Фијаско на операцијата „Сечи-лепи-остварувај“

Струмица, август 2012 година, разговор со такси возач при патување на релација Струмица-солунски аеродром. Од долгиот разговор, ќе пренесам еден дел:

Јас: Што е главната причина што Зоран Заев има голема поддршка во Струмица? Кажете реално, без разлика дали сте од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, или друга партија.

Таксистот: Заев има поддршка затоа што е градоначалник на сите граѓани во општината. Тој од позиција на градоначалник, не ги дели граѓаните по партиска линија, туку им помага на сите, без разлика што не се од неговата партија. Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ. Имав голем проблем, ги молев пратениците од мојата партија да ми помогнат, но попусто. После половина година празни ветувања од двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, решив да се обратам до Заев. Бев изненаден од него што се заложи и за недела дена го решив проблемот. Да се обратам до Заев ме натера маката, но ме охрабрија и други луѓе кои ми кажуваа дека Заев помага кога може, без разлика на партиската припадност. Јас ќе си бидам пак член на ВМРО-ДПМНЕ, но ќе гласам со двете раце за Заев. Ги убедувам и моите роднини и пријатели да гласаат за него.

Заклучок: Во зборовите на таксистот е содржан одговорот на прашањето што е тоа што го прави политичарот да биде лидер. Исто така, во зборовите на еден обичен граѓанин од Струмица, во случајов таксист, е содржан одговорот на тие што не им е јасно, зошто изминататата деценија Заев е неприкосновен лидер во Струмица.

На Заев не му требаше повеќе од една недела за да ги покаже своите перфоманси и како лидер на СДСМ и на опозицијата. За внимателните аналитичари, кои не се обременети со некој политички товар, тоа не е изненадување со оглед на политичкиот профил на Заев, кој е различен, не само од неговите претходници во СДСМ, туку, што е уште поважно за опозицијата, и од тој што ВМРО-ДПМНЕ го профилира во ликот на нивниот лидер – Никола Груевски.

Лидерските капацитети на Заев се изненадување за личностите што политиката ја разбираат и практикуваат преку формите – седење во кафулиња на проминентните скопски улици и разговарање на политички теми по инерција на моменталното расположение и инспирација.

Изненадувањата допрва следуваат. Претпоставувам дека токму Заев ќе биде тој што ќе ги постави и на државно ниво посакуваните европски репери на практикување на политиката во Македонија, како што тоа го направи во Струмица.

СДСМ се реформира според автентична визија на новиот лидер

СДСМ се реформира, но не по желба и начин како што „советуваат“ дежурните аналитичари и новинари од било која провиненција. СДСМ се реформира според визијата на нејзиниот нов лидер Зоран Заев, според негова автентична концепција за тоа како треба да функционира партијата.

Кој ги следел неговите настапи во јавноста изминатата недела, тоа може јасно да го забележи. Веќе е претходно договорено – Радмила Шеќеринска да му биде десната рака во партијата, генералниот секретар да е од Куманово, а потпретседатели и други партиски функционери од Скопје, но и други делови од внатрешноста на државата.

Ваквата поставеност на првиот тим во партијата ја пресликува партијата од целата држава во партискиот врв – што е дополнителна вредност за стабилноста и консолидарноста на партијата, за да ја добие главната политичка битка во државата – Заев да стане мандатар и СДСМ да формира влада на следните парламентарни избори.

Операција „Сечи – лепи – остварувај“

Посебно интересно е однесувањето на „проминентните“ креатори на политичкото расположение во јавноста, кои се гордеат на „титулите“ спинери, мајстори за креирање јавно мислење – демек мајстори за пропаганда.

Прв пат во изминатите седум години се наоѓаат во моменти на безидејност. За да си ја завршат задачата, спасот го бараат во буричкање низ архивите на медиумите. Но, и таму нема доволно „материјал“, затоа се стартува со опрецијата „Сечи – лепи – остварувај“.

