Недовршена љубовна приказна

Посветено на Александра.

1.
слушав за неа долги, забревтани монолози
од луѓе, на кои туѓите приказни,
туѓите несреќни воздишки
им ја правеа поднослива сопствената невидливост,
слушав за неа грешни мисли
полни завист, гнев и љубомора,
слушав клетви и подсмешлива хистерија,
слушав
и ништо вистински не ме интересираше

а потоа еден човек проба да умре за неа и сите знаеја
еден актер и ги заведе телото и мислите и сите знаеја
една луда девојка ја бараше во својата постела и сите знаеја
и сите веруваа,
а јас само слушав
и ништо вистински не ме интересираше

ја гледав понекогаш нејзината појава,
нејзината разиграна, растреперена насмевка
меѓу два такта сред разулавената кафеана
полна маски и распуштени емоции,
сто кила лицемерие и глупост…
ѝ го гледав понекогаш задникот
и тоа беше прекрасен задник признавам,
ѝ ги гледав зениците меѓу две трепнувања
и ми изгледаше како воопшто да не сонува,
како воопшто да не спие,
како да е будна неколку илјади години,
малечка Нефертити никогаш легната во саркофаг…
само гледав
и ништо вистински не ме интересираше

и повторно слушав
глупаците сакаа да ја соблечет гола,
машки суети трчаа зад неа,
прегладнети ротфајлери околу парче месо,
малолетници дркаа под своите јоргани
гледајќи се себе, со неа, во порно филм,
оставаа лиги зад нејзините чекори,
24 часа ја посакуваа
за 24 часа да зборуваат измислици
извадени од своите валкани фантазии,
трезвени и пијани кретени
манипулираа со своите реплики
за да ѝ докажат колку се важни
нивните ништожни, искривени изрази,
бушави соседи ѝ висеа под прозорец
со вилици спуштени до коленици
полни страст и импотентна креативност

петстотини илјади реченици
изречени за да се добие парче постела,
тишина од меките усни,
топлина од врелите колена
и сето тоа, Господе
колку многу го слушав,
а воопшто не ме интересирање.

2.
тогаш војував со себе
сред лудата јунска депресија
висока четириесет степени над нулата,
по којзнае кој пат уживав во осаменоста
горда како смртен грев,
се опивав од суетна среќа
распнат сред бетонската, прашлива градска перверзија
ја носев својата душа како неонска реклама
полна мир и незаинтересираност
за се она што не ме допира,
а не ме допираше ништо

бев крал,
пиев вино и никојпат не се опивав за инает на сите,
спиев со жени за да не се будам сам,
за да ја поделам со некого насмевката упатена кон сонцето
и сè ми изгледаше толку лесно
и сè беше навистина лесно,
глупаците беа глупаци,
здодевните беа здодевни,
злобните беа злобни
и никој не можеше да им помогне на кутрите очајници,
а јас морав да се смеам
сиромаштијата ми висеше над глава
како дебело сонце што сака да ја убие мојата гримаса,
дебело сонце што можев да го угушам
со обичен прамен од мојата коса

пишував долги налудничави стихови,
песни за тагата и страста
обземени од демонска луцидност,
гротески за мојата кловновска депресија
инсерти од животот за жени кои сакале да ме сакаат,
жени кои сум сакал да ги научам да сакаат,
песни за никогаш доволната љубов

пишував за да не си ги заборавам зборовите,
речениците и халуцинациите,
за да не ги заборавам туѓите лаги
и умноболната потиштеност

војував со себе,
моите атоми експлодираа пред туѓите маски,
носев атомски бомби во прстите
и гребев со нив по мртвото тело на секојдневието,
врескав сред густата апокалиптична тишина
на несреќно истрошената земја

бев бог,
титан сред Содома и Гомора
кој жонглира со туѓите гревови,
насмевнат, тивок, полн пцости и иронија,
грд и распаднат,
со криви заби и расипан желудник,
гнил, под белата коса на совршената вселена,
стрип јунак од потсвеста на секој психопат,
со слепи очи пуштени на прошетка
меѓу двта краја на безбојниот свет

