Кодошлаци

Толку сум му лут на оној Томе Аџија, што, еве јавно му порачувам, да не ми го видат очиве дури не ме лустрира, дур не ми пише ферман дека и јас сум кодошел, за да не можам да вршам некоја јавна функција! Оти, не ја бива вака, јас и без решението на „аџијава“ ни под разно не можам да допрам до некоја работна позиција во систем во кој треба да се осмелам, да го отворам срцето, да му направам нешто на разумов!

Мојата изјава дека не сум соработувал со тајните служби на поранешниот југословенски, како го нарекуваат комунистички систем, повеќе од две години фаќа прашина во некоја од фиоките на Комисијата за лустрација, предводена од вечниот претседател, битолскиот адвокат Томе Аџиев. Секој ден очекувам да осамнам на сајтот на Комисијата, или да ми заѕвони поштарот и да ми го достави решението, ама пусто, никако да се случи тоа. Да се разбереме, не е важно дали сум кодошел или не, поважно е, да имам „папирче“ дека не можам да вршам некоја јавна функција. Па, како тргнал Аџијана со неговиот поход, не можам да седам мирен, да не се исфрустрирам. Па тој реши на цел Бутел да им забрани да се бават со јавни функции во задгробниот живот, сите пензионери ги построи, а вакви, како мене, што џавкаат против овој, ама и против сите режими претходно, никако да се „осмели“.

Дополнителен с‘клет ми прави и помислата што дадов 150 денари за да ја заверам изјавата кај нотар дека не сум кодошел. А, што фино ќе си испиев три кафиња со тие пари низ некое кафуле по центарот на Скопје, ќе фаќав сеир и ќе оговарав, и на тој начин ќе си ја зацврстев позицијата на кодош „пар екселанс“. Значи, ем платив, ем се изначекав и кој знае уште колку ќе чекам, сѐ додека Аџијата и неговите компањони не расчистат со сите што значеле во оваа држава, додека не уништат сѐ што било национално, додека не ги разбудат мртвите души и не ги извалкаат со омраза новите подобри утра кои божем ни се ветуваат секој ден. Дури, ме плаши, да не им текне случајно на овие од власта да го сменат конечно Томета, да го почитуваат законот кој му даваше мандат само 6, но не и 36 месеци, па решението да ми остане ненапишано. Не, не е решението, како Рациновата „кошула даровна“, ама многу ќе ми значи. Не е фер, јас без лустрациско решение да не можам да допрам до работна, а не до јавна позиција, така барем ќе знам дека некој решил да не можам да правам нешто. Вака, само се исчудувам, што ли му фали на мојов ум, толку ли не може да се ресетира, па не е пожелен во сите медиуми, каде што државата ставила рака. А, раката голема, та се покрила и нема празен мегдан, мегдан во кој човек може да се изрази. Ах, да, и да се осмели да каже нешто поразлично од тоа што го врти матрицата, подготвено однапред на некој партиски шапилограф.

Да нема забуни, изјавата до Комисијата на Аџијата ја поднесов ми се чини на почетокот на февруари 2011 година кога тогашната верзија на законот ги обврзуваше и новинарите да кажат дали кодошеле. Набрзо Уставниот суд го укина тој дел, но нашите изјави се таму. Јас сакав да напишам дека „малку сум кодош“ или само „кодош“ ама изјавата беше така скроена, што не ми даде опција да напишам дека сум кодош, туку само дека не сум. Сакав да видам, дали Комисијата ќе утврдеше дека не сум кодош, ако јас речев дека сум?! Дали ќе добиев решение во кое утврдуваат дека не сум кодошел.

Е, сега, малку за фактите кои сметам дека ќе ги убедат лустраторите дека сум кодош и можат да ме „решат“ што побргу: ЈУ-државата се распадна кога јас влегов во средно училиште, но секако тоа не ме амнестира, бев Титов пионер, една фотографија сведочи за тоа, каде што капата ми ја ставиле на страна, една година учев српско-хрватски јазик колку да „тепам“ со падежите… Значи, сум имал каква-таква врска со „заедничките нешта“. Се сеќавам дека во прво одделение, како прва генерација во новоотвореното училиште „Едвард Кардељ“ во Аеродром, ја накодошив чистачката кај учителката дека ја мете училницата по третиот час, додека сме ние сѐ уште внатре и не труе со прашина! Понатаму, како созревав, така станував сѐ поголем кодош! Уште како средношколец, работев во „вмровско“ радио, каде што ТИТОВ не смееше ни да се спомене пред Велес, каде што на 17 години имав интервју со Љубиша Георгиевски, кандидат за претседател во 1994 година, застанав на чело на средношколците во 1995 година кои и тогаш рекоа не за експерименти како матура, за што сведочи записник од седница на Влада во кое пишува дека сум ги кренал средношколците во Велес. Тогаш бунтовникот почнува соработка со Сител, па преминува во Сител, па се менуваат коалиции, сите се со Ѕинго и Ѕинго со нив, па преминувам во Канал 5, па во Фокус и да не ви кажувам, колкумина сѐ сум накодошил во моите текстови! Та, речиси немав текст во кој некого сум пофалил! А, како ли да фалам, кога судскиот систем, криминалот, корупцијата ми беа фах. Дури и да речеш, колку добар криминалец, пак контра услуга ќе му направиш, нели?!

За кодошлак си ги сметам и тужбите што ги поднесов против медиумите, на кои со мој потпис им беа доделени пари за проекти во висина од над 150 илјади евра, ама тие заборавија да ми го исплатат хонорарот, па „кодошки“ на суд ги потсетив дека должат. Исто, како и сега, кога го „накодошив“ „Фокус“ дека ми должи хонорари за тоа што работев, за првите месеци од 2013 година, па откако и по неколку месеци се виде дека нема абер од исплата, пак исцинкарив во суд дека некој заборава да плати, по неколку неуспешни потсетувања дека, сочувствувам и разбирам болка, ама долг си е долг . И, замислете, последниве накодошени, се нашле навредени од моето „кодошење“ па ме отфикариле од екипата, која би требало наскоро да го стартува неделникот, чиј датум на излегување одамна требаше да се случи.

И така, во држава во која некој е накодошен, друг „увреѓен“, јас навреден и понижен, размислувам што ни се случува, зошто ни се рекламиве за храброста, за срцето и разумот?! Единствено, ми се допаѓаат тие за многудетство, кои ги практикувам само делумно, работам, ама правам сѐ, да не се видливи сѐ уште резултатите! Па, после сѐ, навистина спасот ми е во решението за лустрација, да знам, дека некој барем официјално ќе ми забрани да го работам тоа што го знам. Додека ги читате овие редови, јас интензивно тренирам како се носат чаши и пијачки, зашто само келнерлукот може да ме спаси до изгрејсонцето. А, ноќва пуста, трае ли трае….

Саше Димовски, невработен новинар, со кодно име на ФБ Лошото Хуго

© 2013 Саше Димовски, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.

Comments
  1. silvana