Што е слободата?

„Човекот досега преживеа, зашто беше премногу неук за да знае како да си ги оствари своите желби. Сега, кога веќе може да ги оствари, тој мора или да ги промени – или да загине.“

Вилијам Карлос Вилијамс (1883-1963)

1. Вовед

Се чудам и се крстам во име на слободата деновиве, додека размислувам за неа. Не се крстам зашто сум верник во Горнион – не сум. Се крстам во име на човештвото, кое ја добило таа слобода и која неискористувајќи ја, добило правила, прописи, закони, начела на однесување и забрани, барања дозволи, решетки, папирологии, смрт.

Се чудам и се крстам во име на сите тие кои во одреден сегмент од животот, повторно добиле слобода и повторно не ја искористиле како што треба. Не знаеле ли? Не сакале ли? Или не ја замислувале така како што им кажувала имагинацијата сопствена?

Всушност, да се има сопствена слобода, не значи да се одзема од слободата на останатите. Да, нашите секојдневни напори во Република Македонија, преку многу протести, случувања, собирање потписи, активистички движења посочуваат дека ние немаме слобода, каква што замислуваме. Дека „слободата не ни следува и дека за неа треба да се избориме“.

Но, што ако слободата ни се подари? Навикнати ли сме да бидеме слободни, барем во одредено нешто од нашето секојдневно живеење?

2. Лично искуство од конкретен и специфичен аспект за (не)имањето слобода

Како пример, ќе го земам личното искуство со (не)имањето слобода на гледачите кои телефонски споделуваат предлози, критики, пофалби, но и различни и спротивставени мислења во контактните емисии, кои сум имал можност да ги водам, во текот на досегашната телевизиска кариера.

2а. „Бумбар“ (Сител ТВ)   

Во периодот од 2008-та, па сѐ до крајот на 2010 година, по цел еден месец, во летниот период на овие години, покрај уредувањето пладневни Вести, бев и заменик-уредник и заменик-водител на тогаш контраверзната емисија на колешката Тања Атанасовска на Сител телевизија, „Бумбар“ (позната и како „Црн-бел бумбар“).

Правилата на емисијата не ги менував. Ниту имав право, како заменик на функциите – ни, пак, сакав да менувам нешто, кое носеше огромен и, веројатно најголем рејтинг на телевизијата додека постоеше.

При уредувањето, се одбираа по 5 теми, од претходниот ден, кои биле дел од дневните случувања, известени во информативната програма (Вести или Дневник) и коишто се дебатно податливи, од кои 3 од нив завршуваа на листата за избор на гледачите, во текот на 45-минутната емисија, која се емитуваше во работни денови. Гледачите, во тоа времетраење имаа можност да се јават на контакт-телефонот, со шест линии и да си одберат една од темите, за која би сакале да коментираат и притоа да дадат црн (негативен) или бел (позитивен) бумбар, како оценка на настанот за кој коментираат. Покрај, одредувањето боја на бумбарот, секој/а јавувач/ка имаше можност да си изрази мислење, во времетраење од една цела минута.

Јас токму во тоа го гледав проблемот на емисијата – имањето само една минута, за човек да се изрази јавно за нешто, односно немањето слобода на гледачите.

Човек, којшто нема медиумско искуство во тоа што претставуваат 60 секунди за изразување и, човек којшто можеби не знае што сѐ може да се каже за 60 секунди, ни, пак, има срочено правилен текст за да го направи тоа.

Во телевизиското новинарство, за една цела минута, може да кажете и пренесете (информирате) сѐ што е потребно да се каже, да се создаде јавно мислење. За таа една минута, може да срушите цела Влада, може да вивнете некого во облаците, или може да оцрните некого колку што треба и не треба. Но, тоа го знаат новинарите. Оние, кои или учеле за тоа на факултет, или имале доволно практика (како мене), за тоа да го сфатат и научат, преку своето медиумско и искуствено работење. Но, тоа не го знаат и не треба да го знаат гледачите.

