Аман, не нѐ силувајте, не ќе можеме да абортираме!

„Бизнисмениве“ од МПЦ неделава се прославија со генијални идеи: еден ја реши мистеријата на Мерлин Монро, друг промовираше „берза“ на новороденчиња, трет рамо до рамо со премиерот собираше пари за црква, додека поглаварот на ИВЗ се жалеше дека државата ја форсира МПЦ на штета на другите верски заедници! Слушајќи ги „божјиве чеда“ како се мешаат во земски работи, не можам, а да не крикнам: аман, не нѐ силувајте со вакви идеи, не ќе можеме да ги абортираме!

Никола помладиов, министеров за здравство, го запознав по 2000-тата година кога дојде да волонтира во скопскиот, сега кривичен суд. Неговиот родител е адвокат, па така, Нино почна да го пече занаетот низ судот. Често пати ќе се затекневме во истрага каде што Нино, целиот вицкаст и хумористичен им го пополнуваше времето на вработените во судот. Неговите идеи беа прифатливи до одредена мерка, ама ако претераше, веднаш беше „праќан по бурек“ само за да не „замара“. Тврдоглав и насмеан, Нино помина повеќе директорски и министерски кабинети, се „прослави“ со серија изјави и проекти, сѐ до последниов кога во закон кој се носи по итна постапка, реши да го регулира и прашањето за тоа кога и како може жената да абортира! Познавајќи го, не ме изненади ниту законот, ниту упорноста да се брани истиот! Зошто се носи по скратена постапка, тоа сигурно никој нема да го објасни.

И како што бидува во нашево поларизирано и поделено општество, имате групи кои остро се противат на законските решенија и дрскоста на власта да регулира едно од основните човекови права но и други кои поради налогот да се протурка законот преку ноќ, ќе изедат и една вреќа сол ако треба, ама не попуштаат и мора да го реализираат тоа што го зацртала Преродбата, проширена и надградена.

Во сите секуларни држави, се знае што е „Божјо“, а што „царско“, ама во нашава, тоа што го напишала власта во законот, а Никола Тодоров од петни жили се труди да го одбрани, реши да ни го дообјасни Црквата! Во неделава што помина, два лика од највисокиот ешалон на МПЦ, се прославија со своите изјави: преспанско – пелагонискиот Петар ни откри дека Мерлин Монро се самоубила затоа што не можела да стане мајка, а абортусот го нарече убиство и смртен грев, додека  Брегалничкиот митрополит Иларион наместо да абортираат, предложи жените да ги раѓаат децата, а потоа да им ги дадат на стотиците семејства кои не можат да имаат деца!

Или, ако сакате да го „преведеме“ предлогов на брегалничкиов митрополит, тој најави берза на деца, независно дали посвојувачите ќе плаќаат или не! Едни ќе раѓаат, други ќе чуваат, а третите веројатно ќе ги поттикнуваат, како нашава Влада! Поглаварот на МПЦ мудро молчи за абортусов, но со вчерашното собирање на донации за изградба на цркавата „Св.Елена и Константин“ во Скопје, рамо до рамо со премиерот Никола Груевски, стави печат дека владициве деновиве не се расфрлаат туку така со предлози, туку практично тие се предвесници на тоа што Владата го планира, ама ете нема храброст да го каже, па тоа го чинат црковните претставници во име на христијанството и на Бога! И секако, се повикуваат на Библијата, гордо застанати пред плакарите во кои на прво место стојат шишиња со брендиран алкохол, во петок, среде пости! Па, нека рече некој дека сложни калуѓери во петок не мрсат!

Во секоја секуларна земја, се знае дека црквата и државата се одвоени, но само кај нас, политичарите се поголеми верници и од самиот црковен врв, а овие пак толку се политички заблудени, па не може човек да раздвои, кога зборуваат во името на Господ, а кога во името на Владата или на партијата. Ама, затоа, сите заедно мудро молчат и не ги коментираат обвинувањата на поглаварот на ИВЗ дека државата ја фаворизира МПЦ за сметка на другите верски заедници!

Вчерашното заедничко сликање на врвот на МПЦ и говорот на премиерот и тоа како ги зацементира сомневањата на Сулејман Реџепи, за фаворизирање на МПЦ, но како да не се фаворизира, кога црквата одамна ѝ е станата миленик на власта!

Па така, црквата реши да нѐ оправи, да не дозволи абортус, туку да инсистира секое зачнување, сакано или несакано, да заврши со раѓање, ама не најде за потребно да каже дали ќе се откаже од скапите давачки што ги бара за крштенки и други марифетлуци низ кои треба да помине секое новороденче. А, за евентуално обезбедување на храна и облека за сиромашни или нивно згрижување, не може ни да се помисли. Во скапите црковни џипови нема место за ништо друго, освен за попските потреби.