бев херој,
себичен епилептичар
кој никому не ги дава своите грчеви
и пената од усните ја голта како амброзија,
зависник од своите соништа,
надуван како врач сред магијска оргија,
отфрлен наназад од рамномерното забрзано движење,
молчалив како каменот на Сизиф,

молчалив како надгробна плоча
над гробот од сиот свет,
вампир-крвник кој ја прегризал
папочната врвца меѓу ноќта и месечината

бев сам
и ништо вистински не ме интересираше

3.
а потоа,
ноќта знае,
ѕвездите знаат,
една сонувана зграда и нејзиниот син фустан знаат,
престанав да слушам за неа
и почнав да слушам од неа…

… тивки монолози сред гласните ноќи
шепотени на малечката сцена од нејзината интима,
слушав зборови, тивки елегии,
нејзината осаменост, прекрасните очи,
бемките што се наѕираат под свилената блуза,
мртвиот татко со мозочен удар
под врелата капа на сета поетска вселена,
нејзината мајка полна солзи, грижи и прегратки,
каменот на тегобноста околу голиот врат,
меките прсти на болката,
силните раце и страста во движењата,
ќелавата насмевка на чудниот очај,
стравот од самотијата
и пустината во градите од туѓите удари,
нејзината топлина,
тажното, гушни ме, и љубовта кон моите стихови
и љубовта во мене што се раѓаше
како бура од збеснато небо

љубовта во мене
и откривањето на вистината без грешни мисли,
без предрасуди што ни копаат низ грлата,
откривањето на душата парче по парче
кога ѕвездите се спуштаат во очите

па ја поведов што подалеку од врисоците на градот
онаму кајшто ѕидови мир креваат замок на тишината,
а небото е бескраен скапоцен таван од надежи,
онаму кајшто одам за да се угушам
од преголема доза спокој и дим од цигари

па ја натерав да одиме со затворени очи
по белата испрекината линија на Недојдија
што подалеку од автопатот полн очај,
стари автомобили и крв од туѓите спомени,
шетавме под летниот дожд на небото-спасител,
одевме загубени во прегратка,
загубени, рака под рака

па ги испушивме сите цигари под сонцето,
го испушивме сонцето, месечината и облаците
и го испивме сето вино
и секоја чаша беше исусовиот пехар на љубовта
и ја натерав да слуша опиумски стихови,
да го минува денот крај моето лудило,
да се вљуби во мојата искривена страст
полна несигурни ритмови, дисхармонична врелина

па се скривме во една стара куќа опседната од духови,
куќа полна модерни авети
ние, сред толпа и галама,
рок забава за кукли и загубени фантазии
и ме држеше за рака сред сета утопија,
ми ја криеше главата во прегратка
за да ме сокрие од лицемерието на ноќта

ме уби со нежност
создаде волшебна када сред пеколот
и ме венча за себе

4.
островот на љубовта,
топлиот ветер на нежноста,
радиоактивното сонце не допира под косите,
волшепствата на денот и магичната ноќ,
заробен сум во твоите очи,
оганот на страста,
пепелта ни се лепи за дланките,
езерските самовили го шепотат твоето име,
рибите и галебите ги следат нашите допири
дур водиме љубов, долу на плажата
те сакам, ми велиш
те сакам и јас

те посакувам,
станувам невешт љубовник,
збунет сум од трепетот на моето срце,
ја наоѓам месечината на твоите колена,
ме допираш,
твоите прсти плетат божествена свила низ мојата грешна душа,
лебдеам низ просторот и времето станува неважно,
ме сонуваш
и моите соништа ти се посветени тебе,
ги бакнувам твоите бемки, твоите меки усни,
се смеам кога не ми дозволуваш
да ја спуштам устата меѓу твоите нозе,
твојот чуден срам,
мојот пенис пелтечи шекспировски сонети,
ти во мојата постела,
твојата кожа залепена за мојата кожа
и секоја несреќа може да оди по ѓаволите
те сакам, велам
те сакам и јас

