Трагикомедија: На „Аминта трети“ се прогласи крај на западната цивилизација

Крајот на западната цивилизација е прогласен на „Аминта трети“, во срцето на Скопје, а јавно се обзнани преку весникот на македонскиот „Дери-паска“. Прогласот гласи, цитат: „Западот ја укина демократијата, човековите права, го суспендира меѓународното право, ги поништи темелните акти за слободата и човековите права“. Веројатно до ваквата констатација е дојдено после сериозни длабински анализи и истражувања од страна на добро познатите членови на „школата“ со седиште на „Аминта трети“, после групно читање и консултирање литература. Овој тип на литература и начинот на нејзино конзумирање хумористите од К-15 ја опишаа во скеч кој е многу популарен.

„Школата“ за геополитика со постојано заседание на „Аминта трети“ прогласи крај на западната цивилизација врз основа на случајот со Едвард Сноуден, соработникот на безбедносните служби во САД, кој побегна и сега бара азил, Џулијан Асанж, кој е „заробен“ во амбасадата на Еквадор во Лондон, додека пак поранешниот војник во армијата на САД Бредли Менинг е во затвор, и го чека судење. Трите случаи се поврзани со издавање строго доверливи информации од американските безбедносни служби.

Томе Аџиев и Едвард Сноуден

Овие случаи ги потресоа САД, тоа е факт, но не е ништо ново, ниту нешто што прв пат се случува. Од кога постојат државите, постои и меѓусебно шпиунирање, токму затоа имаат изградено цели служби и системи за заштита на нивната безбедност како и механизми за реализација на политичките и економските интереси надвор од нивните граници. Нема потреба за објаснување за бројните афери кои избувнале како резултат на откривање шпиунски случаи меѓу бројни држави, кои биле инспирација за многу книги и филмови на оваа тематика.

Случаите со Сноуден и Асанж добија големи размери бидејќи интернет технологиите колку се полезни за користење во функција на шпиунската активност на државите, од друга страна можат да бидат многу ранливи од безбедносен аспект. Најдобронамерно би им ја препорачал на стратезите од „Аминта трети“ да го внесат името на Асанж на преабарувачот Google и да прочитаат сѐ за него, од раѓањето до денеска, исто така и да ја прочитаат книгата: „Џулијан Асанж – неавторизирана биографија“, испечатена 2012 година. Да се запознаат со минатиот труд на Асанж и неговите заслуги за интернетот да биде достапен не само за владите и корпорациите, туку и за секој граѓанин како основно човеково право. Токму затоа Асанж е еден од моите идоли.

Борбата за слободен пристап до интернет за граѓаните на запад е почната од крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите години од минатиот век. Асанж е еден од најистакнатите активисти кој останал до денеска да се бори за тие идеали, за разлика од другите кои денеска се милионери и милијардери, затоа што своите знаења во ИТ-технологиите ги искористиле за креирање бизниси. Од миљето на овие борци за слободен интернет, произлезени се PayPal, и други големи онлајн бизнис модели во светски рамки. За разлика од нив, Асанж продолжил да живее со два ранци на грбот во кој има два лап топ компјутери и долен веш.

Да сме ние саглам држава досега Томе Аџиев, но и многумина други кои имале достапност до доверливи информации за државната безбедност во минатите години, ќе беа зад решетки, бидејќи и да бараа азил, тешко дека некоја држава ќе им даде, затоа што кога тие си ја ѕидале својата држава, ретко друг да ги посакува, освен ако нема од нив конкретна полза. Сосема е природно секоја држава да си ги чува информациите од безбедносен карактер како очите во главата.

Ваквите манипулации не само што се погрешни, туку се и спротивни на интересите на државата, кои се пласираат во јавноста и прават многу штети.

Мислат дека ЕУ и САД се рајот на земјата-и се разчаруваат

Државите во ЕУ како и САД, не се рајот на земјата, затоа што тој ниту постоел, ниту пак ќе постои, затоа што тоа не кореспондира со човековата природа.

Зачудува незнаењето или пак намерното пласирање погрешни информации за состојбите во ЕУ. Прво, никаде не може да прочитате, слушнете, или добиете ветување дека со зачленувањето на некоја држава во ЕУ, веднаш во неа ќе потече мед и млеко. Тоа не било ниту пак ќе биде во ЕУ, или пак со било која друга организација на здружување на држави. Со зачленувањето во ЕУ се засилува процесот на градење поправедно општество.

