Женски поглед за геј пријателот

На почетокот на дeведесеттите работев неколку филма надвор од Југословенскиот простор. Работев со мешани екипи. Во еден од тие филмови, во тоа некое „понормално“ време работев со еден млад актер, кој во филмот ми беше најдобар пријател. Mомчето, во филмот играше геј. По кратко време познанство ми рече дека и во приватниот живот е геј. Тоа беше моето прво искуство со геј пријател од блиску. Момчето беше многу згодно. Јас малку постара од него, веќе популарна, се обидував на секој можен начин да му ја сменам и тестирам ориентацијата. Мојата наивност одеше до таму што отворено почнав да му се додворувам. Тој иако помлад, веќе имаше искуство од овој тип, со оглед на неговиот изглед. Во еден момент, тој се отвори и ми ја кажа својата приказна. Додека ја говореше приказната, сфатив дека тоа е неговата лична исповед, дека е тоа тој, дека поинаков никогаш не ни бил, дека е така роден и дека мајка му и татко му го разбрале и прифатиле. Чувството кога згоден млад маж, седи наспроти тебе и говори за својата хомосексуалност до тогаш за мене беше непознато. Потем разговорите почнаа да земаат друга насока. За искушенијата, за љубовта, за душата кога страда, за уметноста, за страста, за најинтимните работи што секој од нас ги таи длабоко во себе. Секогаш кога разговарав со него меѓу нас се вклучуваа поинакви сензори од сексуалните. Згоден маж и згодна жена еден наспроти друг, навлезени во душата и мислата на другиот без сексот да ја поматува свеста… Мислам дека тоа момче понесе најголем дел од мојата душа, дотогаш најчисто и најбезболно од сите мажи што ги познавав. Разбрав дека постојат надземни релации, ослободени од прангите на сексуалната страст, кои можат да ги откријат работите за тебе самиот, што не си ни знаел дека постојат. Во еден момент од таа дружба стануваш една душа со спротивниот пол, без притоа да се обременуваш со „прангите“ на телесното. Та и од Платон (кој веројатно бил геј), ни остана наследството на „платонска љубов”.

Велат дека „чисто“ пријателството меѓу маж и жена е невозможно. Дека еднаш – порано или подоцна ќе проработат „базичните инстинкти”. Ова пријателство остави неизбришлива трага во мојот живот, ми создаде лично и интимно чувство за мене дотогаш – неоткриен нов свет. Свет во кој јас, како актерка и жена можам да имам длабоки и искрени пријателства со мажи. Од тогаш запознав уште неколку геј момци и мажи кои ми помогнале во неколку наврати и интимно и професинално. Мојот поглед на оваа тема го објаснувам со моето лично искуство. Некои од моите геј пријатели, мажи, плус уметниици, ми овозможија да станам свесна за моите квалитети. Тие не гледале во моето тело и не помислувале на зближување со него, додека ме храбреле и ме поддржувале во моите човечки и уметнички пориви. Не случајно мојот најомилен писател е Артур Јапин, геј маж, кој најдлабоко влегол во психата на жената. Неговите женски ликови мислат, чувствуваат, творат, прават храбри дела, го менуваат светот, живеат. Можеби и тој имал пријателства како моите во кои чедно се тоне до дното на душата од спротивниот пол. Моите врски со геј мажи се токму поради овој факт, иако научно непроверен, кој ми вели дека геј мажите можат најхрабро и најаргументирано да ѝ покажат достојна почит на обичната обесхрабрена жена која во многу места во светот е граѓанин од втор ред. Нејзините интелектуални и филозофски изблици многу често се омаловажуваат со сексистички аргументи и нејзино редуцирање на објект на задоволство и репродуктивна функција. Нејзиниот цивилизациски обид да излезе од ограничениот ум на светот на мажите и да стане нивен еднаков партнер (по ум и душа), биле секогаш на удар на козервативниот, религиозен и традиционален „стап“.

Моето објаснување за тоа дека борбата против сексуална дискриминација и борбата на геј заедницата за нивните основни права ја поттикнува и поддржува и борбата на жената како интелект, мислечко битие, а не само како објект за задоволство и расплод – можеби многумина ќе го сватат како егзибиционизам или декаденција. Но науката и историјата одамна го детектирале хомосексуализмот како нормална појава во биолошкиот развој на светот. Како и кај животните (научно докажано е дека и кај нив процент од новородените се со хомосексуална ориентација), така и кај човекот, првите промени се случуваат уште во стомакот на мајката. Децата така се раѓаат. Не се ниту мајката, ниту таткото виновни. Не се работи за болест. Не се работи ниту за разврат, ниту за перверзија. Се работи за природа, која никогаш нема да наштети на продолжувањето на човечката раса. Најголемата опасност за неа се всушност предрасудите – мрачните завеси над слободниот и отворен ум. Тие се резултат на незнаење и игнорирање, намерна или ненамерна дискриминација, заради сопствената некомфорност или дури и потисната хомосексуалност. Нашите предрасуди, индивидуални и општествени, создаваат најгнасно примитивно оружје кое ја замрачува свеста – омраза кон она што ни е „ненормално“ . Очигледно ниедна програма за подигање на свеста во која се вложија многу пари – за жал не донесе промени во ова сфера од нашето живеење. Подигањето на свеста е резултат на долготрајна стратегија во образованието на една земја. Таа е резултат на имање ролмодели како лидери. Таа е резултат на макотрпна и упорна едукација – дома, на училиште и преку уметноста. Таа бара долга и истрајна жртва. Таа не е платена реклама за пиво, улошки или прафеми, зашто таа ниту се купува, ниту стои на продажба во рафтови. Таа бара од сите нас внимание и посветеност. А тоа нема цена. Исто како и љубовта. Кога ќе го читате ова, напипувајќи ги сопствените ментални „граници” до каде можете да се чувствувате „нормално“ и што сѐ вие лично би прифатиле и „дозволиле”, сетете се дека светот во кој живееме ќе беше многу поинакво, попразно и посиромашно место без Платон, Сафо, Леонардо, Микеланџело, Чајковски, Оскар Вајлд, Артур Рембо, Фреди Меркјури, Педро Алмодовар, Џоди Фостер и Џорџ Мајкл. И без воинот – качен на коњ – на кои многумина кај нас гледаат со восхит.

© 2013 Синоличка Трпкова, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.

Comments
  1. Scarlet Flame
  2. Алба
  3. Научник