Демократија

Што да се прави?

Вовед во промената

Демократијата е исклучително комплексен систем изграден од повеќе составни компоненти кои меѓусебно се испреплетуваат и кои само во заедничката интеракција водат кон функционирање на системот како демократски.

Отстранувањето на една или повеќе од компонентите создава таков дебаланс кој едноставно оневозможува функционирање на системот како демократски или пак го претвора во неговата спротивност и зад маската на демократија овозможува неконтролирана диктатура.

Проблемот на Република Македонија е што во ниту еден момент од напуштањето на системот на социјализмот не беше доследно изградена структура составена од неопходните демократски елементи.

  1. Поделба и баланс на моќта
    Во Република Македонија трите столба на моќта (законодавната – Собрание, извршната – Влада и правосудната – јавно обвинителство и судство) се споени во еден столб – партиската структура на власт. На пример, во јавноста дури веќе се одомаќува претставата дека Владата е таа која што ги носи законите.
  2. Независност на судството
    Во Република Македонија судиите се бираат од владејачката структура, нивната егзистенција зависи од владејачката структура, кариерното напредување е непосредно поврзано со волјата на владејачката структура и пред се со водењето на случаите од интерес на владејачката структура.
  3. Плуралистички систем од политички партии
    Во Република Македонија има поголем број политички партии кои се борат за власт, меѓутоа кои немаат изграден политички идентитет, базиран на видливо различен пристап кон клучните параметри на развојот на општеството: економија, вработување, здравство, социјала, екологија и надворешна политика.
  4. Владеење на правото
    Во Република Македонија не е изграден конзистентен релативно постојан систем на правни норми кои произлегуваат од потребите на граѓаните и кои се насочени кон регулирање на нивните меѓусебни односи. Најголем проблем е раширената перцепција дека законите не се применуваат еднакво за сите субјекти.
  5. Одговорност и транспарентност
    Во Република Македонија нема изградено систем на формална и политичка одговорност на структурите на власта, во рамките на кој секој одговара за направеното согласно мандатот (надлежноста) поврзана со позицијата на која се наоѓа. Наспроти на ова, се гради систем на одговорност на граѓаните кон власта и дури и одговорност за навредување на власта кое лесно се проширува на било која критика или поставено прашање.
  6. Слобода на медиумите
    Во Република Македонија медиумскиот простор е доминантно освоен од страна на владејачките структури кои преку економски мерки и/или со помош на судството диригираат кој медиум ќе постои, а кој не. Неслободата на медиумите станува базичен проблем во воспоставувањето на демократските односи.
  7. Почитување на политичките права и на човечкото достоинство
    Во Република Македонија политичкиот неистомисленик мора да биде омаловажен, навреден, понижен и потполно негиран. Политичките неистомисленици се изложени на прогон и се фактички оневозможени да зборуваат за нештата од јавен интерес. Дури и структури замислени да го осудат поранешниот прогон и ограничување на правата на луѓето, се претвораат во алатки на ист таков прогон и истоветни ограничувања.
  8. Партиципација на граѓаните
    Луѓето не добиваат соодветна информација и не се инволвирани во донесувањето на одлуките.

Во услови на отсуство на поголемиот број или на сите елементи на демократската структура, за да може да функционира државата, доаѓа до нивна замена со волјата на една многу тесна структура која во моментот успеала да ги заземе владејачките позиции.

Бидејќи луѓето немаат претстава што значи демократија и демократско владеење, тие сметаат дека тоа што им се нуди под називот демократија, односно, она што сите го нарекуваат демократија и навистина претставува демократија.

За да може да се излезе од маѓепсаниот круг мора да се тргне од самиот почеток и еден по еден да бидат препознаени и воспоставени столбовите на демократијата. Ова значи дека основна задача на сериозна опозициона партија која навистина сака промена не на власта туку на системот е воспоставување токму на овие столбови. Прецизно, ригидно, без отстапки. Еден по еден.

Почеток на ваквото делување може/треба да биде формирање на посебна структура која што ќе изработи регистер на сите прекршувања на законите (содржински и процедурални) направени од страна на актуелните функционери со цел кривично гонење на секој прекршител индивидуално. Со употребата на правото како контролор на политиката од една страна се негира неказнивоста на политичарите, а од друга страна се гарантира објективност во процената на нивната одговорност.

(Продолжува…)

© 2013 Мирјана Најчевска, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.