За лавот и зајакот

Зошто Лавот толку го напаѓа зајакот, ако не се плаши од него и од неговата сила? По приказната за „шлеперот и жабата“, сега е време за втор дел на политичкото потценување на релација власт – опозиција. Затоа, веќе не се прашува дали СДСМ ќе се распадне, туку дали ќе може да се подигне како ВМРО-ДПМНЕ без Љубчо Георгиевски?!

Деновиве се некако низ глава ми се вртат басните за „Лавот и зајакот“, за царот на животните и за кутрото мало животно со големи уши, над кое лавот сакал да ја покажува својата сила, моќта што му ја донела позицијата на која го изгласале самите животни, авторитетот. Но, зајакот, таков каков што бил, во речиси сите басни, го надмудрува лавот и со „финти“ успева да се избори за свое место во царството на животните!

Во оваа прилика, немам намера да раскажувам серија басни посветени за лавот и зајакот, туку само да споделам со вас неколку впечатоци од политичката недела кои ми ги вратија во глава басните за царот на животните и за зајчето! Средбата помеѓу премиерот Никола Груевски и новиот лидер на опозициската СДСМ, Зоран Заев многу ме потсети на басните за „Лавот и зајакот“. Секоја илузија изведена од партискиот симбол на ВМРО-ДПМНЕ и презимето на Заев, е само коинциденција, но оркестрираните медиумски напади врз штотуку избраниот лидер на опозицијата ме наведуваат да се почувствувам како во шумската приказна, во која Лавот, како цар на животните надмено се однесува кон зајакот, демонстрирајќи ја својата моќ и авторитет, а на крајот сите му се смеат нему иако тој нема големи уши!

Така некако ми прозвуче и изјавата на Груевски, на годишнината на партискиот подмладок, каде што објасни дека добро ги знае и Заев и Радмила Шеќеринска, кои „му биле стари муштерии и кои ги победил на избори“. Жестината со која Груевски го нападна Заев, по ништо не се разликува од таа со која про-владините медиуми удрија по Заев, го извадија неговиот политички багаж за аболицијата, па каква територијална поделба поддржал, што мисли за правата на припадниците на ОНА, до тоа дека СДСМ е пред распаѓање и кој кого во иднина ќе поддржува или не поддржува.

Читајќи ги сите овие „јуриш медиумски битки“ се восхитувам на медиумското огледало во земјава, затоа што сфаќам дека ние немаме други проблеми во Македонија, бидејќи два месеци сите се занимаваа со конгресот на СДСМ, а сега, уште толку време изгледа ќе се занимаваме со ликот и делото на Заев, со распад на партијата и со спинови кои водат до неминовното прашање: до каде се способни да одат со измислиците?

Но, се чини, Македонија е измислена земја за функционирање на опозиција! Па, каде на друго место и се отстапува толкав простор на партија која седум години е во опозиција и која според владините медиуми е пред распаѓање?! Не разбирам, од каде потребата да се коментира и оживува „мртва“ партија?! Та, наместо власта да слави дека нема опозиција, тие секојдневно ја будат, мислејќи дека на тој начин ја уништуваат, а во исто време, правопропорционално го зголемуваат гневот кај луѓето, кои сѐ уште прават разлика, што е реалност, а што спин.

Немам намера да се „замарам“ дали ќе опстане СДСМ или ќе се распадне, дали Заев ќе биде премиер или Груевски и овој пат ќе го порази. Идејата ми е да ги споделам миговите како изгледаше сега семоќниот „лав“ олицетворен во ВМРО-ДПМНЕ, кога се делеше од неговата матица собрана околу главата на партијата, неприкосновениот Љубчо Георгиевски.

По фамозната делба на партијата во хотелот „Панорама“ на Водно, Љубчо и неговите кои го напуштија партиското седиште, од сега непостоечката жолта куќа, однеле речиси сѐ, од инвентар, до луѓе. Јас, како дежурен новинар, тогаш во „Сител“ телевизија, бев испратен да снимам изјава од новиот лидер на партијата, кој требаше да го најави коктелот што ќе го правеа по повод годишнината од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Се сеќавам дека беше летен период, поприлично жешко, а во жолтата зграда нѐ пречека темница и уште пожешко.

Како што ме дал Господ, со брз јазик, гласно коментирав и прашував зошто седат во темница и без вклучени клима уреди. Филип, снимателот, уште на излегување ме прекори дека „сум за никаде“, бидејќи не сфатив дека во зградата нема струја или ептен штедат затоа што немаат пари да ја платат. Кон ова ми се надоврза и муабетот што го тераше еден уредник во телевизијата, кој, чинам зборуваше со екс градоначалникот на Центар, неговите маркети да спонзорираат дел од коктелот за годишнината на ВМРО-ДПМНЕ, а дел од производите да ги наплатат по набавна цена.

