Македонскиот „Дери-паска“ и „губернаторот“ од Карпош

Двигателот на „Алијансата за ширење позитивна енергија“ („Алијансата за позитивна Македонија“) да ти бил бизнисменот Минчо Јорданов, кој беше заменик претседател на Владата во времето кога Бучковски беше премиер. Соработката и пријателството меѓу нив значи има традиција.

Јорданов е познат во јавноста како (доминантен) сопственик на А.Д. Макстил. Фирмата Бетон, исто така во негова доминантна сопственост, е најголем изведувач на работи во износи од десетици милиони евра во проектот „Скопје 2014“. Јорданов има и други фирми, веќе е и голем земјопоседник, а го поседува и дневниот весник Нова Македонија.

Златко Јордановски, од партијата ДОМ на прес-конференција одржана на 19 овој месец изјави: „Може да се забележи и со голо око во раните утрински и доцните вечерни часови експлозија од прав и гасови кои го трујат населението во Гази Баба, Ченто, Автокоманда, Бутел 1 и 2 и пошироко“. Повеќе за кажаното на прес конференцијата, може да прочитате на следниот линк.

Скопјани треба да веруваат во позитивната енергија која Јораднов би ја ширел вербално кога тој ќе почне на политичката сцена да ни „блада“ за економски развој на државата, и притоа да бидат слепи и неми за проблемот со загаденоста на животната средина во Скопје е најголем проблем и мора да биде тема за Владата, градоначалниците на Скопје, на Гази Баба, на другите скопски општини, за опозицијата, за сите скопјани. Неопходно е да го кренат гласот и да се побара заштита на животната средина согласно стнадардите на ЕУ.

Никаква економска криза не може да биде оправдување за било какво загадување на животната средина, бидејќи загадувањето е тивок убиец на граѓаните. Ако се направи финансиска анализа, таа ќе покаже дека нема криза во овој сектор за таа да биде причина да не се набави и исталира најнова опрема за заштита.

Топилниците во западните држави работат рентабилно и согласно сите еколошки стандарди, а притоа другите трошоци им се повисоки споредено кога би работеле во нашата држава, бидејќи таму производствени трошоци се повисоки (плати, даноците и слично).

Токму затоа на секоја партија еден од главните постулати треба да и биде следниот: Стоп за екстра профити врз здравјето на граѓаните во Македонија.

Кога би ги започнале преговорите за членство во ЕУ, ќе мораме да ги исполниме еколошките стандарди на сите нивоа, тоа ќе биде од полза за граѓаните, додека на штета на профитерите на сметка на здравјето на граѓаните. Во случај пак да сме членка во ЕУ, тогаш дел од денешните индустриски капацитети какви што се денеска во нашата држава, нема да бидат ниту старо железо, туку ќе мораат да ги воведат најновите технологии во производствениот процес.

Токму со ваков речник треба да разговараме за предностите од членството во ЕУ на нашата држава, а не да им прераскажуваме на граѓаните фрази извадени од актите на ЕУ како „Лисабонскиот договор“, договорот од Мастрихт, итн., кои за мнозинството граѓани ништо не значат како поими.

Истрага за Црната чума во Македонија

Третиот основач на „Алијансата за ширење позитивна енергија“, е новинар, кој имал амбиции да направи од својот медиум македонски Блумберг. Со оглед дека е познат новинар, можеме ние граѓаните да му порачаме да направи истражувачка сторија за загаденоста на животната средина, за негативните последици врз граѓаните, а со тоа и економските штети, бидејќи со граѓани кои се болни и мораат да добиваат лекарска помош, штетата е двојна, се оптоварува здравствениот фонд, а фирмите поради боледувањата трпат штети, токму затоа не може да очекуваме економски просперитет. Да не зборуваме за личните трауми и судбини во семејствата во кои има член кој е тешко болен.

Новинарот-основач на алијансата за ширење енергија, може да почне со првото истражување во скопската населба Железара. Доволно е да направи анкета меѓу тамошните жители.

Уште поголем предизвик е да се истражи и направи анализа за тоа во колкава мера загаденоста на животната средина, влијае врз наталитетот. Од белата чума, може да биде полоша Црната чума, бидејќи граѓаните кои ќе заминат/иселат во странство, ќе живеат, ќе бидат здрави што е најважно, и може подоцна да се вратат назад во Татковината. Додека Црната чума која предизвикува канцерогени болести, леукемија, кардоваскуларни и белодобрни заболувања, алергии, значат тешко боледување и страдање кое за жал во голем број случаи завршува со смрт и тоа мачна. Тема за истражување треба да биде и прашањето зошто инструментите за мерење на загаденоста на воздухот во центарот на Скопје, не работеа зимата, вероајтно и сега е така.

Македонскиот губернатор од Карпош

Премногу смешно е кога Јакимовски се напнува да не уверува нас граѓаните дека тој ја принудил СДСМ и опозицијата да учествуваат на локалните избори. За тие кои редовно ги следат и анализираат случувањата на политичката сцена, меѓу кои се сметам и јас, веројатно е дека Јакимовски ако бил лојален кон партијата на која и припаѓаше, пак денеска ќе беше градоначалник на Карпош, како што Дамјановски е во Куманово и Заев во Струмица.

Но тој кутриот си седел подолго време на два стола и уплашен да не остане без фотељата во Карпош, и целиот во транс од помешани чуства на страв, неизвесност, лутина, гнев, ја предаде кандидатурата за градоначалник со печат од партијата на Милетиќ, и со тоа си ја запечати политичката кариера на долгорочни основи. Според информациите што излегоа во јавноста може да имаме разбирање за гневот на Јакимовски кон Црвенковски и дел од неговите соработници. Но, јунакот се покажува, нели во најтешките ситуации.

На крај да завршиме со малку духовитост и сарказам. Имено Бучковски и Јакимовски сакаа да бидат поголеми од папата на Бихачка, ама таму место имало само за еден папа.

P.S.: Бучковски научил добра лекција од неговиот прв Папа, со оглед на тоа што со гледачите на „Јади Бурек“ сподели како, демек „широкоградиот“ Минчо му префрлил/го искарал дека било грешно да се употреба терминот селани за жителите во селата, требало да се употребува и за нив треминот граѓани. Навидум мал вербален чекор, ама голем позитивен импулс за манипулација со граѓаните, која се гледа од Месечина. Запрепастувачки е храброста на некои луѓе кои немаат срам ниту грижа на совест за своите постапки во минатотот и денеска и притоа да им погледнат во очи на граѓаните и да им кобат да гласаат за нив. Резил!

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.

Comments
  1. ognjan
  2. zoran
  3. Go