Според Google Мирка е кабинетски инвентар на Бранко

Мирка Велиновска, не е некоја си Мирка, како што таа мене ме именува во нејзиното последно писание во Нова Македонија. Ако го ставите нејзиното име во пребарувачот Google, ќе излезат информации од кои може да заклучите дека зборот Мирка е име на инвентар во некој кабинет поврзан со името Бранко Црвенковски.

Google е машина и не може информациите што ни ги дава да ги земаме како такви кои механички ги прикажува овој пребарувач. Затоа е потребно повеќе да се истражува. Во текстови од архивите на медиумите и интернет форумите има информации дека Мирка била голем поддржувач на Бранко Црвенковски, впрочем тоа и не е грев. Гревот кон новинарската професија и јавноста Мирка го прави подоцна кога Црвенковски е во опозиција, а Мирка Велиновска не поднесува да биде дел од опозициска атмосфера и опозициски кабинети, затоа преминува во локациите каде е концентрирана моќта што ја даваат државните функции.

Такво трансферирање треба да се одработи преку фрлање дрва и камења притив тој со кој што, се вели, до вчера седела на иста маса. Притоа блискоста со него ја трансформира во предност, како негов голем познавач, за да се истакнува како релевантен критичар специјализиран за Црвенковски. Идеолошки трансферот се обидува во јавноста да го замачкува со лично разочарување од Црвенковски. Мирка почнала да се разочарува во Црвенковски откако тој веќе не е премиер.

Според ваквото нејзино искуство и поведение се наметнува прашањето дали следно разочарување на Мирка ќе биде од сегашниот премиер Груевски кога тој ќе биде во опозиција. Наравоучение за секој политичар: Да платиш и замолиш за да не те фали или брани Мирка.

Токму ваквиот развој на кариерата на Мирка Велиновска ја доведува во непридродна ситуација, да мора секогаш да ја критикува опозицијата, иако главната мисија на новинарската професија е власта да биде изложена на острото перо и јазикот без влакна на новинарите.

Токму затоа имам големо разбирање за тешкотиите кои ги има Мирка Велиновска поради нејзините амбиции да биде блиска со некоја власт и воедно да биде почитувана и угледна новинарка. Во Македонија е лесно да се биде близок со некоја власт, но вистински предизвик е да се биде угледен новинар, на кој граѓаните ќе му веруваат а секоја власт ќе стравува од неговиот пишан или кажан збор. За жал во нашата држава, тоа го немаме како што го има во западноевропксите држави.

Симпатично ми е пиењето кафе на Мирка и нејзините другарки и другари

Немам проблем со Мирка и нејзините другарки и другари со кои таа пие кафе, туку напортив, баш е симпатично да се пие кафе и да си разговара за тоа дека Русија е помоќна од Америка, впрочем тоа како деца сме го правеле, а и илјадници луѓе секој ден си тераат такви муабети пред коперација, во кафеана, на пазар, улица….

Проблемеот е кога ваквите муабети подоцна се печатат и се презентираат како анализи за состојбите во светот со намера да се креира перцепција во јавноста дека ЕУ, САД, НАТО, ООН и други организации, институции, западни држави, се во длабока криза, штотуку не се распаднале.

Такви памфлети се печателе во поранешниот Советски Сојуз и другите држави од источниот блок преку кои се ширела пропаганда дека луѓето во западна Европа и САД гладуваат, дека државите се во голема криза. Типичен пример за тоа е ДДР, тамошната комунистичка власт која ги контролирала 100% медиумите, главни вести биле дека нивните сонародници од другата страна на берлинскиот ѕид гладуваат, живеат во голема сиромаштија, има голем криминал, дека западните германци сакале да избегаат во источна Германија, а не обратно.

Токму затоа секогаш се обидувам да допринесам во рамките на моите можности за Македонија да не биде на погрешна страна како што била многу често во историјата за подоцна да биде предмет на пазарање меѓу посилните држави.

И јас имам право да ја сакам мојата Татковина и да работам за нејзиното добро, тоа право не е сопственост само за мал круг луѓе, туку го имаат сите граѓани.

Не се работи за мене лично, за моето образование, за моите способности за анализирање и донесување заклучоци, туку се работи за факти кои немаат врска со мене лично, туку со интересот на Македонија.

Впрочем, ако се навратите наназад изминатите 50 години како функционирал меѓународниот поредок, ќе најдете многубројни прекршувања на меѓународното право, на воспоставените принципи, различен третман кон државите.

Зарем Палестинците не заслужуваат да имаат суверена држава и тоа уште кога се основала државата Израел, Курдите зарем не заллужуваат своја држава, како можело да се случи апартхејдот во Јужно-африканската држава да опстојува десетици години. Многубројни се аферите на меѓусебно шпиунирање меѓу државите, исто така и афери кога и влади во демократските држави, ги прислушувале своите граѓани, како и многу други случаи на неправда.

Прислушувањето на граѓаните од власта во демократските држави е афера, скандал, следат политички и правни санкции, додека во автократските држави и во тие каде има диктатура, прислушувањето и шпиуинрањето на своите граѓани е само еден од методите на владеење.

Од кога се воспоставила демократијата светот не постана идеално место за живеење ниту пак ќе биде, туку целта на прогресивните делови од човештвото е да го направат светот подобро место за живеење од вчера.

Мирка пишува дека не сум ги препознавал симптомите на политичката смрт на западната демократија. Јас не признавам смрт на демократијата, туку само борба за демократија.