Вечерта, на коктелот кој беше организиран во Музејот на современа уметност на Кале, имаше повеќе келнери од гости! Тоа беше првиот роденден на ДПМНЕ без дотогашниот лидер Љубчо Георгиевски. Околу сегашниов лидер имаше мал дел од партиското членство, сега дел од министрите и пратеници и тоа беше сѐ! Не можеше да се препознае партијата која бевме навикнати да ја гледаме, посебно не во периодот на нејзиното владеење, од 1998 – 2002 година.

Коктелот помина, а во ВМРО-ДПМНЕ почнаа да се враќаат и тие кои сечеа вени за Љубчо, кои му пишуваа колумни на Никола, дека кога ќе се спомне ВМРО се мисли на Љубчо, нешто слично како што сега над 30 илјади членови на СДСМ собирале потписи Бранко Црвенковски да остане на чело на партијата.

Понатаму, знаете како се развиваше ВМРО-ДПМНЕ, во која функции добија сите кои во тој период беа околу Груевски, а потоа и најгласните „љубчовисти“ кои јавно, некои и по два–три пати преминуваа од „народњаци“ во „демократи“.
Затоа, изненадува жестината со која му се нафрлија на Заев? Гледајќи од страна, не е без основ стравот, зашто сегашната позиција на која е Заев, јас би рекол дека е најмалку еден чекор напред пред позицијата што ја имаше Груевски пред 10 години, по неговиот избор.

Со таа разлика што, Заев ја има и Струмица како база зад себе и позицијата градоначалник. Со средбите со странските претставници и неколкуте прилично радикални изјави и признавање на грешки, како тоа за коалицирање во Кичево и Струга, Заев веднаш се тргна од сенката на Црвенковски, па реторичките прашања дали струмичкиот градоначалник ќе излезе од сенката на Бранко веќе се излитени, па мора да се смислуваат нови спинови кои ќе ја држат будна јавноста.

Покрај Заев, власта неделава удри и по градоначалникот на Центар, на кого му однесе насилници во дворот, кои ја демолираа општината поради наводно стопирање на градба на црква во центарот на Скопје. После протестот, почнаа да кружат вицови дека поскапеле јајцата на пазар, бидејќи сендвич-протестирачиве ги испразниле тезгите со јајца за да ја бојадисаат со нив општината!

Просто да се чудиш, што ќе биде следно! Од спин до реализација одлично замислено и реализирано, но без одговор, кој ќе ја плати штетата од кршење на општината. Или, што би рекол митрополитот Европски, дали со кршење на општината ќе го браниме евентуалното неградење на црквата?

Затоа, му се чудам на умот на Лавот кој решил да си игра мајтап со зајакот, кажувајќи му дека е мал, ама дека има големи уши. Ако лукавоста на зајчето, како во басните, излезе наскоро на виделина, лавот да нѐ биде изненаден како бил насамарен! Несмасноста на големите е позната, наспроти брзината и итроста на малите животни! Па, од таму, и се бара логиката „зошто Лавот се закача“?!.

И додека СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и медиумите нѐ забавуваат со приказни од опозициското мени, јас сум во сериозна дилема за смртта на Мерлин Монро. Пишував дека Владиката Петар нѐ просветли за нејзиното самоубиство затоа што не можела да има деца?! Но, сега на виделина излегуваат белешки од американски детектив кој тврди дека „Мерлинка“ одржувала врска со двајцата браќа Кенеди, а едниот од нив, кога станала љубоморна што не ја сакале туку ја третирале само како парче месо, ја задушил со перница, обидувајќи се да го скроти нејзиното хистерично викање. Затоа, го молам владиката Петар итно да бара санкции за детективот кој изнел такви бесмислици за Мерлин Монро, но без право да ги абортира лагите што ги искажал, бидејќи контраверзниот закон за спречување на абортусот веќе е донесен. Читам дека невладините организации бараат претседателот Ѓорѓе Иванов да не го потпишува законот?! Јас нив ги прашувам, а ако не потпишува укази за прогласување на закони кои се штанцаат преку ноќ, што друго ќе работи посочениот претседател?

И на крај, му се восхитувам на потегот на директорот на ГТЦ, да го направи трговскиот во барок стил. Не ги „разбирам“ тие што не сакаат барок, ниту сопствениците на дуќаните во ГТЦ кои гордо молчат, а чиј број не е мал, бидејќи како да не знаат дека Абазовски парите нема да ги даде од свој џеб за новата барокна фасада! Сепак, ако Амди Бајрам може да биде „кока-кола“ бренд, тогаш и неговиот зет, Аго Абазовски може да биде директор за барок центри.

Затоа, добредојдовте во нашата мала, ама мила џунгла. Само, внимавајте додека се движите низ неа на животните! Понекогаш знаат да се вознемират без причина! Малку фали да им пукне филмот!

© 2013 Саше Димовски, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.