Предноста да се биде од Струмица за да се стане премиер

За добро управување и раководење со нашата држава, сметам дека е можно функцијата премиер да ја укинеме и да ја замениме со функцијата градоначалник. Македонија да ја направиме град-држава. Оваа реченица веројатно ќе предизвика забуна во првиот миг, но и треба да предизвика посебен интерес.

Немам цел да кажам дека Македонија е мала држава и споредено со градовите како Њујорк, Лондон, Берлин, Париз и други, чии градоначалници раководат со поголема администрација, поголем буџет, одговорни се за условите на живеење за поголем број жители отколку што има Македонија.

Исто така, немам цел да објаснувам за менаџирањето на корпорациите кои имаат вработено стотици илјади луѓе и располагаат со буџети тешки стотици милијарди долари и се „распослани“ на два, три или на сите континенти на планетата.
Имено, имам цел да ја демантираме една од низата неполезни тези и теми кои прават забуна, извртување на вистината, фактите, и други штетни последици по напредокот и развојот на државата.

Пред да продолжам, да нагласам дека се обидувам непродуктивните теми и тези да ги избегнувам како би ја насочил енергијата кон теми кои се важни за нашата иднина.

Сепак во нашето општество доминираат неполезните теми – темите кои се својствени за минатите времиња. Тоа е така бидејќи политичките и економските моќници имаат интерес да се оттргнува вниманието од корупцијата, криминалот, кршењето на човековите права, уназадувањето на демократијата…

Со изборот на Зоран Заев за претседател на СДСМ, во јавноста се наметна тезата, дилемата, грижата, за тоа како тој ќе успее да ја врши лидерската функција во СДСМ истовремено со функцијата градоначалник на Струмица. Како ќе успее да биде во Скопје и во Струмица – како овие два града да се во различни временски зони или на различни континенти. За момент да се направам и јас „на удрен“.

Во моментот на пишување на текстот се правам „на удрен“ и еве се загрижувам и јас за тоа, како ли Заев ќе успее да го реши проблемот да биде градоначалник и лидер на опозицијата истовремено. Ме фаќа јанѕа да не се случи да имаме пак слаба опозиција, чиј лидер ќе биде растргнат со обврските во општината Струмица и во Скопје со обврските со партијата. А без силна и креативна опозиција не можеме да имаме демократија во државата. Произлегува дека вината за уназадувањето на демократските процеси, не е кај власта, туку за тоа досега е виновна опозицијата. Токму тоа „добронамерно“ го порачувааат преставниците на власта и нејзините брендирани поддржувачи.

Токму затоа во оваа прилика ќе се обидам барем малку да допринесам во решавање на „проблемот“ како да се справи Заев со градоначалничките и партиските обврски како лидер на опозицијата.

Предлагам Заев да си набави хеликоптер од помалите модели кои се за кратки релации и погодни за слетување и полетување и на нерамни терени-  токму како за условите во нашата држава. Согласно законите кај нас правно или физичко лице може да поседува хеликоптер – кога е можно авион и јахти, зошто да не може хеликоптер.

Со ова превозно средство Заев ќе може да ја крстосува Македонија на широко и долго. Ќе појадува во Струмица, ќе вечера во Скопје, ќе руча во некое од селата во општината Струмица, или можеби после 16 часот во некој дел од државата тргнaт во вршење на партиските обврски. На овој начин „концепцијата“ за работливост насловена „24/7“, Заев ќе успее, да ја триплира, а не само да ја дуплира. Секој кој прочитал барем една книга на тема управување и организирање на процеси – кратко кажано менаџмент, треба да знае дека клучот на успехот на лидерите е во формирањето на тим кој ќе го следи, тим кој ќе биде мотивиран да биде посветен, сплотен и лојален кон реализација на зацртаната цел.

Времињата се сериозни, настрана зафрканциите. Во продолжение да пристапиме сериозно на темата. Имено, нема потреба од хеликоптер, како што не е проблем, туку е предност тоа што Заев е градоначалник на Струмица и, воедно, лидер на опозицијата.

Во оваа прилика ќе се обидам оваа констатација да ја аргументирам. Имено, граѓаните кои не се од Скопје, повеќе би посакале идниот премиер да биде од внатрешноста на државата, затоа што тој подобро може да ги разбере проблемите на граѓаните кои се соочуваат во градовите и селата ширум државата.

Додека пак скопјани би требало да бидат среќни кога би имале градоначалник како Заев. Нема потреба да се објаснува – за тоа зборуваат фактите во Струмица. После Охрид, Струмица стана најпосетувана дестинација за забава и за скопјани. Скопје може да има полза од Заев како сегашен опозициски лидер, со оглед на тоа што кога ќе стане премиер, тој ќе може многу да допринесе за решавање на проблемите од витално значење за скопјани, бидејќи неговото искуство од Струмица е драгоцено.

