За ум со код од 14 век – „лекот“ е бричење на суво

Владиката Агатангел да застане пред огледало мирно и да се погледне себе си добро. Потоа, да земе брич, по можност некој тупав, употребуван со години, и да се избричи самиот, и тоа на суво.

После овој ритуал на духовно „проветрување“ на умот, да се повлече во некој манастир и да го пронајде својот духовен мир и да бара прошка за грешките за кои ќе се покае што ги сторил.

Владиката Агатангел треба да се погледне во огледало, за да се погледне себе во очи. Но, не мислам сериозно дека треба да се избричи. Тоа го користам како метафора која асоцира на случки од минатото кога народот ги казнувал поповите со бричење заради недолично однесување. За поведението на некои попови зборува и поговорката „Сложни попови и во петок мрсат“.

Првата реченица со која е започната колумната ја поврзувам и со една сцена во филмот „Ангели и демони“, филм со сценарио од книгата „Кодот на Да Винчи“ од авторот Ден Браун. Имено, во филмот има сцена на припадник на еден засебен правец во Католичката црква, чинам името ѝ е „Опус Деи“, кој на себе има врзано каиш со боцки и шилци кои му предизвикуваа болки, а со цел да го потсетуваат постојано на поставената мисија што ја има пред себе. (Се извинувам ако сум направил грешки во описот на сцената од филмот, сепак поминаа години кога филмот беше светски хит).

Убеден сум дека постапките што ги прави владиката Агатангел се спротивни на неговиот разум. Но, тој свесно тоа го прави од други причини, можеби неповрзани со религијата и неговата духовна мисија – да ја шири христијанската религија, да биде пример за верниците за добро однесување.

Сите сме луѓе, па и владиците, грешиме, затоа треба да се преиспитуваме постојано за нашите постапки и да бараме прошка.

И дрвата протестираат ама никој не ги слуша

Ако владиката Агатангел бил убеден дека градоначалникот Андреј Жерновски навистина има за цел да ја руши црквата, тогаш пред да застане со граѓаните што протестираа и да упатува закани, требало да побара средба со Жерновски и да разговараат за ситуацијата. Прво требало да се исцрпат сите можности за разговор меѓу Жерновски и владиката Агатангел како преставник на верниците кои протестираа. За да стане јасно на сите дека Црквата во изградба, нема да се руши.

Градоначалникот Жерновски и владиката Агатангел требаше да бидат толку упорни во разјаснување на состојбата дека Црквата ќе биде изградена, што тоа ќе им станеше јасно и на дрвата во околината на Цркавата кои се таму засадени, дека и тие ќе бидат безбедни, нема да бидат исечени.

За жал дрвата немаат уста да проговорат, немаат нозе да отидат пред некоја институција за да искажат револт. Иако тие се поважни за граѓаните од било која зграда, за било која намена – затоа што едно дрво е еден живот за да се израсне е потребно време, а дрвата значат кислород наспроти штетните гасови кои го прават Скопје еден од најзагадените градови во Европа и светот.

Во минатотото поповите со голи раце го бранеле народот

Во минатото кога македонскиот народ немал држава, Црквата била негов заштитник. Се гордеам на селските попови кои први излегувале пред „аскерот“ – турската војска, или пак грчките банди, за да спречат да бидат убивани деца, жени, старци, селото да биде запалено. Најчесто токму поповите биле првите кои ќе го примеле куршумот или ножот во градите. Токму од таму извира мојата почит кон Црквата како институција.

Денеска во 21 век не е дозволиво највисоките преставници на МПЦ-ОА да се однесуваат како во времињата пред векови наназад. Не смееме да заборавиме дека, не сите „духовни татковци“ од било која религија се безгрешни, иако се преставуваат како преставници на Бог на земјата.

Напротив, во колективната меморија на македонскиот народ е врежано злосторничкото однесување на грчката црква кон Македонците како народ. Исто така и бугарската егзархија – која била главна алатка на Бугарија за асимилација на Македонскиот народ.

На МПЦ-ОА ѝ треба реформи и владици школувани во духот на новото време

Денеска постои апсурден проблем со СПЦ, за некојси Томос, како да Бог запишал некаде дека Црквата на Македонците може Томос да добие само преку СПЦ. Ова е спротивно на тезата дека македонскиот народ е библиски народ, а МПЦ-ОА да бара Томос од Белград а не директно од Бог. Примерот со Томосот е илустрација на тоа дека црквите треба да се реформираат, да не бидат заложници на правила од пред десетина векови, бидејќи тоа не поминува денеска во 21 век кај граѓаните. Токму затоа и толкувањето на правилата – каноните, библијата итн., треба да бидат постојано предмет на теолошката наука за што имаме и Богословски факултет. Токму затоа треба да се овозможи нови владици кои се школувани во духот на новото време да го преземат раководењето со Црквата.

Ова зборува дека Црквата како институција и нејзините преставници, од Поглаварот до поповите, не се со издадена „тапија“ од Бог и автоматски се безгрешни. Ова се однесува и за нашата Црква, не само во минатото, туку и денеска.