Мирка прави превид, ненамерен или намерен, се прави на „удрена“ бидејќи треба да ѝ е добро познат фактот кога во демократиите има криза целото општество е алармирано, постојано се дебатира на сите нивоа за да се исфилтрира решение за нејзино надминување. Тој процес е тежок, мачен, многу политички кариери завршуваат во амбис, доаѓаат нови сили кои внесуваат нова енергија, тоа е начинот на кој западноевропските држави ги решаваат кризите. Токму затоа од кризата ќе излезат посилни.

Демократијата не е идеално уредување, но најдоброто што човештвото го познава до денеска, и нејзина предност е тоа што кризата регрутира нова енергија, нов потик и предизвици за решавање на проблемите.

Кризи нема само во автократските и диктаторски режими

Додека, пак, во државите во кои нема демократија, нема никогаш официјално криза. Ниеден автократ или диктатор досега не признал дека постои криза додека владее, туку ако е тешка живеачката на граѓаните, за тоа е некој друг виновен, само не и тој.

Според аналитичките дострели на Мирка, во Русија, Кина, Турција, Бразил, се раѓа или процветува демократија, а економијата достигнува светски рекорди, а сепак тамошните луѓе живеат далеку полошо отколку во државите на ЕУ и САД.

„Школата“ од Аминта Трети заговара дека западната демократија умира, а новото сѐ уште не се изродило, што ќе било сѐ уште не знаеле. А јас пак помислив дека токму на Аминта Трети ќе се исцртаат новите контури на идниот светски поредок.

Државите како Русија, Кина, Турција, Бразил и други имаат ресурси да овозможат достоинствен живот за нивните граѓани, но попусто ресурсите, ако не изградат општества со функционална демократија и правна држава. Развојот на општествата е условен од демократијата бидејќи таа овозможува најдобра алокација на ресурсите во правец на развој.

Додека пак во државите со кои владеат автократи и диктатори, постои одредено време развој додека истиот е согласно личните интереси и хирови на властодржецот, а кога ќе дојде тешко во државата, тој се фокуисра единствено на спасување на својата глава и на соработнците и украденото богатство.

Маките на Дарко

Колегата на Мирка, Дарко Јанвески, во последнта колумна во Дневик вели дека мака мачел да разбере што кажал лидерот на опозицијата Зоран Заев во видео-интервјуто за порталот „Република“.

На Дарко сѐ уште не му било јасно дека Заев изјавил „во националноста“ на Македонија, а не како што дел од медиумите му ја извртија изјавата и информираа дека рекол „двонационална“ Македонија. Дарко може да земе слушалки да слушне убаво, ако и тогаш сѐ уште му се слуша тоа што тој си посакува да го слушне, тогаш нека замоли трето лице да му каже точно како Заев кажал.

Да постои одговорен менаџмент во медиумите и функционална правна држава, овој скандал предизвикан со грубо извртување на изјавата на опозицискиот лидер, ќе предизвикаше смена по брза постапка на уредници, новинари, ќе следуваа извинувања во првата минута од телевизиските вести и на насловните страни, ќе стартуваше судски процес по брза постапка, сѐ со цел да се превенира штетното дејство на ваквата дезинформација која ѝ наштетува на демократијата во државата, бидејќи не може да постои демократија без објективно информирани граѓани.

Токму затоа и читаноста е намалена, а и тие што читаат не веруваат во напишаното и тоа како последица токму на вакви маки слични на тие што ги има главниот и одговорен уредник на Дневник, Дарко Јаневски.

И навистина да дојдат и марсовци во Македонија и вие тоа да го објавите, луѓето нема да ви веруваат, токму како овчарчето кое лажело дека волк ги нападнал овците, а кога волкот навистина нападнал, никој не се појавил да му помогне.

P.S. Навредите упатени на моја сметка со зборовите трупец, насукан, протрчал низ образованието…, не ме засегаат, исто како што не ми значи и ако се случи Мирка да пишува за мене во суперлативи. Моето образование, способности за анализирање, се потврдени во образовани институции во Македонија, на УКИМ, но и што би се рекло екстрено-надвор од државата со импакт фактор. За моја утеха Мирка му ја потцени и дипломата од Хардаврд на Барак Обама.

Магистерската титула која ми стои пред името (наскоро ќе ја заменам со доктoрска титула) е резултат на моите истражувања на тема „Македонското прашање во политиката на Германија на Балканот од 1919 до 1933 година“.

Во оваа прилика дел од документ од архивот на МНР на Германија; Германски конзулат на Германија, Солун, 7 Јануари 1925 г., Tgb. nr. 15, II gr. 65, До службата за надворешни работи, Берлин, Извештај за размената на население во Македонија

За Берлин размената на население е нечовечко и некултурно

Како што е познато договорот од Неј предвидува доброволна размена на население помеѓу Грција и Бугарија.

Во последното лето грчките жандари затворија и убија 17 селани, што е уште еден доказ дека овдешното население насилно се протерува од нивните имоти. Грчката Влада смета дека ќе ја исчисти земјата од негрчки елементи со договорот за размена на населението, но мерките на грчката Влада се без дејство. Македонското движење ќе се запре со своите активности ако Грција ги прифати барањата на македонската револуционерна организација – да се повлече од делот на Македонија кој е во состав на Грција.

Германија треба да се бори против практиката на размената на население како нешто нечовечко и некултурно. Постои опасност да се случи еден ден и државите во кои живеат Германци да бараат нивно протерување.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.