Без демократија и правда нема национално единство

Предавство, поделби, раскол, меѓусебни убиства, се дел од менталната матрица на македонскиот народ низ историјата. Таа како да е вкоренета во колективната меморија на македонскиот народ низ историјата исполнета со вековна крвава борба за слобода.

За жал и денеска после 22 години од независноста на државата оваа матрица не само што опстојува, туку како да се надградува.

Погрешниот пристап, намерен или ненамерен, за формите и можностите за постигнување национално единство за витални државни интереси, е основниот проблем што го имаме денеска.

Загрижува тоа што се форсира тезата кај нас дека со повеќе демократија тешко се постигнува национално единство за заштита на виталните државни интереси. Токму ова теза и самопрогласувањето на една партија за екслузивен заштитник на националните инетерси, оневозможува да се постигне национално единство и предизвикува не согледливи штетни последици за државните инетереси.

Потребното национално единство и заштита на интересите на државата, се постигнуваат во државите со функционална демократија, што подразбира слободни и праведни избори, слободни медиуми, функционални државни институции и професионална државна администрација.

Национално единство не се постигнува без да постои функционална правна држава, што подрзабира сите граѓани да бидат еднакви пред законите, да постои минимум правда и правичност во општеството.

Предуслов за постигнување национално единство е и постоењето слободна пазарна економија, што подразбира подеднакви услови за секој граѓанин да заработува и напредува врз основа на својата трудељубивост и способности.

За сите граѓани да постојат подеднакви услови за пристап до материјалните ресусри кои се во државна сопственост – работни места во државните институции, до јавните пари кои се трошат за изведување јавни работи (тендери).

Посебно важно за постоењето на национална кохезија е постоењето минимум социјална правда, што подразбира достоинствен живот за секој граѓанин, што пак е услов за личен напредок за секој граѓанин, а тоа значи и развој на државата – со еден збор Македонија треба да ја изградиме во социјална држава. А не граѓаните да ни бидат принудени заради основна егзистенција да се изјаснуваат за Бугари за да добијат бугарски пасош.

Национално единство не постои во недемократските држави, автократиите, диктатурите и разни други форми на режими (хунти, олигархии…). Во овие држави постои интерес на автократот, диктаторот, на режимот. Овие властодршци токму своите лични интереси за власт и пари ги прикажуваат за национални интереси кои се политички спакувани во форма на политики на одбрана на националните интереси од надворешни и внатрешни непријатели.

Притоа „националното единство“ се наметнува со сила, како монтирање судски процеси, притворање и затворање, со пендракот, солзавецот, водените топови, не ретко и со убиства на противниците.

Трагично завршуваат и автократите и диктаторите, дел од нив заминуваат во прогон што всушност е награда за нив, дел завршуваат во затвор, тоа е најмалата казна, но има и такви кои завршуваат како кучиња, пример убиството на Моамер Гадафи, Садам Хусеин…

Се извинувам што ги споменувам кучињата во овој контекст. Жал ми е за убиено куче, но не и за убиен диктатор од кого настрадале стотици и илјадници луѓе, предизвикани многу семејни трауми, лични судбини.

Судбината на автократите и диктаторите не важна, туку катастрофалните последици за граѓаните во ваквите држави во кои лукративните лични интереси, хирови, болната опсесија за неограничена власт и материјални богатства на властодршците, се обландираат како национални интереси.

Многубројни се примерите на држави, не само од подалечното минато, пред 20, 50 или повеќе години, туку денеска, времето кое го живееме, токму на Балканот, затоа нема потреба да се навраќаме наназад низ годините и да трагаме по автократи и диктатори низ Африка, Јужна Америка…

Штом така, тогаш да почнеме со Слободан Милошевиќ, кој беше најголем диктатор на Балканот, чиј режим го изгради со манипулација со националните чуства на граѓаните во Србија, со паролата „Косово не го даваме“.

„Косово не го даваме“ е фразата по која стана препознатлива политиката на Слобо, заврши катастрофално за Србија и нејзините граѓани. Србите повеќе од една деценија живееа во сиромаштија, многу граѓани трајно се иселија во странство не можејќи професионално да се реализираат во татковината.

Србија со Слобо директно или индиректно водеше една деценија војна за сонот за голема Србија, (Босна, Хрватска, Косово, бомбардирањето од НАТО).

Резултатот од политиката на самопрогласениот чувар на националните интереси на Србија, е отцепувањето на Косово, кое денеска е независна држава.

Слобо заврши во Хаг, но не го дочека завршувањето на судскиот процес, бидејќи умре во затврската ќелија. Неговото потесно семејство со украдените милијарди евра од Србија, е во странство, веројатно во Русија.

Иво Санадер денеска е во затвор, а Хрватска во ЕУ

Овој веќе осуден криминалец со кравата, додека беше премиер ги засука ракавите за да ги брани националните интереси на Хрватска по цена да биде блокиран влезот на државата во ЕУ. Иво се затрча да го надмине и Туѓман во одбрана на интересите на Хрватска.

Ако на Санадер продолжеше да ја брани Хрватска од Словенија во територијалниот спор што го имаат двете држави, тешко дека Хрватска денеска ќе беше членка на ЕУ.

По силниот пртисок од Берлин, а со пуста надеж дека нема да има истрага за неговото криминално работење, Санадер си поднесе оставка. Откако замина од власт, се откри дека патритизмот на Иво бил тежок десетици милиони евра украдени пари од Буџетот на Хрватска, уметнички слики, коли и други материјални вредности.

За крај моежеме да го илустрираме кратко патриотизмот на ваквите политичари, со поговоркаата; „Со свој камен по глава го маваат народот“.

P.S. Владо Бучковски – (позитивни), во последната колумна пишува, цитат: „Ние имавме готов проект за нови 100.000 работни места во реалниот сектор на економијата“.

Минатата недела во утринска контактна емисија на телевизијата Канал 5, еден гледач изјави: „Јас имам проект кој ќе вработи 200.000 граѓани.“.

Јас повеќе му верувам на гледачот, отколку на Бучковски, бидејќи Бучковски беше премиер и ако имал капацитети ќе се сеќававме сега на еден проект од негово време преку кој биле вработени барем 10.000 лица во реалната економија.
Во стилот на Бучковски, и јас би можел да кажам дека имам проект кој овозможи да се вработат сите работноспособни граѓани во државата од 18 години до 65 години, притоа на сите економски промотори и министри за странски инвестиции ќе им биде понудена работа во реалната економија ако ги бидува.

Граѓаните се изморени од ветувања и затоа престанете да манипулирате со нив затоа што и кога ќе ви се испушти да кажете и нешто реално, нема да ви веруваат.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.

Comments
  1. germanija