Не дека не треба, зашто е тајна, туку зашто не им е тоа од работа да го знаат. Зашто, тие се главните – гледачите, кои не треба да имаат срочено текст за да се искажат, ни, пак, треба да се стручни во јавување во контактни емисии, какви што луѓе и постојат кај нас, како на пример: Венцислав Кавраков од Центарот за развој на јавното мислење од Ш(ќ)ип, Македонка од Велес, госпоѓа од Скопје (секогаш анонимната), Митре од Битуше, покојните дедо Иљо од Охрид и госпоѓа Цвета од Штип, Николче од Кичево, Лоза од Куманово, тетка Драгица од Прилеп, Гарибалди или Тале Клисаро од Прилеп.

Иако овие примери, после толку искуство со јавувања во контактни емисии, веќе би требало да знаат како да се однесуваат, сепак, токму тие забораваа дека во „Бумбар“ имаа по една минута за коментар на една од трите теми. Но, сепак, вака или така – како водител, имав право, доколку останат подолго на линија од една минута, да ги исклучам, зашто се знаеше дека постои правило на времетраење на коментарот.

– Коментар:

За оваа емисија, сметав дека премногу ги ограничува гледачите. Им ја ограничува слободата на изразување, поради имањето конкретна, одредена минутажа за споделување коментар за темите. Зашто гледачот не треба и не може да се изрази себеси во една минута, како новинарот, поаѓајќи од фактот дека темите на разговор не ги „вари“ на начинот на којшто ги „варат“ новинарите, последователно со текот и развојот на настаните во општеството.

2б. „Очи в Очи, со Огнен“ (24 Вести ТВ)

Година ипол подоцна од моето доаѓање во телевизијата „24 Вести“, каде што веќе водев контактна емисија со гости и со гледачи („24 за Животот“), се создаде слична емисија на „Бумбар“ (Сител ТВ), под наслов „Очи в Очи, со Огнен“. Емисија, на која од почетокот (8-ми мај 2013) и тековно, сум уредник и водител. Емисијата има свое времетраење од 30 минути, во кои се претставува една тема на почетокот, која се одбира од тековните настани во политиката, економијата или општествено-дебатните случувања, за која тема, може да се јави кој сака, на некој од двата телефонски броја и да го каже своето мислење, конкретно за темата и дополнително доколку сака да даде некој предлог, некоја критика или пофалба.

При создавањето на емисијата, не дозволив да се постави стриктно времетраење на секое јавување, зашто сметав дека со тоа се ограничува слободата на говорот, се создаваат „пранги“ на гледачите, кои не можат да се изразат во конкретна минутажа, така како што сакаат. Притоа, мислев токму на гореспоменатата аналогија меѓу гледачите и новинарите.

Но, со текот на времето што е изминато (скоро цели 3 месеци), гледачите ме доведуваат до ситуација, да морам да создадам песочен часовник, кој ќе им дава одредено време за зборување. Всушност и тие самите бараат да се постави минутажа на јавувањата, зашто некои гледачи (како Кавраков, Тале Клисаро’ и госпоѓа Лоза) не оставале доволно простор за останатите. Ми велат дека рејтингот на емисијата паѓал, а со тоа и квалитетот, токму поради нив.

Упорно и упорно, одбивам да поставам тајмер, којшто ќе го брои секој нивен збор. Којшто ќе им биде пранга, во услови на немање општествена демократија со неоптоварена мисла во јавноста. Но, во една емисија, баш искоментирав, дека „кога се дава слобода некому, доколку не се знае да се искористи – се поставуваат правила.“, и токму благодарение на тоа, веројатно и ќе морам да поставам одредени правила, доколку до Септември, не успеам да ги „научам“ гледачите, дека и покрај немањето одредени правила и имањето комплетна слобода, да зборуваат дури и за тоа што не е тековна тема, мора да ги почитуваат останатите гледачи, кои исто како и нив, сакаат да се јават и да си кажат што имаат.

Понатаму во текстот, доколку сакате – читајте, доколку не, не читајте. Првите два дела ми беа важни, можеби зашто сакав да си ја „измијам совеста“ за поставувањето пранги во емисијата. Третиот дел, веќе е личен труд на собрани објаснувања, мисли, историски податоци и лично гледиште за тоа што е слободата.

