Пиреј-круша

„Круша“ – Блаже Конески

„Гледај – презрева крушата,
види – презрева крушата,
и уште малку, таа ќе гние,
ќе гние како душата.
Прво заврзал родот,
потоа узреал плодот,
паднало кривото и црвливото.
Нешто направил дождот,
нешто сторила сушата –
и еве жолто стрниште и плодови расфрлани
и мрави во просторот на душата.“

Порано, секогаш кога ќе се вознемирев за некои општествени случувања, ѝ се јавував на мајка ми на телефон, за да ме смирува. Веројатно поради тоа што, како мал (како и секое дете, можеби), мислев дека секое решение за црните случувања на овој свет, се наоѓа во нејзините зборови. Денес, кога веќе сум пораснал, сфаќам дека за тоа постојат апчиња. Какво сурово откровение! Но, таквите додатоци, за подобрување на психата, одбивам да ги пијам. Си имам јас едни, на растителна база – демек, нема хемија во нив, па не ми наштетуваат, на веќе еднаш оштетениот црн дроб.

И, иако пораснат и свесен за тоа дека не постојат розови очила за гледање на светот, во кој летаат „Мечињата со добро срце“ (еден од омилените ми цртани филмови), се сеќавам, кога се случуваше „црниот понеделник“, дека не можев да се смирам никако. Се тиштев. Се пустеев. Моите мисли пловеа неорганизирано, растопени меѓу стиховите на Петре М. Андреевски и меѓу поемите „Круша“, „Очај“ и „Разговор“ на Блаже Конески.

Кога мислите ми се хаотични, поезијата и духовната музиката се веројатно единственото нешто што ме тера да седнам и да вдахнам живот на парче електронска хартија, како сега. Но, повторно ѝ се јавив на мајка ми. Овој пат, му се јавив и на татко ми! Ми требаше нивниот совет, нивните зборови: „Ќе биде добро сине! Ќе помине и ова! Не тревожи се!“

Но, како да не се тревожам? Како, кога ме вознемирува секоја владина напаст низ светот, особено оние напасти кои живеат кај мене и во државите околу мене? Како да не се тревожам, додека Реџеп Таип Ердоган си го „мери пенисот“ со сопствениот народ? Кога Ердоган, поради еден трговски центар, не дава народот да „си игра“ со него? Баш ми е жал што немал родители како моите, па да го научат дека треба да си игра со другарчињата и да дели со нив, па макар и да бил асоцијален тип, каков што бев јас како мал.

„Не тревожи се!“ – ќе ми речат, повторно. „За сѐ си има „Зошто?“ и „Затоа!“ во природата!“

Не, некако не поминуваат тие зборови веќе. Си вирее гневот на народот – си вирее и во мене. Си тлее! Се шири како болест меѓу оние кои имаат отворени очи за општеството. Се шири кај оние кои немаат ограничувачи на видот, кои, пак, им се ставаат на коњите за да гледаат само право. А такви одамна им „тураат“ и на луѓето!

Следејќи ги ревносно случувањата во Турција, пишувајќи константно пораки со пријателите што ги имам таму (Македонци и Турци) не можам, а да не помислам дека и нас можеби нѐ чека слична судбина! Но, на овие мисли секогаш имам решение кое ме „ослободува од стресот“ – дека нема Македонецот/ката толкав „стискавец“ за такви работи! Овој народ повеќе од 1.000 луѓе не може да собере на едно место за да се спротивстави на одредена владина одлука за која мисли дека не ѝ е местото во оваа земја! Овој народ, може само да се прибере во плоштадското трло, тогаш – кога нивните партиски лидери ги повикуваат на нова послушност за еден глас, што и така ништо не им значи, зашто постојат дигитализирани начини за репродукција на изборите по сопствен вкус, но, ним сѐ уште им важи едно правило – дека фотографијата со 30-илјадна толпа вреди исто толку зборови низ социјалните мрежи!

