Скршените врчки на мојата генерација

Триесет години. И што е сторено?
Триесет скршени врчки.
Детето во мене е затворено
во еден кафез од брчки.
„Кафез“ – Блаже Конески

Врчка е стомна, не е сестра на Врчак. Нашите претци верувале дека кршењето врчка носи една година несреќа. Тоа е смислата на оваа песна. Барем јас така ја гледам. Ние сме модерни, го заборавивме нашето, ем старото, сега си ја облекуваме душата во западен стил, убедени сме дека кршењето огледало носи седум години несреќа. Се лапаме за Свети Валентајн, на тиквите си ставаме маски за Ноќ на вештерките. Но, ова не е текст за нашата опсесија со западната традиција и култура, немам никаква намера тука да го гушкам Мекдоналдс.

Ја земав оваа песна од Конески затоа што во неа поетот заокружува една целина од својот живот. Целина на еден триесетгодишник кому секоја година му била несреќна, ама тој сѐ уште се чувствува како дете, иако затворено во своето возрасно тело… кафезот од брчки. Прекрасна, ама тажна песна. Јас немам триесет, туку еве итам накај триесет и шестата година од својот живот, не мислам дека секоја година ми била скршена врчка, ама сѐ уште се чувствувам како дете. Затоа што сакам да си играм. Сакам да си играм со зборовите, со сонцето, со тишината и прекрстените нозе на жените. Го љубам животот, тоа е тоа, заљубен сум во него, иако…

Иако и јас имам многу скршени врчки и не, не мислам на некоја неостварена или завршена љубов, не зборувам за сиромаштијата која од раѓање до денес ми е како верна сопруга, не пишувам за индивидуална несреќа што го снаоѓа секој човек во животот. Зборувам за искршените врчки на мојата генерација. Не дека ние седумдесетиседмашите сме нешто посебно трагични, секоја генерација си има свој рај и пекол, ама ете, речиси и да немам читано интимни доживувања од моите врсници за силните бранови низ кои се кршеа чамците на нашите животи. Да, интимни доживувања, токму тоа сакам да ви го постелам тука, мојата интимност низ одисејата наречена, живот.

Оти кога бевме осмооделенци, кога требаше да почнеме да се делиме на два реда, машки и женски за танго, моите врсници слушајќи ги своите родители почнаа да се делат на оние за СКМ ПДП (подоцна СДСМ) и оние за ВМРО-ДПМНЕ. Да, тоа беа први парламентарни избори и јас ништо тогаш не разбирав, затоа што сѐ уште се радував на блок картата за натпреварите на „Вардар“ и сонував за карта за концерт на Депеш Мод. А потоа само се редеа лудостите.

Годината кога мојата прва љубов ми стана бивша љубов и мојата земја се сложија да стане бивша југословенска република.

Годината кога првпат земав нечија невиност, слатката крв на чаршавот се давеше во океанот зла крв што се лееше од балканските војни.

Годината кога го сменив рангот на образованието, мојата земја смени знаме.

Истата таа година кога јас ја откривав безвременоста на уметноста, мојата татковина се спогоди да стане привремена.

Попат пиевме нафта за храна и моравме да аплаудираме на светските медиумски пропагандисти кои нѐ просветлија со новите човекови права како правото цела една градинка да стане колатерална штета и правото да цркнеш во пријателски оган.

И не заврши тука.

Годината кога тргнав пеш да ја крстосувам Македонија, небото над мојата глава го крстосуваа беспилотни летала и ракети со осиромашен ураниум.

Две години подоцна кога требаше да се трансформирам од академски граѓанин во филмски режисер, терористите што војуваа со мојата земја се трансформираа во борци за човекови права и добија права само за себе, права наречени политички кариери.

Неколку години потоа кога јас откривав дека во животот сакам да се припојам до неколку жени одеднаш, некои луѓе одлучија дека кон општина Зелениково не е лошо да се припои општина Дебар, јас прашав „Дали сте вие нормални?“, а тие ми одговорија, „Некои прашања дечко не заслужуваат одговори!“

Си реков, знам, ова нема да запре.

И не запра.

Открив дека ако навечер, онака пијан, одлучам да пеам под прозорот на некоја дама, лесно може да се соочам со организирана група контрапеачи.

Открив дека музеј, театар и филхармонија можат со еден потег да се нагрдат, потребни се само брод, вештачки палми и карузел.