3. Што е слободата?

Многу автори, философи, логичари, научници, уметници и граѓани/ки, селани/ки раскажувале за слободата. Каде и да прочитате, погледнете или слушнете, ќе најдете симболики кои асоцираат на слободата, ќе најдете многу синоними на слободата (преносни или директни). Но, нема да најдете антоними. Не постои директен антоним на слободата, освен такви антоними, кои имаат преносно значење. Спротивен збор, кој означува (не)слобода – нема. Во нашиот, или пак, во англискиот јазик, со којшто компаративно истражував.

За антоними на „слободата“ се сметаат поимите: одговорност, импотентност, слабост, неспособност, неможност, забрана, ограничување, воздржаност, екстремност, резервираност, тешкотија, поробување, затворање, рестрикција (рестриктивност), владеење, власт, комунизам, ропство, сервилност (слугување), сузбивање, подреденост, затвор.

Постојат и други „антоними“, но, главните кои се набројуваат во однос на слободата се токму погоре наведените, кои означуваат немање слобода, само во одреден сегмент од животот, но, не и целосна спротивност. Како што може да се забележи од примерите, не постои директна спротивност во ниту еден од антонимите кон „слободата“, како на пример што постои кај состојбата „сит“ и спротивна на неа состојба „гладен“. Или „жив“ и „мртов“.

Интернет-страницата www.makedonski.info, што ја сметам за доста релевантна, кога станува збор за македонскиот литературен јазик (зашто е составувана од релевантни извори на факти за јазикот наш) за слободата вели вака:

Главни објаснувања:

  1. (во философијата) – можност на човека да ги оствари своите цели и стремежи. – пример: „Слобода на волјата.“
  2. (во политиката) – отсуство на политичко и економско ропство. – пример: „Смрт или слобода!“
  3. (во правдата) – состојба на оној што не е затворен. – пример: „Лишен од слобода.“

Дополнителни (не споредни!) објаснувања:

  1. Лична независност, отсуство на секакви ограничувања. – пример: „Слободата на писателот.“
  2. Можност за дејство во некоја област без ограничување. – пример: „Слобода на печатот, движењето, трговијата, мислењето…“
  3. Непринуденост во држењето, отсуство на врзаност. – пример: „Ја имаше слободата на опитен државник.“

Кај нас, објаснувањата за слободата коишто први ги земаме за пример, се од областа на философијата, па потоа од другите аспекти на човековото живеење. Во англискиот јазик не е така. Особено не во американската верзија на англискиот јазик. Философијата кај Американците е на последното место при објаснувањата на слободата. Веројатно, зашто се повеќе „практичари“ на слободата, отколку мислители.

Важна е споредбеноста со Американците, кога станува збор за слободата, зашто во денешно време се сметаат за главни слободари на земјината топка. Нивното слободење е главната алатка со која го држат(!) народот во состојба на слобода, а светот се примамува сѐ повеќе и повеќе кон нивната политичка философија на владеење.

На американските, пандан интернет-страници на www.makedonski.infowww.dictionary.com и www.thesaurus.com, првото објаснување е од аспект на правдата, кое вели дека слободата е: „Состојбата да се биде слободен (англ. “freedom”) или да се биде на слобода (англ. “at liberty”), отколку затворен или под физичко ограничување.“ (пример: „Тој се здоби со слобода, по повторното судење.“). Понатамошните објаснувања велат дека слобода е:

  • „Ослободување од надворешна контрола, мешање, уредување…“
  • „Моќта да се утврди некаква акција, без ограничување или воздржаност.“
  • „Политичка или национална независност.“
  • „Лична слобода, односно да не се биде под заробеништво или под ропство.“

Ваквата аналогија, меѓу овие два јазика, повеќе може да ја одреди дискрепанцијата која ги обележува двата начина на владеење на Република Македонија и на Соединетите Американски Држави, но не и да ја дефинира слободата и нејзиното применување, постоење, создавање или одземање.

