Некаде за никој – тука за секој

Сите си имаме по нешто што ни се случило првпат. Едно такво првпат имав во мај, на еден фестивал во Бугарија. Како 2 во 1 (две во еден), во градот Враца паралелно, и со две самостојни жирија, се одржуваа два театарски фестивала. Првиот, и со 24. годишна традиција, Фестивал на мали театарски форми со национална селекција и бугарско жири. Вториот, а трет по ред, меѓународен чиј иницијатор/реализатор е Новата Европска Театарска Акција, позната како НЕТА. Вториот, паралелно со првиот, во Враца се одржува од 2011 година, со претстави што се селектираат од десеттина земји и со меѓународно жири. И вториот за избор ги има малите театарски форми. Тој е и освежување за театарската сцена во Бугарија зашто, паралено со националниот се прикажува/натпреварува (иако во различна селекција) и избор/театар кој доаѓа од различни театарски култури/средини.

Во тој театарски мегдан на театарски творци од различни театри/земји, секој го игра својот театарски сон. Последната фестивалска вечер, како и на сите фестивали, е време на награди. Двете жирија си ги соопштија своите одлуки. Фестивалски јунаци ми станаа членовите на националното жири. Го кажаа својот став кон селекцијата: освен актери нема ништо што би го наградиле. И тоа – едногласно. Ниту една награда од оние што ги предвидува статутот на фестивалот: за претстава, режија, драматизација, текст, сцена, костим, плакат, светло, дизајн… Само за актерска игра. Тројцата мои јунаци, битни луѓе во создавањето/оценката на бугарската театарска продукција, за свои јунаци – оние кои го заслужуваат нивниот глас – прогласија/наградија само тројца актери. Не направиле ниту еден компромис. Оцениле така и – толку.

Со „нивната“ селекција, и јас имав проблем. Ја гледав и не ми беше јасно дали селектираните претстави се она најдоброто или, пак, вкус на годинашниот селектор. Прашав: ова е најдоброто или е вкус/одбир на селектор?! Поткренати раменици или поглед фрлен во далечина и не кажуваат многу. Излезе второто. Ми се разјасни по едногласната одлука на жирито. Тројцата мои јунаци од оваа моја којзнае која по ред фестивалска приказна (во некои имало да не се доделат една/две награди, најчесто за текст или за драматизација), се мое „првпат“. Во него има храброст и доблест на едни луѓе кои застанале зад својот став/моќ за оценување, кои ја испочитуваа својата работа и единствената видлива работа: добра игра на актери во лоша селекција. Никој ништо не им забележа. Никој не притисна: ма како, доделете. Никој не праша за парите. Демек ги има, а нема да им се дадат на некои на кои, евентуално, добро би им дошле. Иако, нели не е до парите – до наградите е.

Се разбира, ми го отворија и прашањето: дали такво решение е можно во театарот во Македонија!? Се разбира дека не. Кај нас се делат наградите по статутот, пардон системот секому по нешто. И… распарталено, никому ништо. Се наградува сѐ и сешто, особено ако селекцијата е национална и треба да има од секаде по малку, секој „да цапне“ од фестивалскиот мед. Дали тоа некому нешто значи – се заборава. Затоа и се повторува.

Јасно ми е дека примеров со моите јунаци од бугарската театарска фела во македонскиот театар е неприменлив. На нашите фестивали нема да нема најдобри. И дури недостасуваат награди и фалби за сите на кои „треба“ да им се даде награда. Онака, од моќ, од сила, од страв „а што ако не се награди“, од ваква или онаква вратка… Затоа и театарот, и фестивалите со знакче национални, ни е таков, и ни се такви, каков што е тој, и какви што се тие.

Во Прилеп е во тек дури 48. МТФ „Војдан Чернодрински“. Во „селекцијата“ – нема да фали некој од театрите. Значи, сите имаат најдобра претставата која треба од сите други најдобри да се награди со нешто – што да е. Секој малку да цапне од фестивалски мед. Не е важно што – најважно е за сите по нешто и – караванот да си врви. Секој да е најдобар – во нешто/ништо! Брзо ќе се заборави. Затоа и ќе се повтори. Така им е супер на сите и на нивните штогоде „фестивалски трофеи“.

© 2013 Лилјана Мазова, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.