Фокус!

Ако ова не успее, јас повеќе не сакам да бидам новинар, рече мојата колешка Ирена Мулачка од Фокус на еден од состаноците кои во последниве месеци ги држевме и држевме, без конкретен епилог. Кога ги изговори овие зборови, речиси немаше човек кој не климна со главата и не ја поддржа. Тој состанок заврши така… „Ќе видиме, да се надеваме дека ќе испадне нешто. Ајде, да не губиме надеж.“ А сите со празни џебови. На шала, во овие три месеци додека Фокус не излегуваше, често кога ќе седневме на состанок во „Излет“ и велевме: „А да порачаме една кока-кола со осум чаши?“
Кој со кредити, кој со деца, кој болен… Но, сите чекавме. Не се дававме. Ако нешто осетив врз своја кожа тоа е дека навистина работите кои не нѐ убиваат нѐ прават посилни. Порано оваа поговорка ми звучеше смешно (абе ајде, нѐ правеле посилни?!), ама од оваа инстанца, да, навистина нѐ направија посилни.

Сакам Никола Младенов да може да нѐ види сега. Да види дека зад себе остави верна и јака екипа која не се откажува од неговото дело. Го замислувам со каков жар би го гледал новиот, редизајниран Фокус, онака како што тој го замислуваше. Го замислувам како вели: „Ајде те молам, престани со вакви приказни, дај ми месо, дај ми ја сржта!“ Или кога ќе наидеш на јака сторија ќе рече: „Ја допре сржта, продолжувај!“ Недостига неговата енергија. И верувам дека сите кои во моментов се со мене во новата редакција на Фокус чувствуваат страв и преголема обврска. Ќе успееме ли?

Атмосферата во која го работевме првиот број на Фокус по тримесечната пауза ми докажува дека ќе нѐ биде. Го сакаме Фокус, тоа е нашето семејство. Фокус, како што знае да рече неговата сопруга Билјана, е неговото прво дете. А нашата обврска да го чуваме и растеме тоа дете е преголема.

Факт е дека пред нас се исправени многу притисоци, закани. Факт е дека има луѓе што нѐ мразат. Факт е дека бодеме очи. Но, веќе не ми е гајле кој ме смета за предавник, кој ме смета за соросоид, кој ме смета за непатриот. Толку не ми е гајле, што дури ми е смешно. Ако сум непатриот затоа што ја кажувам вистината, нека биде. Ако сум предавник затоа што сметам дека еден медиум треба да биде критичар на власта, која и да е, и да претставува отворен простор за дебата, во ред, предавник сум. На оние што велат – ти си соросоид, јас им велам – а ти си платен од владини реклами! Ако некој смета дека јас не ја сакам државата во која сум родена и каде што живеам триесет години, имам едно да им кажам. Државата не е партијата. Државата не се спомениците, не е барокот, не се наместените тендери, не е непотизмот, не е корупцијата, не е потонатата слобода на говор. На тие што ми го велат тоа, им посакувам да ја погледнат пошироката слика.

Фокус го сметам за поширока слика. А во таа слика факт е дека има корупција, непотизам, поделби, пенетрација на владејачката партија во секоја сфера. И тоа луѓето треба да го знаат. Ако сакаат да ја гледаат розевата слика, слободно, имаат голем голем избор. Куририте се тука за тоа. Ние не сме тоа.

Вечер ќе бидам пред трафика, да го видам првото дете на Никола Младенов како повторно си го наоѓа своето место во оваа мрачна медиумска сфера. Само ние знаеме низ што се поминавме за да го видиме Фокус на рафтовите во трафиките, каде што заслужува да биде. А жарот во очите на сите околу мене кои во моментов работат на наредниот број на Фокус, ми кажува дека никогаш повеќе нема да го снема од рафтовите. А народот е тука за да помогне, доколку навистина сака нештата да станат појасни!

© 2013 Мери Јордановска, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.

Comments
  1. Анонимен
  2. Slavica
  3. Анонимен
  4. Даме
  5. Липа
  6. Ирена
  7. jovan
  8. miroslav