Притоа критичарите на ЕУ ги набројуваат Бугарија и Романија кои се членки, но состојбите во овие држави не се подобриле многу. Да се сложувам, тоа мислење го делат многу влијателни аналитичари и политичари од државите на ЕУ. Причините за тоа се слабите перформанси што ги имаат Бугарија и Романија како држави пред да се зачленат. Со зачленувањето во ЕУ, процесот на устројување на овие држави е забрзан, отколку кога тие не би биле членки на ЕУ и денеска. Ако беа надвор од ЕУ, зарем ќе беа во подобра состојба.

Зарем не е добро тоа што ЕУ и покрај таквите перфоманси на овие две држави, сепак ги прими во свое друштво, и во нив инвестира милијарди евра пари за нивно зајакнување и развој. Исто така, е познато дека овие пари не се докрај целисходно искористени, можело многу, многу подобро, но пак да нагласиме, дека нема идеални состојби, тоа е случај само во рајот, ако и тој постои.

Поставена е дијагнозата за финансиската криза-следува терапијата

Во оваа прилика ќе наведам неколку процеси кои се во фаза на подготовка и реализација и кои ќе водат кон решавање на финансиската криза во ЕУ и зајакнување на економското партнерство меѓу ЕУ и САД.

На последниот самит на Г8 (најразвиените држави во светот плус Русија) што се одржа во Северна Ирска пред околу три недели, се постави на дневен ред прашањето за борба против даночното затајување, да се стави крај на даночните раеви, каде што се складираат неоданочени милијарди евра и долари кои потоа се основаат разноразни фондови и се нудат во форма на позајмици на владите.

Кратко кажано, дијагнозата за проблемот на финансиската криза е поставена, лекот е познат – кривично гонење на разноразните банкари, финансиски могули со меѓусебна соработка меѓу државите. Најистакнат промотор на ваквите политики е англискиот премиер Дејвид Камерун кој веќе презема конкретни чекори во оваа насока. Ќе го споменам случајот со истрагата што се води против менаџментот на компанијата „Шел“ и на кои им се заканува затворски казни заради даночни затајувања.

Во САД, даночните истраги во компаниите Apple, Microsoft и други гиганти открија дека затаиле данок во висина и до 100 милијарди евра кои биле складирани во некои острови кои важат за даночни раеви.

Германските власти неодамна инвестираа неколку милиони евра за откуп на податоци за нејзини државјани кои имаат сметки во швајцарски банки во милионски износи на евра за кои не е платен данок во Германија. Веќе се почнати и судски постапки, но обелоденувањето на ЦД-то со податоци на иматели на вакви сметки, резултира со приливи на милијарди евра во Германија и со нивното оданочување касата на државата се наполни. Што значи дека операцијата „стравот го чува бостанот“ на германските безбедносни и финансиски власти ги даде резултатите.

Во тек се водат преговори за склучување на бесцаринска трговија меѓу САД и ЕУ што значи дека повеќе од две третини од светската економија и пазар ќе биде во унија, на која нема да ѝ има конкуренција на планетата. Најсовремената технологија, најголемиот потрошувачки пазар кој ќе брои безмалку милијарда жители ќе биде скоро обединет.

БНД оцени дека САД ќе бидат неприкосновени и следните пет децении

Во една од анализите подготвена од БНД – разузнавачката служба на Германија, стои дека САД и во следните 50 години ќе бидат доминантна светска сила бидејќи нејзината економија и развој за 15 до 20 години нема да биде зависна од увоз на нафтата, како што е случај досега главно од државите на Блискиот Исток, Јужна Америка.

САД развиваат технологии за обновлива енергија и со користење на нејзините резерви, потребите за енергенси ќе ги задоволува од домашните ресурси. Оваа стратегија е изготвена во текот на првиот мандат на Обама, и затоа да не ве чуди што тој не се преукупира со Израел и Палестинците. Сте слушнале да биде топ вест во светот конфликтот меѓу палестинците и израелците, одговорот е не, и кој ги следи геополитиките тоа му е јасно зошто е така.

САД се преукупирани за демократизација на арапските држави за да бидат потрошувачки општества на технологиите на америкаснките и европските компании. Сега е борбата за потрушувачи, а не за енергенси, затоа САД се фокусираа кон Далечниот исток и инвестираат и во државите во Африка да го забрзаат нивниот развој и зголемат стандардот на тамошните жители. Не случајно САД вложуваат милијарди евра помош за развој на аграрот во дел од африканските држави.

П.С. За дополнителни лекции на тема геополитика за членовите од „школата“ на „Аминта трети“, се наплаќа.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.