Утеха за изгубеното бебе

Ме прашуваат често за мојата бурна и кратка театарско-филмска кариера. Немам многу потреба да говорам. Ако филмските слики и тетарскиот глас не оставиле трага зад себе, тогаш не мора ни да се потсетуваме на нив, доколку не носат длабока и заборавена порака. Неодамна прочитав некаде дека спомените се сеќавање на нешто што мислиме дека сме го заборавиле. Помислив како јас паметам всушност емоции. На пример јас и не можам да се сетам на мојата бременост со ќерка ми оти ја минував бурно и на различни континенти, но точно се сеќавам на чувството кога излезе од мене, на еден бокс во државна болница. Невидено олеснување од една долга и мачна бременост, наградена со посакувно девојче кое е моја лика и прилика. Или на чувството кога при царски рез го загубив првото дете и будејќи се од кома видов избезумени глави над мене, со ококорени очи небаре од мртви сум се дигнала. Бев камен студена додека сите ме тешеа дека ќе можам пак да раѓам. Како тоа да било утеха за една идна потенцијална мајка. Неполни две години потоа минав најубава бременост и родив прекрасен син. Ете на што се сеќавам најмногу, на раѓањето на овие мои најважни уметнички дела.

Транзицијата ја украде иднината на многу генерации. Спомените беа прегазени од безмилосна борба за преживување од ден за ден. Неправедна беше распределбата на материјалните добра од поранешниот систем, а оние духовните се заборавија преку ноќ. Некои создадоа добри заштеди, некои беа соголени до коска, а некои збогатени преку ноќ. Се претворивме во бојно поле за опстанок, ги исфрливме сите наши спомени кои се наша лична и колективна историја, го исплукавме зборот почит од уста, ги брцнавме рацете во туѓи торби, ги забивме носовите во туѓи животи, си ги присвоивме туѓите шанси за свои. Не – кој е добар, кој е потребен, кој создава, кој негува, а кој поумешно краде, кој подалеку плука, кој подобро лаже, кој подобро уништува, кој подобро се „снаоѓа”. Тие правила беа веднаш воспоставени. Отпрвин со усул, а потем кога немаше санкции – продолжија и без трунка срам. Во една таква атмосфера сѐ уште од време на време поминуваше и некој квалитет, што е право, и до некаде сѐ уште имавме чувство дека некои работи остануваат сепак да постојат и да нѐ потсетуваат дека ѝ припаѓаме на човечката раса. Се залажувавме со по некое викенд патување, интересна театарска претстава, па и ТВ програма, со по некој партал од модните бутици – колку да не паднеме сосем на колена пред животот, не разбирајќи дека токму во тие моменти ја пропуштаме најголемата шанса што воопшто сме ја добиле во нашата историја – градење држава. Самостојна, само за нас. Како кога градиш за прв пат куќа. Твоја и само за тебе. Тоа чувство кај нас не се појави, чувство дека имаме нешто наше. Ќе речете била дивоградба, па можевме да ја срушиме, ама местото сеуште ќе беше во наша сопственост. Ова можеби повеќе како потсетување на нашата тогашна политичка елита која не сакаше да меша малтер и да зема цигла в рака за куќата, за разлика од овие сегашниве кои не забетонираа живи до гуша и во бетон и во долгови, а заштедата за куќата ја опљачкаа.

