Алијанса од надри-политичари за нови манипулации

Пред да преминеме на темата за надри-политичарите, на кратко за надрилекарите.

Биоенеретичарите се луѓе кои велат за себе дека поседуваат биоенергија, некоја натприродна способност за лекување на многу болести. Маката многумина натерала да побараат помош од овие луѓе, а притоа намамени и од агресивното промовирање што го прават на секој можен начин. Нивните искуства зборуваат дека тоа се луѓе кои нема болест за која ќе кажат дека не би ја излекувале – само да дојдат до парите на тешко болните.

Според медицинската терминологија овие луѓе се надрилекари. Во оваа категорија, се и разноразни бајачи, тријачи, гледачи на карти, на конец итн. Алтернативната медицина е легална и призната, таа не ги опфаќа разноразните биоенеретичари, бајачи, тријачи… Ова го нагласувам за да не дојде до забуна и мешање меѓу алтернативната медицина и надрилекарството.

Квази-политичарење

Основањето на „Алијансата за позитивна Македонија“ е форма на промоција на надри-политика и надри-политичари. Тоа е новата појава на политичката сцена во нашата држава денеска.

За жал не можам да најдам друг поим за да ја дефинирам политичката активност на основачите на граѓанското движење „Алијанса за позитивна Македонија“, кое најавија дека ќе го трансформираат во партија.

Дополнително на ваквата дефиниција ме инспирира настапот на Владо Бучковски, еден од основачите на алијансата, во емисијата „Јади Бурек“. Бучковски ми остави впечаток на надри-политичар, кој преку Алијансата демек ќе ширел позитивна енергија.

Во овој настап, Бучковски така беше напнат, веројатно не од позитивна енергија, бидејќи расположен човек е релаксиран и опуштен. Можеме да го разбереме притисокот кој го чуствува Бучковски поради судскиот процес „Тенковски делови“, и веќе знаеме низ кои патешествија помина, и уште поминува.

Мене ми се 100% разбирливи мотивите за политичката активност на Бучковски, за кои би можело без тешкотии да се претпостави дека се поттикнати од измешани чувства на лутина и гнев од неговиот СДСМ и од „менгемето“ во кое е ставен поради судскиот процес.

Но, никој не смее да ја држи во заложништво македонската јавност заради лични интереси без ралика од која природа се тие.

За политичката доследност на Бучковски можеме да заклучиме од неговото дејствување во периодот откако беше сменет од челната позиција во СДСМ до денеска.

Имено, Бучковски додека беше пратеник во СДСМ, беше еден од најжестоките говорници во Парламентот против власта, во јавноста беше доживуван како борец од првите редови на СДСМ. Тоа се смени откако Црвенковски му го одбил барањето да биде повторно на добитно место на листите за пратеници на предвремените парламентарни избори во 2011 година.

Од тогаш започна јавно да го напаѓа СДСМ, да критикува дека во партијата немало демократија, дека со Црвенковски СДСМ била губитничка партија итн. Денеска Бучковски поентира со тоа дека сѐ што кажал, така излегло. Да, така излезе. Но, ако неговото барање беше удоволено и станеше пратеник, зарем тогаш ќе беше СДСМ победнички, зарем тоа беше клучно за денеска СДСМ да биде на власт? Секако не.

Жал ми е една брилијантна политичка кариера како таа на Бучковски да биде доведена во ситуација за денеска да завршува во политичко дејствување кое јас не можам да најдам друг посоодветен термин освен да го насловам со називот „квази-политичарење“.

Бучковски ја имаше најмоќната функција во државата, две години беше премиер, нешто повеќе и лидер на СДСМ. Ако имал автентична визија за тоа како треба да функционира СДСМ, зошто тоа не го сторил, а реално можел да ја реформира партијата, ја имаше и премиерската палка, што му дава огромна моќ.

Веројатно му било комотно во премиерската функција а напорно да се зафати со реформирање на партијата. Подоцна кога го сменија, виновник му беше Црвенковски, со оглед на тоа што партиите не се хуманитарни здруженија, произлегува прашањето, зошто Бучковски не успеал да го порази Црвенковски тогаш во партијата, ако имал визија, лидерски способности, работиливост, демократски капацитети.

Како шлаг на неговиот неуспех на лидерската функција во СДСМ, е заминувањето на Тито Петковски, кој основа своја партија, која пак беше клучна за Груевски да формира Влада во 2006 година.

Можам да се сложам дека имал отпор и дека е тешко кога планот на Црвенковски бил да се врати во СДСМ. Но, барем да се обидеше, во таков случај и да изгубеше, денеска ќе имаше кредибилитет. Прашање е што било пречката да не ги направи реформите во СДСМ кои тој ги бара изминатите две години. Познавачите на задкулисите во СДСМ ќе кажат дека Црвенковски можеби го држел во „скут“ токму со тоа случајот со набавката на делови за тенковите кога беше министер за одбрана во 2001 година.

Ако бил убеден во својата невиност би требало со крстот на челото да се бори како лав со правосудниот систем во државата и по цена да заврши неправедно во затвор, но ќе ја докажеше својата доследност и правичност кои никој не може да му ги одземе, ќе покажеше дека и денеска Македонија има јунаци кои ќе се борат за нејзиното добро, како во минатото кога плејада дејци гниеле по затвори.

Така постапуваат личностите на кои правдата им е најважна и токму затоа стануваат лидери и инспирација за многу граѓани кои ги следат нивните активности. Токму таквите луѓе можат да бидат извор на позитивна енергија во општеството.

За разлика од Бучковски, за кого СДСМ протестираше пред судот за да не му биде изречена мерката притвор, Душко млекарот ја немаше таа привилегија, СДСМ не го блокираше судот во Битола. Душко си ја плати цената за својот пркос, заврши во притвор, но се избори да докаже дека е невин. Денеска е слободен човек и синоним за тоа како треба човек да се бори за своите права кога е обесправен.

Анализата продолжува на тема: Македонскиот „Дери-паска“ и губернаторот од Карпош.

© 2013 Митко Јованов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.