И тука, се прашувам – како е возможно, еден народ да сака само два лика, а да мрази сѐ останато околу себе? Како е возможно да се крсти (некогаш и буквално) во Бранко Црвенковски и во Никола Груевски, или во нивните репродукции, а притоа да мрази Албанци, Турци, Бошњаци, Роми, Срби, Власи, Грци, Бугари, Косовци, Антички и Славо-Македонци, Европејци, но и сите останати народи, преку изразената ксенофобија? Потоа – хомосексуалци и транс-родови лица (општо LGBTIQ-популација), инвалидизирани лица, лица со посебни потреби, лица со ментални попречености, пациенти, работници, стари, изнемоштени, болни, жени, бремени жени, крводарители, ученици во средно и во основно училиште, студенти, селани, граѓани, борци за правата на животните, животни, дијаспора, историски личности, академици, професори и воспитувачи, лустрирани „кодоши“, борците за зелените површини, протестирачи, борците во која било борба или војна, вистинските уметници, новинари, туристи, странски дипломатски претставништва, претставници на странски организации, земјоделци, слободни граѓани и уметници, луѓе со поинаква перцепција од останатите…

Уште ли да набројувам? Бидејќи има! Има многу, многу категории, кои во одреден момент од своето битисување во Република Македонија, биле криминализирани, попречувани, угнетувани, потресени, маргинализирани, потиснати, репресирани, оштетени, контра-протестирани, стереотипизирани, тепани, притворани, мобингувани, дискриминирани, нетолерирани, извикани, отфрлени, одметнати, убиени…

…колку ли многу зборови има во македонскиот фонд (вдомени или свои) за омразата и не сакањето!? Колку ли многу омраза влечеме со векови, за да создадеме толкав јазичен корпус?!

Преку низа примери, деновиве се потсетив колку ние се мразиме во ова општество! Се потсетив, трчајќи по болници за сопствени здравствени проблеми (што ме потсетија на трчањата за саканите), трчањето по полиции, банки и по службени весници, поради тоа што бев ограбен за време на викенд-излегување. Се потсетив поради немањето никаква родова сензитивност. А се потсетив и поради тоа што, баш пред некој ден, гледав видеа од настапи на Кралицата Есма Реџепова – Теодосиевска низ светот, уште од дамнина. Не дека ми требаа за да ја сфатам нејзината големина во музичкиот свет или да ја видам почитта што ја имаат луѓето што ја следеле на над 8.000 концерти, односно настапи што ги има направено во над 30 држави, туку едноставно, чувствував потреба да се потсетам, дека Есма е културно-уметничко богатство на Македонија, кое ние, за еден настап на Евровизија, го жртвувавме (како што пишуваше колешката Јасминка Павловска, во една од своите колумни, во „Утрински Весник“).

Есма ја земам како пример, за тоа дека ние ЗАБОРАВАМЕ. Ние НЕ ПАМЕТИМЕ! Есма ја линчувавме поради политички, етнички, старосни и стилски вредности. Нешта кои како демократско општество требало да ги надминеме во овој век. Заборавивме која е Есма, само затоа што како 69-годишна ВМРО-вска Ромка во торта-фустан нѐ претставуваше на Евровизија. Ги согледувате ли четирите дискриминациски точки во нејзиниот опис? Дали на Европа ѝ е гајле што таа има 69 години, што е членка на партија непозната за нив (ВМРО-ДПМНЕ), што е припадничка на ромската националност и што имала најзабележителен фустан, кој патем не е новитет за Есма, оти тоа ѝ стилот на жената. Па не излезе по Богу по зебра-хеланки и голо стомаче, па да се чудите оти така изгледала!

Ние забораваме кои сме и што сме, и што имаме! Ние не паметиме! Ние сме глуво, слепо и немо општество. Една шака народ – а толку многу омраза! Да се разбереме – исклучокот на одредени, освестени протестирачки групи кај нас, не прават правило дека игнорантноста наша, не е нивна моќ! Не за џабе нѐ проколнал царот што го воспеваме – Самоил! Само не ни се доволни 1000 години, за колку што нѐ проколнал во 1014-та година! Уште толку стапа по толку години по грбот на Македонецот/ката, нема да нѐ освестат. Особено, не, ако го чествуваме завршувањето на најдолгата клетва во нашата историја, со проект како „Скопје 2014“! Зошто тогаш бараме некој да нѐ сака, па макар и Европа – кога ние се мразиме меѓу себе?

P.S. Додека го пишував текстот и додека низ глава ми се вртеа поезиите на Петрета и Блажета, си ја слушав „Со маки сум се родила“, која на секое ново пуштање на песната, го намалував тонот, драматично. Наречете ме дека сум „патетичен“, но, што да правам, кога в глава не ми се појавува слика на солидарност, како онаа во Турција, за време на Ердогановата тиранија врз сопствениот народ.

© 2013 Огнен Јанески, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.