Може да уништиме некој македонски Да Винчи

Нетолеранцијата кон ЛГБТ популацијата која се манифестира преку директно или индиректно психичко малтретирање, физички напади, повици за стигматизирање, се појави својствени за општества во кои човековите права се на ниско ниво, а власта не е демократска, туку постои автократија, диктатура, хунта. Такви држави денеска се Иран, Белорусија, Русија, Саудиска Арабија, Ерменија, Азербејџан, Молдавија, Украина и други.

Во мојот осврт на оваа тема нема да „проповедам“ за човековите права, за конвенции, резолуции и слични документи со кои се гарантираат правата на луѓето со различна сексуална определба. Ќе се обидам преку искуствата од историјата и од развиените демократии да допринесам да се поправат искривените перцепции кон ЛГБТ популацијата во нашето општество.

Нашето општество има капацитет да го надмине овој проблем, но проблемот е што дел од одговорните субјекти свесно ја поттикнуваат омразата со цел да се оттргне јавноста од темите за криминалот и корупцијата. Клучни теми во нашата држава треба да бидат економски развој, повисок стандард, функционална демократија, правна држава.

Да не уништиме некој македонски Да Винчи

Историјата нѐ учи дека многу личности од науката и уметноста, чие творештво има историско значење и преставува цивилизациски исчекор, биле хомосексуалци. Дел од тие личности се Платон, Сократ, Микеланџело, Леонардо Да Винчи, Оскар Вајлд, Артур Рембо… Ако овие личности биле откриени тогаш дека се хомосексуалци и биле физички и психички малтретирани, па дури и убиени, дали денеска човештвото ќе ги имаше нивните дела??? Секој рационален човек ќе каже дека добро е што не биле жртва на нивната сексуална ориентација, со оглед на времето во кое живееле, за да можат да ги создадат своите дела на кои им се воодушевуваме. Во времињата кога овие генијалци живееле, тогашните владетели не само што биле толерантни кон нивната сексуална ориентација, туку биле и нивни заштитници и мецени/поддржувачи за да можат да творат.

И денеска многу славни имиња од светот на музиката, модата, науката, политиката, бизнисот, се хомосексуалци, меѓу нив, Фреди Меркјури, Елтон Џон, Мајкл Џексон, иконата во педесетите години од минатиот век Џемс Дин, основачите на брендот Долче и Габана, шанеловиот моден креатор Карл Лагерфилд, убиениот моден креатор Џани Версаче, се само дел од познатите имиња во светски рамки кои се декларирани хомосексуалци. Ако овие личности живееле во средина во која би биле изложени на тортура, немало денеска да уживаме во нивните уметнички дела. Токму тие што денеска во Македонија се прогласуваат за „крстоносци“ и се во поход против ЛГБТ популацијата, не се свесни дека уживаат во музика која е компонирана од хомосексуалци, дека носат облека од брендовите на хомосексуалци…

Во оваа смисла имаме и еден многу позитивен пример, имено Амди Бајрам го крстил неговиот внук според името на модниот креатор Џани Версаче во знак на почит кон овој креатор. Така барем има јавно изјавено Амди Бајрам, иако можеби не бил свесен дека Версаче бил хомосексуалец, ама сега веќе е доцна. За македонскиот Џани Версаче, внукот на Амди Бајрам, јавноста неодмана дозна поради тоа што лажно пријавил бомба во средното економско училиште „Арсениј Јовков“ во Скопје. Оваа вест може да ја прочитате на следниот линк.

Главната порака до македонските „крстоносци“ во 21 век што би можело да им ја упатиме, е да се замислат дека токму со нивните постапки на тортура врз припадниците од ЛГБТ популацијата, прават други луѓе да бидат несреќни, дека уништуваат кариери од кои може да произлезат дела со цивилизациска вредност. Зарем сме сигурни дека меѓу ЛГБТ популацијата во Македонија нема некој Микеланџело, Да Винчи, Елтон Џон???!!!