болат миговите без тебе,
твојот глас во телефонската слушалка е гласот
на секоја божица што не се родила,
со часови зјапам во твоето лице
на црнобелата фотографија, ти со пура во устата,
те чекам да слезеш од автобусот
и осум часа однапред го сонувам бакнежот
те сакам, велам
и јас

знам да се налутам,
да ме обземе жолтото лице на љубомората,
знам да бидам зол со тебе, да те навредам,
а твојот глас ме разгалува до лудило
и ништо не ми треба повеќе
те сакам, велам
знам, ми велиш

тмурните кафеани
полни голи девојки и испотени мажјаци
полни стриптизети и емотивни амбиси
стануваат храмови околу твоите колкови,
можам со часови, надуван, со пиво во раката
да те посматрам од шанкот на статичноста,
горд сум на тебе,
секогаш доаѓаш да ме допреш за раката
и никојпат не сум бил опуштен вака,
те прашуваат лигави чудаци што правиш со мене
те сакам, велам,
а ти молчиш

постојано мислам, еден ден ќе ме оставиш,
сам се будам исплашен,
велиш, непотребно љубоморен,
станувам здодевен, немоќен и бесен,
демонското џуџе на осаменоста
станува џин на депресијата,
ми шепотиш за своите стравови,
велиш, не можеш да сакаш колку јас што сакам
и како почна сето ова
овие луди стихови сред љубовна приказна,
дали треперам,
дали си недостапна, таму негде далеку
дур глува ноќ паѓа во мојата соба

5.
дали го познаваш мракот
кој сред бел ден ми расте во умот?
дали го познаваш студот
што ми ги загрева дланките,
злото што ми го касапи срцето?
дали знаеш како крварам од секоја дупка на телото,
како гневот ми ги полни слабите очи,
како гласот ми станува рапав, зборот остар,
а речениците налудничави ороспии?

дали знаеш како нежноста станува бура
сред парчосани шуми и градови,
како ангелот чувар добива отказ по кратка постапка
и демон се вселува на неговото место,
како надежта станува очај,
а љубовта лудило што не се издржува?

дали знаеш како станувам лош
гневен осветник, јавач на апокалипсата,
како презирот се вовлекува во секој милиметар искреност,
како го мразам секој дел од светот,
како треперам над своето лудило?

дали знаеш колку сакам да го убијам проклетиот демон,
тој во мене,
мизантропот полн ниски страсти,
лицемерот од пијана бајка,
како сакам да го здробам
неговото лице во сите огледала,
како сакам да продолжам да сакам?

дали знаеш колку губам
и од каде тој ужас во мене
што ми го менува изразот на лицето,
шизофреничен намќор.
Кој сака да ме фрли од секоја зграда во градот,
под секој автомобил на улиците…

дали го виде тој демон во мене
и дали можеш да го убиеш
поднесувајќи го неговиот гнев?

6.
последниот удар на срцето,
а стиховите идат како снежна виулица,
го посматрам градот, мојот приватен хаос

лицето ми е бледо од здодевност,
сè е потполно исто,
сè е проклето исто,
составувам крстозбори во својата глава
за да не мислам на очите што ме демнат,
ме опкружуваат документарни кадри
што подоцна ќе ги гледам во ТВ дневникот

нешто ми шепоти дека сум повторно сам…
посакувам да напишам песна за девојката која…
како се викаше девојката која…

само уште една глупава песна
како уште една глупава разделба,
уште една замината љубов
и повторно некој губел време со мене
и дали повторно сум оставил трага под нечија кожа,
стихови под нечија перница
и ете го, иде оној ладнокрвен авет
и повторно ќе учам да заборавам,
три дена скитање по патишта,
жонглирање со празни емоции,
непотребен секс со непотребни жени,
гласот на мудроста и ехото на осаменоста

уште една недовршена љубовна приказна,
натпревар без полувреме
и што уште не по ѓаволите,
што уште не,
освен убиственото чувство на загубеност
и повторно оној едноличен стих
кога ништо повеќе вистински не те интересира.

© 2013 Александар Русјаков, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.