е кога една ваква кариера, до пред неколку години почитуван и угледен граѓанин во државата, ќе заврши со некоја афера која е именувана со зборот „шише“. Кога ќе го внесете неговото име на пребарувачот Google, резултатите што излегуваат од претрагата, ги засенуваат успесите на Керим: „Пари во шише на МПМ“, „УЈП ја доби анализата на случајот „пари во шише““, „УЈП води постапка за аферата “750.000 евра во шише“ на МПМ“, „Возачот на Керим носел легални пари во шише кај унгарската граница, тврди УЈП“.

На интернет ќе најдете уште десетици слични наслови во чии текстови во главна улога е името Срѓан Керим.

Сум ги слушал и читал ставовите на Керим во низа интервјуа и колумни, кога го слушаш чиниш мед и млеко му извира од устата кога зборува за слободата на медиумите на компанијата на чие чело стои и за тоа како менаџментот не се мешал во уредувачката политика.

Ако ги споредиме принципите и умешноста на менаџментот на компанијата која го поседува Дневник со медиумските компании во ЕУ, меѓу кои и во Германија, ќе заклучиме дека менаџментот нема капацитети да управува со медиумска компанија согласно почитувањето на кодексите за слободно и објективно информирање, согласно принципите прифатени од ЕУ, Советот на Европа и други меѓународни институции.

Посебно запрепастува што во импреусмот ќе прочитате дека претседател на УО е Срѓан Керим, личност за која сум убеден дека многу добро ја познава проблематиката, но еве јас се правам за момент на „удрен“ и се прашувам, што ли може да биде причината да не ги стави во функција своите капацитети за да направи од весниците, конкретно во случајот Дневник, угледен, влијателен и почитуван медиум.

Мојот весник

Во продолжение ќе пишувам хипотетички, односно кога јас би поседувал дневен весник, според форматот на Дневник.

Јас не би дозволил во мојот весник главниот и одговорен уредник да има мачнини во обидот упорно да го слушне тоа што тој сака да го слушне во некое интервју во видео формат од политичар дадено за друг медиум, а кое му е тема во негов коментар, притоа дополнително јавно се жали на големите маки на кои се ставил.

Ако се случи тоа, ќе побарам под итно мојот весник да се извини јавно и тоа на насловна страна. Ќе побарам да се стави на дневен ред и оцени работата на главниот и одговорен уредник, и да се спроведе интерно истражување што допринело за таквото однесување на главниот уредник, а со цел мојот весник врз основа на факти, да му се заблагодари на главниот и одговорен уредник за соработката.

Причините за вака да постапам се за да го зачувам угледот на мојот весник и да спречам финансиски штети кои може да го доведат на работ на успешно работење.

Ќе се откажам и од периодични бенифиции кои би ги имал мојот весник ако тие се на штета на неговиот углед на долгорочни основи. Особено што за медиумите корпоративната општествена одговорност е посебно важна, поради нивната улога во општеството.

Јас не би дозволил на читателите на мојот весник да плаќаат да го купат и притоа за нивните пари да им продавам лаги, манипулации и да ги доведувам во заблуда. Напротив, треба да им пласираме објективни вести и да трагаме и објавуваме вистина.

Овие мерки ќе ги преземам и од стравување од можноста компаниите кои се рекламираат во мојот весник да се повлечат, бидејќи тие може да одлучат да ги повлечат рекламите и во случај тиражот на мојот весник да биде задоволителен. На ваквото размислување ме упатуваат и моите искуства кои сум ги добил во Германија.

Имено, компаниите во Германија не се рекламираат во рекламен простор во кои има содржини кои се спротивни на пишаните и непишаните правила за објективно информирање. Бидејќи читателетите ако почнат да се сомневаат во начинот на известувањето, тогаш истиот впечаток ќе го имаат и за пораките кои се праќаат преку рекламите за квалитетот на производите и услугите на компаниите кои се рекламираат и за тоа плаќаат пари, а притоа ризикуваат да си навлечат негативен имиџ.

На овој начин главниот и одговорен уредник може да го доведе мојот весник до финансиски колапс. Токму затоа ќе инсистирам тој под итно да биде разрешен од функцијата. А истражувањето што го спомнав погоре за работата на главниот и одговорен уредник и уредувачкиот тим, е со цел да се испита дали постои некоја спрега со некои политички или финансиски центри на моќ од кои тој добива бенифиции на штета на мојот весник.

Да заклучам дека нема да дозволам во мојот весник главна преукупација да бидат состојбите во опозицијата, туку работата на Владата, без разлика кои партии ја сочинуваат, бидејќи само така ќе ја исполнуваме мисијата за слободно и одговорно новинарство.

Нема да дозволам уредувачкиот тим на мојот весник да биде во стаклено шише, односно ѕвоно и да биде заслепен и глув за работата на Владата, а притоа да ги има ококорено очите и начулено ушите само кон опозицијата и на дневна динамика да се грижи колку била слаба опозицијата и да ѝ го бере гајлето како ќе ја освоела власта.

„А медиумите како впрочем и граѓаните најдобро ја исполнуваат својата патриотска должност кога ја бранат државата од својата Влада“ е мисла кажана од американски теоретичар.

P.S. „Опозицијата се однесува како еден наш јужен сосед, ја кочи интеграцијата на Македонија“ – оваа реченица е дел од еден ТВ-прилог. Прилогот завршува, и програмата продолжува со шпица; „време е за најуспешните“, на малите екрани се емитува некоја реклама од некоја компанија, за некои пакети за телефони, рекламна порака за ефтини пакети итн.

Како гледач заклучувам дека не може опозицијата да биде моќна да стави вето на самитите на ЕУ за нашата држава да ги почне преговорите, а од каде новинарот дошол до таква споредба.

Токму затоа јас не верувам и на рекламата што следува после ваков прилог, бидејќи во мене се создава сомнеж во сите содржини што се емитуваат преку таа телевизија.

Без разлика што ќе убедуваат и по цена пена устата да им фати дека реклмата била одделена од информацијата. Лагата, на која ѝ се кратки нозете, не може ништо да ја покрие. Една поговорка гласи: Со кого си таков си!

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.