Подобро градоначалник за премиер отколку личност без ниеден ден работен стаж. Постојат низа примери во Европа и светот кога градоначалници на метрополите или пак на друг град, станале премиери или претседатели на државата. Додека пак во САД, гувернери, конгресмени итн. Тешко е да се најдат примери на личности без ниеден ден работен стаж да станале премиер, министер, или да добиле друга висока политичка функција, како што е случај кај нас од 1991 година до денеска.

Струмица не е провинција во Македонија, затоа и не може ниту еден струмичанец да биде провинцијалец, исто така и Заев. Наместо провинција, исправно е да се користи внатрешноста на државата. Македонија не е уредена според провинции. На пример, провинција има во северна Грција, и таа е именувана со името Македонија – причините се добро познати.

Кој сака може да ги погледне биографиите на сегашната канцеларка на Германија, на нејзините претходници, како и на најголем дел на министрите, притоа одвај да најдете некој од нив кој е берлинец – роден во Берлин. Да се префрлиме во САД, погледнете ги, исто така, биографиите на претседателите и водечките членови на нивните администрации, одвај ќе најдете некој роден и израснат во Вашингтон. Ќе кажете тоа е голема држава, но истиот случај е и со голем број од државите во ЕУ и другите делови од светот.

Продолжувањето со мантрата дека Заев немал доволни перфоманси за лидер на опозицијата и иден премиер бидејќи е струмичанец, е уште еден доказ дека живееме во општество со дискриминации по сите можни основи. Токму затоа и не е за изненадување тоа што сме поделено општество, а и понатаму продолжуваме да се делиме.

Очекувано е профилот на личноста на Зоран Заев да стане пример за политичар во кој мнозинството граѓани ќе ги пронајдат чесноста, искреноста, работливоста, трудољубивоста, борецот за правда… Токму политичари како Заев треба да бидат примери и идоли на младите генерации, на тие кои сакаат да добијат политички функции и да преземат одговорност за државата во иднина.

Ваквиот мој став го базирам на биографиите на многумина државници во светот кои оставиле белег во времето додека биле на власт, а кариерата ја започнале на локално ниво. Со иницијативи за решавање на проблемите на својата улица, маало, во студенстките и младинските организации, за да продолжат со вршење функции во својата општина, па подоцна нивните резултати и искуства да ги одведат до врвот на политичката сцена во своите држави.

Во оваа прилика ќе го посочам примерот со Конрад Аденауер, првиот канцелар на Западна Германија после Втората светска војна. Политичката кариера Аденауер ја почнал на локално ниво и тоа во тежок период за Германија – меѓу двете светски војни. Таквата кариера на Аденауер допринела добро да ги познава проблемите на граѓаните кои успевал да ги решава.

Таквото искуство подоцна му помага во најголема мера да одигра клучна улога во Западна Германија која требало повторно да се гради од темел. Благодарение на неговата умешност и мудрост да ја добие подршката на западните сојузници без притоа да ги иритира Русите, за 10 години Западна Германија повторно силно напредува за да стане економски силна држава со брз технолошки развој.

„Политичарот се раѓа, ги добива првите искуства, умешности во решавање на проблемите во општеството на локално ниво за потоа да презема повисоки политички функции во државата.“ Најблиску ваква е мисијата и постулатите на фондацијата „Конрад Аденауер“.

Оваа фондација има преставништво и во нашата држава, стипендира студенти на општествените науки и соработува со ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа што фондацијата е основана од Христијанско-демократската унија (ЦДУ), конзервативната партија во Германија.

За жал и покрај големите вложувања на оваа фондација за поддршка во градењето на политики засновани на искуства од Германија, резултатите во практиката се минорни. За причините за тоа во друга прилика.

П.С. За Зоран Заев знам од медиумите, во живо сум имал прилика да го сретнам еднаш. Си ја сакам државата, мечтаам, си бладам, еве вака и јавно преку колумни, за да дојде човек кој ќе ја направи Македонија пристојно место за живеење – членка на ЕУ и НАТО. Наместо да се занимаваме со комисии за исфрлање пратеници од Собранието, да се бориме сега со администрацијата на ЕУ во Брисел дали ќе добиеме во буџетот две или три милијарди евра европски пари. Хрватска која од први јули е официјално членка на ЕУ, ќе добие четири милијарди евра од Брисел – за добредојде. Додека кај нас Џејсон Мико и неговото друштво од Македонија, ќе ни проповедаат дека ЕУ се распаѓала. На оваа тема, исто така, во друга прилика.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.