Сексуалната ориентација не е мерна единица за вреднување

Ќе споделам лично искуство како јас сум ги надминал предрасудите кои сум ги имал во одредена мера порано, пред десетина и повеќе години кон ЛГБТ популацијата. Во разговорите на тема хомосексуалци, мојот став кој е многу логичен, (вероајтно ќе ве засмее), гласи: Јас немам проблем со хомосексулаците, бидејќи тие сакаат мажи а јас сакам жени, значи не ми се конкуренција, додека со лезбејките добро се сложувам бидејќи и тие и јас сакаме жени. Настрана смеата, медицински е констатирано дека хомосексуалноста е природна појава во однос на сексуалната ориентација, што значи е вродена, и тој факт треба така да го прифатиме. И кај животните постои хомосексуалност како природна појава.

Хомосексулаците се луѓе како нас, со чуства, емоции, во многу случаи се почувствителни и поранливи како личности, пред сѐ поради фактот што не се прифатени во секоја средина. Токму затоа се обидувам кога ќе дојдам во комуникација со нив да бидам дополнително внимателен за да не се случи да ги навредам со некоја постапка, што во крајна линија е човечки, како што треба да бидеме кон сите маргинализирани групи кои во нашето општество се онеправдени. Јас не очекувам мнозинството граѓани во Македонија да имаат разбирање, но мораат да бидат толерантни кон ЛГБТ популацијата затоа што сексуалната ориентација не е мерна единица за одредување кој е повеќе човек од другите или пак за одредување на вредноста на луѓето.

Во западните демократии, исто така, не сите ја разбираат сексуалната ориентација на ЛГБТ популацијата, но своето неразбирање мораат да си го задржат за себе, а не да го манифестираат со омраза и било какво насилство врз овие луѓе, бидејќи ќе се соочат со законски казни. За мене е сосема јасно како размислува просечниот македонски граѓанин за ЛГБТ популацијата. Имам разбирање за таквите ставови и тие не се виновни за предрасудите кои ги имаат. Вината повеќе ја лоцирам во субјектите кои се одговорни за градење толерантност и разбирање во општеството – тоа се во прв ред креаторите на јавното мислење, медиумите, државните институции кои се грижат за спроведување на законите и тие кои ги креираат политиките во општеството, партиите на власт и во опозиција.

Во минатото пред неколку века црнците во САД беа третирани како робови и одвај беа сметани за човечки суштетсва, така беше чинам сѐ до пред околу еден век. Исто така, до пред помалку од еден век, во светот жените не беа третирани рамноправно со мажите, немаа ниту право на глас. Денеска веќе е нормално да има мешани бракови меѓу црнци и белци, жените се рамноправни со мажите, исто така и проблемот со ЛГБТ популацијата што порано постоел денеска веќе е надминат во развиените демократии.

Заклучокот до кој логично доаѓаме е следниот: да не се занимаваме со проблеми кои развиените општества кон кои посакуваме да се вброиме ги решиле одамна, туку нивните искуства да ги ползуваме за да не трошиме енергија на теми кои водат само кон антагонизам во општеството. Да се фокусираме на темите кои се важни за квалитетот на животот кој го живееме.

Хомосексуалноста не се пренесува со допир, поглед, дружење со хомосексуалци. Или си или не си. Токму затоа нема потреба од загриженост кај некои родители за своите деца дека може да ја променат својата сексуална определба со тоа што ќе се дружат или видат хомосексуалци. Исто така, и ЛГБТ популацијата треба да ги прифатат шегите што се прават на нивна сметка. Токму вицовите, зафрканциите на сметка на нивната сексуална ориентација е доказ дека општеството веќе ги прифатило како дел од себе, што е случај во развиените демократии. Кога ќе создадеме толерантна атмосфера во нашето општество, ќе нема потреба од јавни манифестации како израз на борба за правата на ЛГБТ популацијата.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.