Работата на „ЈП Хорхе“ со седиште на Водно

Погрешен е пристапот на Владата со нејзините директни иницијативи до Грција за решавањето на спорот. Тоа го потврдуваат и досегашните ефекти и резултати со кои ја доведуваме државата во понижувачка позиција.

Темата за спорот со Грција е премногу сензитивна во нашето општество, затоа ќе нагласам дека ваквите оценки се со намера да помогнат за доброто на државата, а тоа е можно во рамките на спремноста на Владата да прифати и поинакви размислувања.

Одговорност на Владата е да ја информира опозицијата детално за процесот, дополнително повеќе што таа бара поддршка од опозицијата, а премиерот повикува на национално единство. Исто така, делотворно е Владата да ја вклучи и информира и стручната јавност која може да помогне во дефинирање на нашите позиции во спорот со Грција.

Одговорен човек не може да дава поддршка за нешто ако не биде детално информиран за тоа за потоа да ја даде целосната подршка. Многу јасно, многу логично.

Искуството потврдува дека за разлика од субјектите кои се директно инволвирани во одреден процес, не можат секогаш објективно да расудуваат, токму затоа се ангажираат надворешни личности во процесите за решавање криза, проблем, развој на проект и слично, бидејќи тие можат со поголема објективност да ги согледуваат проблемите и можностите за излезни решенија.

Во развиените држави истотака и во корпоративниот свет, се плаќаат личности за да креираат решенија и предлози различни од раководителите кои ги носат одлуките. Токму затоа различното и спротивно размислување носи прогрес.

Од таму е и полезноста од јавна дебата, меѓу кои една од формите е пишувањето колумни, анализи, ставови, за да се искажат поинакви размислувања од тие на Владата.

Пиши писмо за да се заврши домашната работа

Додека Папандреу беше премиер на Грција, се случуваа куртоазни средби по некои споредни собички во седиштето на ЕУ во Брисел или на друго слично место. Средбите немаа формат на сериозност кој упатуваше дека соговорниците се среќаваат за да го решат проблемот. Средбите беа наменети за потребите на двајцата премиери на домашната политичка сцена и за пред авторитетите на ЕУ.

Откако за премиер во Грција дојде Самарас, куртоазните и исилени средби меѓу премиерите на двете држави станаа невозможни. Токму затоа нашиот премиер се врати на неговата навика да пишува и испраќа писма.

Процесот на покажување волја, иницијатива за решавање на проблемот, се уназади, од форматот на куртоазни средби, во пишување писма. Впечатокот во јавноста што се остава може да го илустрираме со поговорката „Сакам работа, но го молам Бог да не ја добијам“.

Груевски испрати писмо пред две недели до Самарас со порака да ги забрзаат разговорите за да го решат спорот.
Самарас не одговараше повеќе од десет дена, и тогаш се вклучи нашиот претседател на државата Ѓорге Иванов, кој видно потресен како веќе грчките тенкови да ја преминуваат македонската граница, изјавува во стилот, парафразирам: Ете гледате дека Грција е таа што не сака да се реши проблемот, ние пративме писмо, што сакаат уште…

Ваквото однесување ме потсетува на итроштините на децата кога се караат ,а притоа се обидуваат пред родителите да не бидат главниот виновник за кавгата. Исто така, однесувањето на Ѓорѓе Иванов ме потсетува и на жени кои се караат за тоа која е виновна што петелот влегол во пиперот.

Иванов петта година го моли Папуљас да се сретнат, а тој пак одбива да организира средба на која ќе учествува и опозицијата за да се разговара за позициите на Македонија во спорот со името.

Каква контраверзност од Иванов, да не сака да разговара со опозицијата за спорот за името што е национален интерес за државата, а да моли катадневно да се сретнел со Папуљас.

Функцијата претседател ја преставува државата и сите граѓани, додека Владата управува со државата, и таа може да си дозволи поголеми маневри во управување со политичките процеси. А не претседателот на државата да дозволи да биде ресор, агенција или јавно претпријатие основано од Владата.

