Втор живот – по мој терк

„Третирај го пациентот, не болеста.“

Професорот ме гледаше кротко додека му објаснував за моите здравствени проблеми. После една година влечкање по лекари и барање чаре, така напамет и набрзина зборував, да не му одземам од времето. Но тој седеше мирно и спокојно и поставувавше прашања велејќи ми да не брзам, и сѐ по ред да раскажам. Бев збунета, зашто никој до тогаш не ме сфати сериозно, кога за сенешто висев по болничките соби и канцеларии. Подгрбавена од кашлање, со отечени очи, затнат нос, сите се сомневаа на алергија. Добивав сѐ што постои од менито, и на сите можни начини… и повторно се враќав за недела-две со нова мака. Еден од лекарите дури и ме посоветува да си најдам љубовник, зашто толку одење по лекари значело недостаток од љубов, да не речам – секс. Но не им земам веќе за кусур. Тие лекари со педигре и искуство, оставени во болници на распаѓање, во кои не би сакал ни пет минути да легнеш, а камо ли да умреш, морале да најдат начин да ги преживеат понижувањата од диктаторската чета млади наци-војводи. Но во оваа приказна ќе ги одбегнам нив. Како шуга што се одбегнува – ќе ја оставам мислата чиста и незаразена од нивниот примитивизам, силеџиство и глупост. Оти за нив – нема ниту лек, ниту лекар!

Наеднаш фатија температури и трески да ме тресат. Држ-не дај, секако преку врски – на моите зaгрижени тетки, ме згрижи една прекрасна докторка на инфективно. Жена! Конечно! Жена! Беше мојата прва реакција. И од што бев толку среќна, иако сосем исцедена, само што влегов кај неа во лекарската соба и се џитнав во раце и почнав да плачам како беспомошно дете. Таа ме изгали како мајка иако блиски со годините. Ме седна. И реков дека не можам повеќе, дека ова ми се последните сили и дека сум едноставно многу болна. Таа ме погледна и го потврди тоа, оти беше веројатно повеќе од очигледно. Бев таман зрела за хоспитализација. Таа беше мојот прв доктор Хаус, кој бараше дијагноза. Нејзината упорност, знаење и посветеност донесоа барем еден прв резултат. Ништо вирусно, габно, бактериско… ништо надворешно! Следеа сите наредни оддели за испитување, сѐ под нејзина контрола, водство и ризик, секако, зашто да се биде Др. Хаус кај нас значи ризик за своето работно место! Следеа невро, онкологија, патологија и не знам веќе што. Никаков резултат. Не само јас туку и таа шекна.

Ми се јави еден ден и ми рече, „Ноли, душо, ќе мора на реума и автоимуни“. Со неа под рака во реума на највисокиот кат, си помислив – најблизу до небото. Тивко и мирно. Штама. Додека чекоревме ги гледав подотворените соби, кои делуваа доста спокојно, во споредба со долните катови од каде сеуште ечеше галама, небаре пазар. Си реков зошто е сѐ толку мирно овде? Како никој да нема? Како сите да умреле? Но беше некое пладне пред викенд и галиба си отишле дома пациентите… Професорот нѐ чекаше во неговата соба. Ми заличи на сѐ освен на лекар. Ми заличи на научник за цвеќиња, со мирнотијата од спратот во хармонија. Би можел и астрофизичар да биде, оти најблиску до небото. Така некако се тешев, дека нашиот муабет ќе оди во насока на анализа на синоличките и на планетарните влијанија врз климатските промени. Или полната месечина и несоницата, на пример. Но, професорот ме погледна низ очилата и ме замоли да му ја раскажам приказната… По кој знае кој пат ја раскажував, иако за него беше прв пат. Мојата брзина и збунетост и на памет научените зборови од толку повторување, не му оставија впечаток. Е, тогаш почна распрашувањето. Прв пат некој толку инсистираше на мојата приказна во детали, небаре има век пред него! А мене уста не ми се отвора, оти сфатив дека тој непоколебливо решил да ја заврши сложувалката.