Би требало да се посочи дека слободата не може стриктно да се објасни и одреди, па следствено не може ни да се каже дека има една и единствена, унифицирана дефиниција. Токму затоа, слободата се објаснува, а не се дефинира.

И уште од самата анализа на зборот „слобода“, треба да се почне и со објаснувањето на слободата, зашто дури и при нејзиното објаснување имате слобода во изборот, а не притоа да заглавите во конкретна дефиниција, бидејќи и не можете, оти слободата сама по себе, не носи дефиниција. Оти, ако ја дефинирате, автоматски, тоа не претставува слобода, со оглед на тоа дека сте ја „затвориле“ меѓу големата буква, која означува почеток на реченицата и точката, која претставува крај на реченицата. Слободата не е реченица, оти реченицата е завршена мисла. А слободата ниту има почеток – ни, пак, има крај.

Дури и нашата вечна максима (кај Македонците) „Смрт или слобода!“, сама по себе не претставува слободија на народот, туку означува слободољубие, кое нѐ води низ општественото животарење на денешна Македонија, како пирејот кај Петре М. Андреевски.

Кај многу народи се пројавува обид за објаснување на слободата како таква.

На пример, од религиска гледна точка – според Законот на Мојсеј (Книгата за Егзодусот 21:2-4, 7, 8), околу 1300 години п.н.е., се истакнува дека Хебрејците нема веќе да бидат робови и ќе ја добијат својата слобода. Тука се гледаат и никулците на законската забрана на ропството врз Евреите, и воопшто врз луѓето.

Од правен аспект – според Римскиот законик, се прави разлика меѓу човек што е роден слободен (лат. ingenui ; ingenuus) и човек кој се здобил со слобода од ропството кај својот господар (лат. libertinus ; libertini).

Тука секако не може, а да не се спомене и укинувањето на ропството врз Афро-Американците, во С.А.Д., во 1865-та година, со 13-от Амандман од Уставот на С.А.Д., од страна на шестнаесеттиот претседател, Абрахам Линколн, што како чин, ретко кој човек денес не го знае како историски важен факт, со оглед на тоа дека и американската Граѓанска војна, се водеше токму поради тоа, како една од причините.

Слободата не е општествена појава, но денес, претставува општествена потреба за која се бориме. Не е предмет, којшто би можеле да го поседуваме, но, се бориме да ја имаме. Не е човеково право, зашто е дел од нас, но се бориме да ни биде загарантирана како право. Потребни ни се гаранции, за да бидеме сигурни дека сме слободни. И токму од тој аспект на гледиштето, ние не сме слободни. Зашто, самиот факт дека имаме потреба некој да ни ја гарантира слободата, не’ прави заробеници на нечиј систем и начин на општествено уредување или владеење.

Сепак, во философијата, постои градација на слободата, каде што постои појава на т.н. „слободија“, или претерана слобода, која се граничи до одредени мерки со анархијата, којашто се објаснува, пак, како безредие од страна на модерните политички гледишта. Имањето целосна слобода, не значи и анархија, која исто така се категоризира од половична, до тотална. Слободата не значи анархија, но и обратно – ни анархијата не претставува слобода.

Затоа, слободата ја сфаќаме, така како што го сфаќаме и животот. Така како што се сфаќаме и себеси. За секој од нас, како индивидуа, како единка во ова општество – слободата има различно поимање (за оние кои ја поимаат воопшто), но, тоа што мора да го сфатиме е дека постојат категории луѓе, на кои мора да им помогнеме да ја добијат својата слобода, барем онаа основната – животната. Зашто тие ја изгубиле својата слобода, благодарение на оние слободните, кои не сфаќаат дека нивната слобода на правење одредени постапки и одлуки, ја одзема слободата на некои други. Ние третите, не смееме да бидеме неми набљудувачи, мислејќи дека само така сме слободни. Впрочем, ние сме тие кои воопшто не се слободни. Умствено.

(Продолжува…)

© 2013 Огнен Јанески, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.