Лет над македонското гнездо

Откако абортираните синови и ќерки претходно се покажаа како неподобни и недостојни плодови на мајка Македонија, земјата е повторно вратена во фаза на контролирана бременост. Новата рожба е под капата на националната стратегија за преродба која има за цел да ги корегира генетските грешки и да продуцира гоцева супер-раса која ќе биде имуна на сите болести на денешницата. Така, заловените граѓани од портокаловата шинтерска служба повторно се ставени во инкубатори и поврзани со папочна врвца за матката на владата која ги храни со национализам, патријархализам, вероунаука,… Продолжува решителната борба против предавниците, бугарските пасоши, непослушните жени, атеистите, различните сексуални ориентации… против сѐ што е различно и отскокнува од идеалниот модел на примерен и послушен граѓанин во грујократијата. На повидок е ново општество кое ќе воскликнува при појавата на пастирот и погледот на неговите овоземски градежни дела.

Ми делува дегутантно да ги коментирам неписмените владини апостоли кои се обидуваат да ги протуркаат на мускули одредени закони со цел да се вопстави апсолутна контрола врз сите аспекти на човековото битисување во државава. Повеќе ми се интересни „верниците“ налик ослепената самоилова војска кои парадираат по митинзи и протести на повик од горе. Не е битно што повеќето од нив немаат поим каде се наоѓаат и зошто, важно секогаш има по некој војник со едно око кому му дале да го прочита напишаното соопштение пред новинарските екипи.

Партиски инструираните протестирачи и демолирачи се задолжителен декор на проширената и надградената преродба во 100 чекори (наназад). Верските лидери станаа нераскинлив дел од политиката, а политиката составен дел на црквата. Секое преиспитување на вербата во пастирот се класифицира како „олицетворение на мрачните и деструктивни сили кои се креваат против бога, црквата и културата“. Viva la inquisición, до скоро судска, сега и верска! Се јуриша, се крши, се тепа… останува уште да почнат да нѐ бесат и спалуваат сите оние кои одбиваме да се преродиме по нивна мерка.

А што ако не сакам да бидам по ваша мерка? Што ако јас имам своја мерка за тоа како сакам да го живеам овој живот? Која цена треба да ја платам за да ми дозволите да ги уживам и практикувам основните човекови права и слободи во својата земја? Дали треба и јас да уништувам државен имот и да напаѓам државни службеници, новинари и цивили затоа што не ми дозволувате да живеам достоинствен живот? Дали јас ви се топорам со мојот атеизам како што вие го правите тоа со вашата религија? Дали сметате дека религиозните објекти се единствените храмови каде можете и требате да ја практикувате религијата? Дали воопшто ја познавате вашата религија? Кога последен пат ја прочитавте библијата или куранот? На тоа ве учи вашата религија, да демолирате и да газите сѐ и секого пред себе?

Не, религиите учат пред сѐ на љубов и надминување на сите бариери што прават поделба меѓу луѓето на политичка, расна, економска и други основи. Иако не сум верник, сепак моите постапки во секојдневното функционирање се водени според етиката која, исто така, е содржана и во верските книги. Етиката е поделена на теоретска и нормативна – теоретската етика го третира моралниот феномен, додека нормативната се стреми да создаде критериуми за морално судење и правилно постапување. Каде е врската помеѓу мене и верниците? Моралот е дел од Декалогот или попознато меѓу народот како десетте божји заповеди кои претставуваат религиски и морални закони. Препрочитајте ги, повторувањето е мајка на знаењето, а знаењето е моќ, нели?

Ако веќе сте толкави верници, носете ја религијата и тоа што таа ве учи насекаде. Во својот дом со ближните, надвор со познатите и непознатите. Зејтинот и парите што ги оставате на иконите на кои им се молите нема да ве искупат за сторените гревови. Сигурно знаете дека Бог не сака „резан лик ни некаква слика на што и да е горе во небото или долу на земјата, или во водите под земјата. Не клањај им се ниту им служи.“? Тогаш, зошто го правите тоа и згора на сѐ, ги третирате ликовите на светците како некакви проститутки кои ги плаќате за да ја слушнат вашата исповед и да ве помилуваат како би доживеале помирување и задоволство? Звучи перверзно, а верувајте така и изгледа.

Патем, Бог и неговата волја ги проектирате во пастирот кој наводно треба да ја исчисти Македонија од грешните. Нели е тоа спротивно на божјата наредба да не почитувате никакви идоли? Што е со хулиганството и насилството кое го спроведувате во име на Бог? „Не земај го напразно името на Господа, својот Бог, зашто Господ не ќе го остави неказнет оној, кој го зема напразно Неговото име.“ Притоа, во своето колективно лудило одбивате да ја слушнете другата страна на вистината и да го вклучите здравиот разум, минирајќи го теренот за објективно и непристрасно расудување. Дозволувате да бидете манипулирани од одредени центри на моќ и водени како стадо овци од лицемерни свештеници кои се борат за лични и партиски интереси, заборавајќи на божјата заповед „Не сведочи лажно против својот ближен!“.

Престанете со крстоносните војни, тие му припаѓаат на минатото. Додека во напредните држави се бијат битки за третата генерација човекови права, нам сѐ уште не може да ни се гарантираат ниту основните и дозволуваме дополнително да ни се загрозуваат. Правото на вероисповед ви е законски загарантирано, што уште сакате? Не можете и не смеете да ги мешате државата и религијата, разграничете ги тие две нешта еднаш засекогаш! Во земјава живеат и такви кои се различни од вас, верници и неверници, а кои заслужуваат да ги уживаат поеднакво сите права како и мнозинството. Различностите отсекогаш постоеле и ќе постојат, прифатете ги и помирете се со тоа. Различни мислења, ставови, полови, раси, националности, религии, сексуални ориентации, итн. Немате право да дискриминирате, судите и каменувате. Едноставно, престанете да си играте богови!

Луѓето од власта и црквата подлежат на законите исто како и сите останати. Преиспитувањето на нивните постапки и дела е нормален и легитимен чин во едно демократско општество какво што милуваме да се нарекуваме. Сомнежите, пак, се дел од човековата природа, особено ако зад тоа постојат сериозни индиции за незаконско или криминално работење. Креирањето вештачки кризи, како онаа пред општината Центар, е чест и познат метод кој го користат лицата кои се најмногу засегнати од ревизиите за да го отргнат вниманието на граѓаните од вистинските проблеми и да го пренасочат во погрешна насока, таму каде тие нема да се најдат на патот на разјарените народни маси кои чекаат некоја нова Марија Магдалена како објект за каменување на која ќе го истурат сиот свој гнев и бес продуциран токму од актуелните државни и црковни политики на профитерство, недомаќинско трошење пари и развратност.

Та нели Бог нѐ советува да не крадеме? Зошто тогаш двојни аршини? Властодржците, не само што не ја почитуваат препораката седмиот ден да се посветат на Господа кој толку многу го споменуваат во своите говори, туку ве уверуваат дека владата работи 24/7 на вашето констатно културно и духовно збогатување на сметка на вашето финансиско осиромашување. Епа, во тоа најдете ја утехата и духовното успокојување кога ќе се соочите со проблемите во здравството, образованието, правдата, економијата, земјоделството, трудот и социјалната политика… или почнете да се сомневате и да барате одговори! Бог нема врска со ова, туку оние кои ги гласате и избирате за ваши лидери. На крајот, сите ги сносиме последиците од нашите избори во животот. Време е моменталниот барок, рококо и неокласицизам да ги замените со емпиризам.

© 2013 Петар Стојковиќ, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.