Придржи ми го копилево да ѝ се насмеам на копиљаркана

Во Скопје се одржаа серија активности поврзани со „неделата на гордоста“. Стартот беше о(д)бележан со анти-геј парада и напад врз ЛГБТИ центарот за поддршка и во него присутните гости и активисти, при што беше повреден еден полициски службеник за време на вршење на должноста и беше нанесена материјална штета на центарот. Непосредно пред настанот, на плоштадот беа претепани четири лица од страна на огранизирана група. Сето ова благодарение, пред сѐ, на спиновите од одредени медиуми кои пишуваа, па потоа се демантираа или двосмислено информираа за (не)одржувањето геј парада во Скопје. Тие сносат дел од одговорноста за штетите кои беа нанесени како директен резултат на непочитувањето на насоките за работа во прирачникот за етиката во новинарството.

Најголема одговорност треба да преземат сторителите на кривичните дела кои дејствувале спротивно на здравиот разум и законот. Сепак, нивното однесување е условено и предизвикано од негативното портретирање на ЛГБТИ популацијата во изминатиот период. Генезата на проблемот лежи подлабоко, а продолжува преку компромитирање на објективноста на образовниот систем и информирањето на граѓаните пуштајќи во употреба учебници кои хомосексуалноста ја третираат како болест, социопатолошка појава и растројство на сексуалниот нагон, за истото да го детектираме во хомофобичната и дискриминаторска кампања на државните институции, политичарите и новинарите/медиумите во служба на владината пропаганда за традиционални вредности и дискредитација на различностите во општеството. Имено, со ништо предизвикани владата, уште пред отварањето на ЛГБТИ центарот, за дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и предизвици со кои се соочува нашата земја, ги искористи хомосексуалните бракови и посвојувањето деца од истополови партнери како тема на „дебата“ во форма на трибини на „експерти“ и изјави во медиумите со кои се плукаше по правата и достоинството на ЛГБТИ популацијата споредувајќи ги варијациите во сексуалната ориентација со педофилија, инцест и други несоодветни примери.

Не се помалку одговорни ниту партиите од опозицискиот блок кои ги поддржаа и потврдија тезите на владата или мудро молчеа одобрувајќи го таквиот третман кон лицата кои со својот избор излегуваат надвор од рамките на хетеронормативното однесување. Ова не може да се квалификува никако поинаку освен како хипокризија, калкулантство и бркање политички поени на штета на цела една група граѓани, заборавајќи дека истите тие лица се дел од гласачкиот електорат на оваа држава. Да не заборавиме на фактот дека ниту една политичка партија не одговори на прашалник од ЛГБТИ центарот што им беше доставен непосредно пред локалните избори за плановите, залагањата и активностите кои партиите ги имаат во своите програми во однос на правата на ЛГБТИ луѓето и промоцијата на концептите за еднаквост, слобода и заштита од дискриминација на локално ниво.

Верските институции и нивните претставници најмалку заслужуваат амнестирање од вината за ширење говор на омраза и охрабрување на верниците во извршување злосторства од омраза каде таргетот не секогаш е лимитиран само на ЛГБТИ луѓето. Тие често се јавуваат како главни промотори и организатори на заштитните мерки и активности од демонските сили отелотворени во оние со различни гледишта од ригидните перцепции на свештениците. Од друга страна, поврзаноста на политичкиот и свештеничкиот врв во државните политики и заедничките настапи сериозно ја поткопуваат и ја доведуваат во прашање секуларноста на државата.