Иванов да престане да го моли Папуљас да си намигнат

Иванов веќе петта година од мандатот, го моли грчкиот претседател Папуљас да се сретнат. Таква средба не е можна и од причини произлезени од спорот, бидејќи средбата меѓу двајца државници се одвива според протокол. Ќе се сложи Иванов да биде преставен на таа евентуална средба, како претседател на Скопје, на што инсистира Папуљас. Нормално дека не треба да дозволи, ниту пак ние граѓаните евентуално таквиот чин ќе го простиме.

Иванов треба да размисли три пати дали би прифатил средба со Папуљас во случај тој да бара да се сретнат со Иванов. Условот за таква средба треба да биде барање од македонска страна Папуљас да ги повлече изјавите упатени на сметка на македонскиот народ.

Токму затоа форматот на разговорите за спорот со Грција е дефиниран во рамките на ООН уште во 1995 година.

Да се случи и неформално да се сретнат двајцата претседатели, што ќе постигне Иванов, да не случајно ќе успее да го убеди Папуљас за Грција да се откаже од нејзините барања кон нас во однос на името на државата. Во ваква констелација на односите Иванов и секој ден да појадува со Папуљас, нема ништо да се промени во решавањето на спорот.

Токму затоа молење на Иванов за средба со Папуљас го руши достоинството и угледот на државата.

Се срамам како Македонец, претседателот на мојата држава да се моли постојано да се сретнел со Папуљас, а тоа го слушаме уште од 2009 година бидејќи го престави како изборно ветување – дека ќе барал средба со грчкиот претседател.

Резилот кулминира во Загреб кога се ракувал во некој ходник со Папуљас и потоа официјално да соопшти дека се сретнал со него (го исполнил изборното ветување), за потоа Папуљас да го демантира дека тоа не било средба, ниту било намигнување, туку било само ракување.

Иванов да го распушти кабинетот и сам да си седи до крај на мандатот

Запрепастува немањето основни, школски познавања во вршење на највисоката државна функција. Се сомневам во тимот што работи во кабинетот на Иванов, кој или е полуписмен, или пак, што е полошо, намерно му ги приредуваат ваквите непријатности лично на претседателот на државата, што пак се одразува негативно за угледот на Македонија.

Да сум на местото на Иванов, нема да ми остане ништо повеќе него да си кажам „Зини земјо голтни ме, како ли ја преставувам мојата држава“, и веднаш на првиот ешалон разноразни советници и асистенти заседнати на Водно, ќе им забранам да пристапат до просториите на претседателот на државата и нормално ќе им се заблагодарам за услугите со врачување откази.

P.S. Можеби насловот на колумната предизвикува збунетост на прв поглед. Бидејќи сум поборник да се задржи основната култура на дебата и комуникација во јавноста, чуствувам потреба да појаснам дополнително за насловот.

Интенцијата ми е да укажам на нарушеното достоинство на институцијата Претседател на државата. Имено, според Уставот претседателот на државата креира своја автентична политика која може да биде компатибилна со таа на Владата, но во дадени политички констелации, да биде спротивна, во тој случај постои кохабитација меѓу претседателот и Владата, кога двете институции согласно своите надлежности се упатени на компромиси, што пак е добро од аспект на балансирање на моќта во делот на извршната власт.

За жал, не можам да препознаам автентична политика на сегашниот претседател Иванов, и од таму насловот Работата на „ЈП Хорхе“ со седиште на Водно, бидејќи мој впечаток е дека Владата фактички ја трансформирала институцијата претседател во јавно претпријатие за извршување дел од нејзините политики.

Некои ќе кажат, дека институцијата претседател, не е јавно претпријатие, туку е биро на Владата во кое се потпишуваат укази, се примааат акредитиви и други работи кои се формална потреба произлезена од Уставот и законите.

За надимакот Хорхе, претседателот во една емисија во јуни запрашан како го доживува прекарот, одговори дека му бил симпатичо. Исто така, и мене ми е симпатичен и кога го употребувам не е во навредлива смисла.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.