Свесни ли се челниците на МПЦ дека нивните изјави се принудени да ги слушаат и припадниците на другите верски заедници, атеистите и луѓе кои ако одат во црква, но не им веруваат слепо и послушно на сите што облекле мантии. Ако некому му дошло до нивното мислење, зошто не го споделат со верниците кои одат на нивните служби во црквите? Од каде потребата, колективно да нѐ силуваат со секакви идеи, да ги бранат владините закони со толку смешни аргументи? Аман! Навистина, аман! Нашите владици се разбираат во сѐ! Ама, изгледа најмногу во бизнис! Затоа, нивните бизнис идеи не е лошо да ги чуваат за себе, оти вака, ако продолжат да нѐ силуваат колективно, постои опасност да не можеме да ги абортираме токму нивните идеи, бидејќи законот предвидува да помине најмалку една година од еден до друг абортус! А, во тоа време, нив не знаеме уште што ќе им падне на памет. Откако ги решија „педерите“ и прашањето за не посвојување деца од нивна страна, сега абортусов, следно што може да се очекува е да биде „лов на вештерки“ или колективно фрлање клетви по неверниците!

Но, толку за сезнајковците од МПЦ, а сега малку за абортусот! Пред неколку години истражував случаи на „генетски малформации кај новороденчиња, како резултат на крвно сродство“. Податоците, драги мои, беа шокантни! Во Македонија се зачнуваат деца од блиско крвно сродство, а дел од тие деца се раѓаат, по што, институциите натаму имаат сериозни проблеми да ги лекуваат и згрижат бидејќи малформациите со кои се раѓаат децата воопшто се многу сериозни. Темата беше, но и натаму е табу тема во земјава, иако сите знаат и ви посочуваат случаи на такви деца. Но, официјално никој не го признава овој факт, зашто во таква ситуација некој сигурно треба да заврши во затвор.

На вакво истражување ме поттикна реакцијата на еден гинеколог, припадник на еден етникум во земјава, кој речиси плачејќи ми раскажуваше какви сѐ не случаи со малформации породил, а сето тоа како последица на менталитетот и навиките кај одредена категорија граѓани во Македонија сексуално да општат во кругот на фамилијата, во ситуација кога мажот е отсутен, па таа „должност“ ја извршуваат свекорот, деверот или друг роднина по машка страна. Во тие  ситуации, на едното братче се случува еден човек да му е татко, а на другото дедо или чичко (биолошка е само мајката).

Од тука, сите противници на абортусот мора да се свесни дека во вакви случаи абортусот не е „луксуз“ на родителите туку тој е неопходен! Иако имаше и такви случаи каде што и на инсистирање на лекарите, родителите не дозволиле да се изврши абортус, туку да се роди детето кај кое било констатирана „хидро цефалус“ или череп полн со вода и кое и покрај хируршките интервенции не преживеа.

Ги прифаќам сите аргументи што ги изнесоа невладините организации за права на жените за правото самата мајка да одлучува за абортус во законски предвидената можност, до десетата гестациска недела. Само ќе потенцирам дека државата нема да реши ништо со ограничувања, туку ако сака резултат нека се зафати со сексуална едукација на населението, нека ги намали цените на апчињата за контрацепција, на средствата за заштита, зашто само така ќе може да спречи, а не да лечи!

Ако не го стори тоа, во иднина можеме да очекуваме да донесе нов закон, пак по итна постапка, во кој ќе определи кој месец е најпогоден за сексуални активности (по примерот на февруари кога се парат волците и мачките на пример), со колку партнери може да се прави тоа но и што со тие, кои наместо сексуално да општат со своите партнери решиле да се самозадоволат? Дали, според МПЦ и тоа е грев бидејќи и на тој начин, може да се уништи живот?!

Во услови кога МПЦ дава предлози да раѓаат македонските мајки а потоа да ги даваат на посвојување децата, еве од мене уште еден предлог: државата нека отвори банка за сперма и нека извезува во странство! Со тоа, дефинитивно ќе излеземе и од светската криза која надвиснала кај нас, а сериозно ќе подработиме и на ширење на „Гоцевата раса“ по светот!

П.С. Не сум верник, но не сум ни неверник! Во мојата кариера направив пет документарни емисии за цркви во Македонија, Србија, Босна, изградени од тајфата на големиот мајстор Андреја Дамјанов. На снимањето, во Ниш, гордо ја бранев македонштината пред сегашниот српски поглавар Иринеј (тогаш нишки) кој ме убедуваше дека Андреја Дамјанов (иќ) бил Србин. Во околината на Лесковац ме пресретна поп со пушка в раце, кој потоа нѐ почести со ракија и гордо ни ги покажа сите фотографии на кои е сликан со оружје за време на косовската криза во 1999 година, кога бил дел од српската одбрана. Слични настани ме пресретнаа и во македонските цркви. Затоа, народната „не гледај што правам, туку слушај што зборувам“ ми ги отвори очите, па јас повеќе љубам да не слушам што зборуваат надвор од црковните служби!

© 2013 Саше Димовски, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.