Неоспорен е фактот дека во редовите на религиозните заедници и политичките партии во Република Македонија хомосексуалноста е присутна, но за тоа најчесто не се зборува јавно и истото се премолчува. Таа е присутна на сите возрасти и застапена во сите раси, националности, религии, култури, социјални слоеви итн. Искористете го слободниот пристап до информации што ви е достапен благодарение на развојот на технологијата и, освен преродбата во 100 чекори која ви ја дистрибуираат до вашите домови и перењето мозоци кое ви го прават со помош на телевизиските екрани преку информативните изданија и авторски емисии на одредени медиуми во кои гостуваат исклучиво владини претставници и експерти, прочитајте ги бројните научни студии на тема хомосексуалност. Во класификацијата на болести на Светската здравствена огранизација лесно можете да проверите дека хомосексуалноста не се наоѓа на листата на болести и растројства. Изнесувањето погрешни и невистинити информации во јавноста претставува директно дискриминирање и стигматизирање на хомосексуалците. Патем, иако сексуалната ориентација не е експлицитно наведена како основа за дискриминација во законот за спречување и заштита од дискриминација, Република Македонија има ратификувано меѓународни конвенции, инструменти и документи кои треба да обезбедат еднаков третман за сите и почитување на човековите права и слободи.

Според тоа, каде е претседателот на државата Ѓорге Иванов? Каде е премиерот Никола Груевски? Каде е министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска? Каде е јавниот обвинител Марко Зврлевски? Тие не смеат да дозволат партиските идеологии да се рефлектираат во нивната работа, демонстрирајќи селективен пристап во обезбедувањето на сигурноста и заштитата од насилство на граѓаните. Тие имаат должност да го осудат говорот на омраза и злосторствата од омраза, како и сите инциденти од омраза без разлика дали основата за тоа е сексуалната ориентација или нешто трето. Оттука произлегува нужноста од вклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет во националната легислатива како основи на дискриминација. Ова не смее да се гледа само во контекст на потребите и интересите на ЛГБТИ популацијата, туку претставува обврска која Република Македонија како држава со кандидатски статус ја има преземено за исполнување на директивите и критериумите на Европската Унија.

Туку, исто така, се прашувам каде се да се огласат јавно оние пратеници и пратенички кои на 24 декември 2012 беа насилно влечени и тепани во Собранието? Тие, тогаш, побараа од нас да ги поддржиме и ние тоа го сторивме. Каде се сега истите тие кога нам ни е потребна нивната поддршка? Јас сум, на пример, еден од оние кои гласале за нив и очекувам да ги застапуваат моите права и интереси и да застанат во нивна одбрана. Освен ЛДП и ЛП, на останатите очигледно премногу им значи удобноста во нивните пратенички фотелји за да си играат со рејтингот кај граѓаните и отворено да ги осудат нападите врз ЛГБТИ популацијата и активистите? Што можеме тогаш да очекуваме од нив? Што подобро тие ќе ни понудат од ова што сега ни го прават владеачките коалициони партнери? Судејќи според молкот од нивна страна, единствено можеме да го констатираме одобрувањето на таквото однесување и нивното соучешништво во истото.

Хомофобијата, дискриминацијата и насилството припаѓаат во минатото и не се одраз на цивилизирано демократско општество. Сите чекори кои засега ги презема власта водат кон комплетна изолација на земјата и генерирање внатрешни поделби помеѓу луѓето. Личните интереси и профитот на политичарите се ставени над оние на граѓаните, па така доаѓаме до систематското духовно и материјално осиромашување на народот како најлесен начин да се создаде негова зависност од милостивата рака на пастирот и да се искористи како инструмент за манипулација, условување и закани во случај на непочитување или непослушност кон партијата. Останува неодговорено прашањето кога граѓаните на Република Македонија ќе доживеат просветлување и конечно ќе сфатат дека протестот е една од најблагородните, историски најприфатливи форми на патриотизам врз кои се поставени темелите на денешната македонска држава. Сѐ додека се дозволува да се ограничуваат и уназадуваат наместо да се унапредуваат правата и слободите на граѓаните, заедничкиот просперитет ќе биде во заложништво на психопатолошките профили и криминалците кои во моментот нѐ водат кон провалија и враќање на родовско-племенското уредување во општествените односи како најпогодно за владеење на силата наместо владеење на правото.

© 2013 Петар Стојковиќ, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.

Comments
  1. D
  2. Т