Сведоци сме на скандалите со кои се соочува Католичката црква, кои се без преседан, како педофилија и други сексуални перверзии и недоличности од најдолно ниво, но и финансиска корупција, перење пари… Исто така, сведоци сме и на напорите што се прават во Ватикан за да ја „испере“ совеста Католичката црква, ако е воопшто тоа можно. Токму затоа се случи и преседанот да си поднесе оставка папата Бенедикт, бидејќи не можеше да се справи со проблемите кои го урнисаа угледот на Црквата и верниците им се отргнуваат.

Според „Бучко“ моделот да избереме Поглавар

Поглаварот г.г. Стефан не се огласи ниту со една реченица изминатите денови, тоа е повеќе од срамота, а притоа настанот му се случува, така кажано, пред носот, имајќи предвид дека канцеларијата е оддалечена околу 500 метри воздушна линија од општина Центар.

Штом папата може да си поднесе оставка и да се посвети на духовен мир, зошто тогаш да не може и во нашата Црква да се направат промени кои ќе придонесат да се зголеми угледот на МПЦ-ОА меѓу верниците дома, но и пред другите цркви во странство.

Ако имаме авторитетен Поглавар тогаш може да се случи и Папата да ни дојде во Македонија, а не претседателот на државата и Парламентот секоја година да го канат, како да Ватикан не ги познава состојбите во МПЦ-ОА и тоа дека немаат адекаватни соговорници.

Штом владиците можат да бидат во тренд со модерното време – употреба на луксузни автомобили и други погодности, тогаш може и темелно да се реформираат адекватно на модерното време.

Можеби ќе звучам наивно, но Поглаварот е добро да го избереме демократски – според „Бучко“ моделот, кој веќе е добро познат во јавноста, бидејќи неговиот промотор Владо Бучковски веќе го „вергла“ постојано барајќи претседателот во СДСМ да го избираат членовите на партијата на непосреднио гласање.

За да го примениме „Бучко“ моделот за избор на владици на епархиите и Поглавар на МПЦ-ОА, услов е секој православен христијанин да биде крстен и за тоа да има доказ – „Крштелница“.

Ако нема разум во МПЦ-ОА и не се реформираат и не се посветат на својата мисија, тогаш треба ние верниците да ги земеме во раце „Крштелниците“, за кои впрочем и сме платиле уште во првите месеци од кога сме се родиле, и да побараме оставка од Поглаварот и да си избереме Владика кој може МПЦ-ОА да ја направи угледна и почитувана Црква, која ќе влева духовен мир во државата, наместо раздор меѓу верниците.

Потребен ни е Поглавар кој ќе има доблест и кој смета дека е разумно да отиде меѓу народот, уште похрабро и подоблесно ако биде облечен во патики, па и во фармерки и маичка, сепак и тој е човек, за да се запознае на лице место, дали неговите духовни чеда – верниците, се на исправна страна, или пак грешат, можеби се исполнети со мрачни мисли или се изманипулирани.

Мал е бројот на владиците кои се блиски со верниците и уживаат авторитет кај нив, наспроти нивната блискост со политичките партии.

Неколку примери во оваа насока, владиката Петар е преокупиран со судски процеси со заедници на Македонците во Австралија, милиони австралиски долари се трошат за адвокати. Во моментот не е важно дали тој е во право или не, но кога ќе му се спомене неговото име, мнозинството верници ги асоцира на овие скандали во кои тој е чинител. Не сме сигурни што му е главна преокупација на поглаварот Стефан – да ја води МПЦ-ОА или е „бизнис“.

Искуството со поранешниот владика Јован, а сегашен потстанар во затворот „Идризово“ Зоран Вранишковски, упатува на тоа дека лојалноста на владиците кон својата Црква и држава, треба да биде преиспитувана. А за „преиспитување“ на минатото, имаме ние македонски „инквизатор“ – кој е можеби единствениот функционионер со доживотен мандат на функцијата после Тито на овие простори.

П.С. Да бев на местото на Жерновски, ќе порачав големо платно на кое ќе пишуваше „Црквата Константин и Елена ќе се гради“, платното ќе го поставев пред црквата. Исто така, ќе донирав макар симболично за доградбата на црквата. Овој потег ќе беше одговор на „верниците“ од „Виритас“, а со цел да им ја одземе вештачки вбризганата морална сила која ја покажуваа дека штитат црква од рушење.

Почивај во мир владика Кирил.

Уште како дете владиката Кирил ми оставал впечаток по неговиот специфичен глас кој дополнително го зголемуваше неговиот авторитет и почит. За жал нема многу податоци за ликот и делото на овој владика, можеби сега по смртта ќе дознаеме повеќе, иако треба да има информации за владиците, за нивното творештво, исто така да знаеме и кои се нивни роднини, браќа, сестри, внуци. Овие информации како да се некоја тајна во нашата држава.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.