Чии сте вие?!

Одамна ја изгубив довербата во државните институции. Точно знам и зошто – поради длабоката пенетрација на политиката во нив. И со тоа одамна се имам помирено, а верувам и дека не сум единствената која што на своја кожа ја има осетено поделеноста на „ваши и наши“, „вие и ние“, „патриоти и предавници“, „комуњари и фашисти“. Тоа е нашето општество. Политизирано и биполарно до даска. Но, никогаш не верував дека ќе дочекам на своја кожа да ја осетам политизираноста на една меѓународна организација, институција која треба да претставува столб и основа за човековите слободи и права! Ја осетив и морам да признаам – болеше!

Неодамна, претставништвото на УНДП (Развојната програма на Обединетите нации) во земјава требаше да организира трибина за семејно насилство. Мој колега, новинар, направи анализа за тоа како медиумите известувале за случаите на семејно насилство, а бидејќи во тој период беше на пат, ме замоли мене, како новинар кој ја следел оваа област, да ја направам презентацијата наместо него. Ништо тешко, нели. Требаше да направам неколку слајдови и да ја презентирам пред присутните. Ама, еден од присутните требал да биде и министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски. Јас немав проблем со тоа, патем зошто и би имала, но очигледно некој друг имал.

Па така, кога седнав со мојот колега и двете претставнички на УНДП (нивните имиња сметам дека не се важни колку што е важна организацијата што ја претставуваат) за да се договориме околу трибината, нивното прво прашање беше:
– Мери, ти знаеш да бидеш малку остра на јазик, многу си гласна… па би сакале да знаеме дали имаш нешто пишувано против министерот Ристовски?

Низ главава ми се свртија милијарда прашалници. Каква врска има трибината за семејно насилство на УНДП со моите стории за министерот? Им реков дека не знам каква врска има едното со другото, но ако им е за утеха, немам пишувано ништо за или против министерот.

Ги договоривме деталите околу презентацијата, кога по 20-тина минути ми се јави претставничката на УНДП и ми рече:
– Ние дискутиравме, ќе треба повеќе инстанци да одобрат за ти да ја правиш презентацијата, па да не одолговлекуваме без врска, решивме презентацијата да ја направиме ние самите.

Во ред. Така одлучиле. Но, во исто време, му се јавија и на мојот колега, авторот на анализата и му рекоа:
– Види, ако Мери ја прави презентацијата, ќе си ставиме трн во здрава нога. Она е многу гласна, а знаеш, на трибината ќе биде и министерот… па да не си правиме проблеми, решивме да ангажираме новинар кој е помалку експониран во јавноста…

Да не одолговлекувам… Револтот, а и лагите пораснаа до тој степен што мојот колега го откажа ангажманот, новинарката која сакаа да ја ангажираат наместо мене ги одби, а јас за случајот ги известив сите меѓународни институции вклучително и централата на Обединетите нации. Оттаму добив извинување, а извинување ми пиша и претставничката на УНДП која „не знаела дека толку сум се навредила“.

Не, јас не се навредив од тоа што една меѓународна организација на највисоко ниво не ме сметаше достојна за да направам презентација за семејно насилство пред министерот Спиро Ристовски. Јас само се разочарав од тоа каков кадар работи во меѓународните претставништва. Јас само сфатив дека голем дел од нив се слични како и државните институции – политизирани и поделени до даска, до степен што заборавиле која е нивната основна цел – заштитата на човековите права и слободи. Правото да објавам информација за или против министерот, а и правото да одржам презентација за семејно насилство пред него! Правото да бидам гласна и да ги застапувам своите ставови ако цврсто верувам во нив, без притоа да бидам казнувана! Правото да се заложувам за нешто, без притоа да носам етикета на наши или нивни. Па така, ги прашувам УНДП – чии сте вие и дали верувате во основните човекови права? А јас, јас сум ничија, па оттаму можеби и ја имам храброста јасно да го кажам своето мислење.

Не знам дали се одржа и како помина трибината за семејно насилство. Но после сето она што го видов, не верувам дека крајната цел на трибината била да се најдат начини за да се реши проблемот. Да беше така, првото прашање што ќе ми го поставеа требаше да биде поврзано со семејното насилство, а не со присуството на министерот Спиро Ристовски и моите текстови за него.

Уште еднаш, по не знам кој пат, се осетив непожелно во оваа поделена држава. Но овојпат многу повеќе болеше, зашто со свои очи видов како во вртлогот на таа поделеност навлегле и меѓународните претставништа во земјава. Остана ли нешто во кое можеме безрезервно да веруваме?

© 2013 Мери Јордановска, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.