Пробав да замислам дека ќе зборуваме за месечината и дека ќе ми каже на крајот оти сѐ што ми се случува е под нејзино влијание. И дека ќе си одам дома и ќе си ги гушнам децата и мажот како ништо да не било. Моето бегство со мислите го сосече неговиот поглед кон снимките од моите синуси и бели дробови… „Имате некои промени и чешање по телото?“ – ме праша полузаинтересирано… Беше првиот што ми постави директно прашање кое немаше врска со сликите. „Да“ – му реков, изненадена. „Се мачкам со недели со креми… и до биопсија стигнав, ама ништо не најдоа.“

Тој ги легна снимките и почна да ме прегледува терајќи некаков медицински муабет, за некои делови од крвта со мојата докторка за кои никогаш не сум чула. Аха, вториот доктор Хаус, си помислив и ме стегна срчка. „Ќе се умира или…?“ – прашав, онака оладена од замислите за астрофизиката и хортикултурата. „Е, не се умира баш така како што мислите вие“ – ми одговори и се насмевна. „Ќе мора малце и да се помачите пред тоа“ – дополни и ме погледна шеретски. Одлично, по мој вкус и лекарот, а богами и умирачката. „Синоличка“ – ми го изговори името, така званично, небаре ќе ми додели прва награда за откривање на нова планета. Но во исто време насетив и некое олеснување оти се гледаше крај на мојата голгота. Ако ништо друго барем на дијагностичката. „…Вие сте вториот пациент во мојата кариера со вакви симптоми и потребна е само една мала крвна анализа за стопроцентно да ви кажеме од што боледувате…“ Срцето ми отиде на најблиската од сите – Марс. Момент кога не сакате повеќе ништо да чуете. Професорот ја прочита мојата потреба од игнорирање на фактите и за бегство од соочувањето. „Не е страшно, за сѐ има лек, некогаш оди непредвидено, додуша… но знае исто така и да застане и никој не знае зошто, кога и како… Но да ги провериме уште вечерва еозинофилите“ – со љубопитство на дете и дофрли на лекарката – мојот женски Др. Хаус. Симнувајќи се по скалите ми се јави брат ми, каква планетарна коинциденција, кој ме следеше со сите резултати и прегледи од далеку и на штрек. „Ноли“ – вресна во слушалката – „веднаш да се проверат еозинофилите“… Сите поблесавеле на иста тема и во исто време. Дошле до исти откритија за вселената. И овој од Канада, од рани зори се бави со истава астрофизика! Си помислив какви ли тоа еозинофили лебдат во мојата крв како слободни тела во орбитата? И какво ли влијание имаат тие врз мојот хороскоп, кој секаде вели дека ќе живеам?!

Вечерта со еден обичен убод во прст ми земаа крв. Тоа ти било дијагностика. И утрината знаевме дека влијанието на еозинофилите во мојата крв сепак ќе ја мени позицијата на планетите во мојот хороскоп. „Синоличка, вие имате – Чург-Штраус синдром.“ Аплауз. „Од утре ќе почнеме со терапија. Има нови и ефикасни лекови, секаде во свет ги користат веќе неколку години“ – продолжи со насмевка и ентузијазам. „Нема да биде лесно, но ќе биде секогаш подобро од сега.“ И така мојот професор секоја втора недела ми закажуваше и ги слушаше моите приказни за моето искуство со една ваква болест. Му бев втор пациент во кариерата, а мене ми беше за прв пат… и двајцата изодевме долг пат, полн искушенија и искуство. И двајцата учевме. Јас научив дека во животот секогаш има втора шанса која никогаш не смее да се испушти. Тој секогаш прво ја слушаше мојата лична приказна, ја негуваше и поддржуваше мојата жилавост и позитивност и знаеше точно по изразот на очите дека добивам втора шанса. Не мораше да гледа во резултатите за да ја види мојата решеност да го одживеам тоа што ми остана – по мој терк.

© 2013 Синоличка Трпкова, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.