Оваа операција не ги дава посакуваните резултати. Како политиколог, посебен предизвик ми е да ја анализирам новонастаната ситуација. Посебно што нашата „демократија“ изминатите десетина години, има шанси да се изучува како школски пример за „играње“ држава, од чија игра цел народ може да се уништи за сметка на мал дел, во најголем случај изроди, според дефинициите содржани во делата што ни ги оставиле Мисирков, Делчев, Карев, Пинџур, Рацин и плејада други наши историски дејци.

Изостанувањето на резултатите од опрецијата „сечи – лепи – остварувај“ ќе го илустрирам преку неколку ситуации.

Прва канонада „истрели“ во празен простор

Првата канонада беше упатена на тема патриотизмот на Заев. Со извртување на вистината дека наводно тој не ги ценел бранителите, наводно дека не му било грижа за Кичево и Струга, …..

Очекуваниот ефект на спинерите изостана, бидејќи граѓаните очекуваат искрена политика која ќе води кон стабилност на државата креирана врз основа на реалноста што постои. А таква политика веќе препознаваат во опозицискиот лидер Заев.

Искуствата од коалицирањето меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, беше политичко глумење патриотизам кој заврши неславно. СДСМ сакаше да ги избегне нападите за предавство на националните интереси од ВМРО-ДПМНЕ. Додека, пак, ВМРО-ДПМНЕ, сакаше да биде и девојка и риба – ем ексклузивен чувар на Македонците во Кичево и Струга, ем да ѝ угоди на ДУИ.

Бидејќи, и Ахмети посака да ја „клекне“ ДПА, како што ВМРО-ДПМНЕ си постави цел – да го „згази“ СДСМ на локалните избори.

Вакавата политика, не само што не е добра за СДСМ, туку и за државата, бидејќи таа е мултинационална – тоа е реалноста и нема бегање од истата. Кому не му јасно за важноста да се креира и води политика на реални основи, нека прочита повеќе за стратегијата „Realpolitik“, чиј главен креатор е Хенри Кисинџер, а која повторно денеска стана доктрина на САД во водењето на надворешната политика на Барак Обама во вториот претседателски мандат.

Втората канонада „истрели“ со ќор-фишеци

„Мајсторите за јавно расположение“, немајќи креативност, повторно ја заверглаа старата мантра дека „повторно Црвенковски од позадина ќе управувал со СДСМ“. Канонадата ведаш заврши како ќор-фишеци и надвор од метата. Резултат: фијаско. Структурата на врвот на партијата што е во фаза на основање, чии контури веќе се гледаат, зборува дека Заев решил да ја раководи СДСМ според своја автентична политичка визија.

Покрај структурата на составот на неговиот прв тим соработници, политиката на Заев веќе се препознава како автентична и според потегот што маестрално го направи со наоѓањето решение со Груевски за претседател на Комисијата, која треба да ги испита случувањата од 24 декември во Собранието.

Со овој потег Заев го растовари СДСМ од товарот кој власта успеа да му го натовари пред одлуката на ЕУ овој месец – за пак СДСМ да биде виновна за немањето политички дијалог. Сега одговорноста е кај власта, а СДСМ пак ја враќа темата „Црниот понеделник“ на политичката сцена, што ѝ оди в прилог.

Третата канонада „истрели“ во погрешна мета

„Заев и Шеќеринска ми се стари мушетерии“ – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Груевски.

Оваа изјава е рецидив од времето до втори јуни, кога на „Бихачка“ прв човек беше Црвенковски, до тогаш таквите изјави „фаќаа“ место и парираа и на речникот на Црвенковски. После втори јуни, муштерии може да има во трговијата и бизнисот, но не и на изборите. На идните избори треба и мора да постои политички натпревар за добивање на довербата од граѓаните.

Тимот – мајстори за креирање јавно мислење, спинери, советници, е на голема мака, станува безидеен. Ако Груевски реши да направи промени во тимот и тоа нема да помогне, бидејќи едноставно човекот го „истрошија“ изминатите седум години, што долгорочно повеќе му наштетија отколку што му помогнаа, тоа ќе станува сѐ повидливо. Токму затоа заслужуваат Груевски да им се заблагодари за помошта и да си продолжи да си води автентична политика, која ќе му извира од срцето и душата, како што беше случај кога беше во опозиција и првата/првите години кога ја презеде функцијата премиер во 2006 година.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.