Открив дека на хуманото прашање за легализација на канабисот како лек против огромен број болести, добивам државно фармацевтски одговор во облик на ХПВ и тамифлу вакцини, како и закони со европски знаменца кои еден ден ќе ги забранат природните семиња и лековитите билки како нане, на пример.

Попат научив дека водата не е веќе човеково, туку корпорациско право.

И за цело време ме убедуваат дека за да влезам во некои елитни клубови не треба да прифатам дрескод, туку да се откажам од своето име и идентитет.

Па така еве ме тука, со своите триесет и пет години и пар скршени врчки, сѐ уште не сум одлучил да створам потомство, оти се плашам да не ми се случи, јас да го учам да го љуби ближниот свој и да не им го прави на другите тоа што него не сака да му го прават, а тоа да мава со камења по неистомисленици за да заштити храм, страв ми да не дојде до тоа, јас да го учам да гушка луѓе, а тоа да гушка бетонски градби.

Си велев на глас, сето ова е апсурд и психоза.

Влези во политика, опрај ги нештата, ми велеа едни.

Не влегувај во политика, политиката е курва, ми велеа други.

Да беше политиката курва и јас ќе легнев со неа, им одговарав.

И затоа само пишував, мојата окупирана интимност пишуваше и еве ги постелени пред вас искршените врчки на мојата генерација.

Кој стигнал до тука со читање, еве ја мојата гласна тишина:

Не плачи мој свет свету, јас сѐ уште умеам и можам, исправен, под жолтото торзо на месечината да врескам полудени стихови, за истрошениот страв во мене, за страсната љубов во мене.

Јас сѐ уште верувам во креативното лудило, во гневот на убиствениот збор, сѐ уште играм руски рулет, пинг-понг со сопствената душа, заглавена и запенета во мене како епилептичар во модра зора.

Жив сум, а има доволно мртви околу мене, има доволно курви околу мене, има милион ѕвезди заглавени во мојата коса, заробени во мојот пепелник, има доволно зборови што треба да се испишат со крвта на бедните, има доволно љубов за секого што сака да стенка под небото на проклетите.

Не плачи свет свету, јас сѐ уште се возам во автобусот на депресијата, сѐ уште се возам низ слепите улици на мојот Балкан, сѐ уште пловам низ крвта на мојата Македонија, низ мртвите улици на градот Скопје.

Сѐ уште сум загледан низ валканиот прозор на тој автобус во евтини кадри од порно филм дур светлоста се кине под гиљотината на денот.

Има доволно воздух во гумите на тркалата, има доволно воздух за очај да вдишат два милиони гради под сонцето, има доволно простор за да се гужваат луѓето, да се изгазат луѓето, притиснати од своите мечтателски фрустрации, внатре има доволно жени за да се наполнат борделите на Европската унија, има доволно мажи за да загинат во сите американски окупации, има доволно деца за да ги дадат своите органи на белосветските пазари.

Тие се прекрасни под своите облеки, тие се прекрасни голи дур од нив истекуваат нивните сокови што сакам да ги излеам низ инката на несреќата, има доволно ден во автобусот, доволно живот во автобусот за да се нахранат сите црви и гробови.

Не плачи свету, јас сѐ уште можам да напишам песна за тажниот поглед на една нежна проститутка родена кога умре оној другар со пура, која изгуби невиност ноќта кога падна оној ебен ѕид во Берлин, која почна да заработува леб, парфеми и удари дур светот продаваше лажна демократија, која реши да си го продаде телото на ѓаволот за неговите рогови.

Јас сѐ уште можам да напишам песна за врелото срце на една нежна проститутка која носеше порака низ рововите на Балканот испишана врз нејзините гради и колкови, порака за сите ебени војници во која ѓаволот плачеше по своите рогови.

Не плачи мој свет свету, мракот тлее во пепелта на боговите, мојот крик ќе направи атомска бомба под небото, огромна печурка за вселената, јас сум жив, опкружен со демони и добро ми оди љубовта со месечината.

Затоа, не плачи свету, денес јас плачам за тебе и пред да ме обесат под камбаните на сите зајдисонца ќе испушам џоинт за тебе, ќе се напијам вино за тебе и со својата девојка ќе водам љубов за тебе, овде долу во ровот на осаменоста, овде долу среде тагата на светот, врз пустиот крстопат на вселената, низ слепите улици на мојот Балкан, низ крвта на мојата Македонија.

© 2013 Александар Русјаков, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.

Comments
  1. Анонимен
  2. Aleksandar