Ние сеуште немаме изградено инстинкт на припаѓање, а камо ли на градење. Ние сеуште не знаеме кои сме и што е наше. Ние немаме ништо трајно соѕидано во овие 23 години. Ништо. Сѐ што знаеме за ѕидањето е од Југословенските години, оти таму учевме да градиме заедно. Имаме наши спомени, имавме наши филмови, наши песни, имавме наши одмаралишта, имавме наше море и имаме чувство на припадност, имавме критериуми за живеење и творење неспоредливо повисоки и поавангардни од денешните. Имавме една земја, и сите 25 милиони бевме браќа и сестри и живеевме релативно добро. За 40 и нешто години создадовме заедничка историја и заедничка меморија. Се почитувавме доволно и бевме исти… ако во ништо друго, барем во почитувањето на разликите. Секоја националистичка идеја беше казнувана – сега нѝ е многу јасно зошто. И сите што сакаа поделби, беа оддалечувани од функции и влијателни места. По 23 години транзиција во двомилионска земја ниту братство, ниту единство, ниту почит, а најмалку добар живот изградивме, и најстрашно од сѐ, го расчеречивме историскиот спомен на едно наше заедничко – пристојно минато време. Оние кои го носат тој екс Ју спомен всушност носат во себе континуитет, свест и историја за себе, носат знаење за тоа што значи систем и држава. Токму таа сила кај нас е сегашната авангарда оти е продолжение на една важна историја и образование од нашиот еволутивен развој. Тежнеењето на оваа струја да ја види Македонија во Европа и како дел на Европа е логична, оти бара нови, повисоки стандарди и критериуми, како цели на нашето опстојување. Сите останати “струи” играат аматерска претстава под наслов ”МК во ЕУ“, со влада која глуми дека сака во Европа, а овде му шепка на народот како на наглува баба, дека ќе ги обедини трите Македонии ако треба во една. Ги напалуваат Македончињата како млади мајмунчиња со Александар Македонски и новокомпонирана историја, под мотото Македонија – вечна, ставајќи ја во залог така и нивната иднина и оставајќи им на децатата осило на национализам како единствен модус на постоење, наместо космополитизам и постоење на светот како поле за културен натпревар. На тие што не разбираат, а ги има доста, им тутка по некоја илјадарка в рака да ги поткупи. За 23 години да не создадеш пристојно место за живеење во ваква убава земја со толку малку народ треба да си голем експерт. Кина со повеќе од милијарда жители отиде светлосни години напред за овие 23 години. Нашите експерти не се експерти за градење, а за рушење. Обичен човек и да сака да руши, не би можел вака систематски да разгради и осквернави, освен ако нема изработено длабока експертиза за тоа како се уништува една земја во соучество со народот. Ние ги надминавме сите форми на уништување, вклучувајќи ја и војната, како застарен модел. Ние го доведовме уништувањето до совршенство – ќе нѐ снема без да бидеме свесни дека нѐ имало и дека нѐ нема. Сега ја живееме последната фаза на бришење на колективната меморија, повеќе наменета за непослушните кои не сакаа да се одречат доброволно од своето „сомнително” минато, Европско или Југословенско – сеедно!

Моите најдрагоцени емотивни спомени, врзани за моите најуспешни уметнички дела – моите деца, остануваат единствените вредни за потсетување. Не – мојата кариера. За било која кариера е излишно да се зборува, во ова време, зашто таа не го поткрепува нашето државно преживување и опстојување. Нашите кариери и заработки во еден ваков систем се само докрајчување на општествените добра за лично збогатување. Каква смисла би имале тогаш сите бремености на овие простори ако не носат иднина за родените? Дали воопшто има смисла нешто во светов, ако нема иднина со спомени, сеќавања што мислиме дека сме ги заборавиле? Иднина која чека на нас да ја создадеме, за нашите деца да имаат на што да се сеќаваат. И конечно зошто ако јас имам крила и можам да летам, морам да ги скријам, оти власта ги нема? И зошто ако мојата слобода се мери во светлосни години би ја мерела во сантиметри, оти таа е мерка од власта? И зошто ако јас чекорам на патека од ѕвезди, би се симнала на селски и каллив на оваа власт? И ако мојата визија е светот, зошто би морала да ги следам маалските визии на оваа власт!?

Дури откако ги потпораснав двете деца, ми се стори на сон првото, што го изгубив и кое никогаш не го видов. Се расплакав како тогаш да ми го снема од раце. Рикав како магарица. На таа емоција се сеќавам, оти тогаш осознав што сум изгубила. Следната мисла што ми прелета беше и најужасна и најутешителна во исто време, за мајки што изгубиле бебиња – ни богатите, ни сиромашните деца родени и раснати во транзиција – не се среќни. Првите добиваат сѐ, а немаат ништо, а вторите немаат ништо, а добиваат срам што не го заслужиле. Но и едните и другите наскоро би можеле да останат и без татковина и без спомени.

П.С. Никакви кампањи и поповски придики нема да придонесат за зголемување на наталитетот во недостаток на татковска грижа за нацијата и почит за современата жена во Македонија како што доликува во 21-от век – и како мајка и како креатор на иднината на оваа земја.

© 2013 Синоличка Трпкова, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.