Уметноста живее од вистината

По повод денешното свечено отворање на старо-новиот театар

Секогаш одбегнувам да одам на премиера на театарска претстава, а кога одам го правам тоа само поради мојот истражувачки дух. Не дека не ги сакам луѓето туку едноставно не сакам да ја делам мојата енергија со „луѓе-премиера“. Има и причина зашто не ги нарекувам публика. Луѓето кои тој ден се натопорени со сиот свој „гламур“ не претставува релевантна публика да оцени некое уметничко дело, барем не според мене. Но нив засега да ги оставиме настрана. Крајно интересно ми е кога ги набљудувам моите колеги на тие свечени настани.

Како прво, никој со никој не се сака, а уште помалку се почитува. Второ, од зависта што секој со себе ја носи просто некогаш се плашам да не им експлодира главата. И трето, но не и помалку важно, нивните релации. Е овој дел морам да признаам ми е најсмешен. Сум приметила по подолг период на набљудување дека колегите своите сопруги и сопрузи ги изнесуваат само на премиери. Претставата завршува следи громогласен аплауз, овации, нели затоа што така треба и потоа следува најнезгодниот, но најважниот за историјата на македонскиот театар, тој половина час наречен коктел. Или најзабавниот, како за кого. Нема да одам во детали затоа што не е вредно, но имаше една реченица која мојот ценет професор Владимир Милчин често милуваше да ни ја кажува додека работевме на сцена, а таа гласеше „Сѐ се гледа“. Следствено на тоа и на коктелот што претставува нераскинлив дел од една премиера т.е. претстава каде што и „луѓе-премиера“ земаат улога во истата, сѐ се гледа. Криенките кој со кого, погледите, стравот од предавство, кој на кого, до кога, па зошто, ич не ми се интересни дури морам да признаам и дека ми се гнасни. И сите глумат лудило, ма прекрасно.

Супер. Претставата заврши, коктелот не се опишува со зборови, еуфорија, сите се изнасликаа, се напија, се најадоа, кој се изгушка, кој се допре само со образот да не им падне маската и кој по дома кој во нечија друга дома. Ами причината на собиранкава? Суштината? Тивко слушаш оговарања и коментари по ќошињата на фоајето, честититките фрчат, цвеќиња се фрлаат но никој гласно пред групата со која стои и натопорено во раката вртејќи ја чашата со вино не го дели своето мислење за тоа што го погледнал. Боже мој! Како ништо да не се случило, како никој ништо да не видел. Тотална амнезија! Сите трајте додека не излезе првата критика, инаку рефлекторот нас ќе не осветли. Здрава критика ни за леб, а фејсбук критичари колку сакаш, на тони.

Тоа што ме поттикна за овој текст е прашањето кое некако само по себе се наметна. Дали кај нас воопшто постои професионална критика, зошто служи таа и кому? Денес секој трет на социјалните мрежи се дрзнува да оценува театарска претстава и уште пострашно е што тие критики кои повеќето од нив се состојат или само од пофалби или пак само од навреди, да ги гледам моите колеги како безглаво се лепат на нив како муви на гомно. И отттука да произлегува стандардот за квалитет. Се фаќам себеси во грч и со милион прашања за тоа дали моите колеги имаат воопшто конструктивна критичка мисла за нешто, аман, за било што. Добивам чувство дека дури ни уметниците повеќе не прават разлика за тоа што е квалитетна игра или квалитетна режија. Туку само чекаат некој со нешто да ги послужи. Се плашам дека од таквата пасивност на колегите, секој приучен си зема за право да коментира претстава притоа не размислувајќи на последиците од напишаното. А содржината плитка и формата недовршена. Никој актер, режисер, драмски автор не може да биде само лош или само добар. Такво нешто не постои. Затоа има образовани личности наречени критичари за сето тоа фино, во најмали детали ни ја образложат квалитетната и помалку квалитетната страна на секој сегмент од таа една претстава. Па за кога таа критика ја прочитам, делумно или во целост се согласам, а не да навивам.

Уметноста живее од вистината. Таа знае да биде безмилосна кога се обидуваме да ја корумпираме. Мораме да се критикуваме и да се поддржуваме меѓусебно ако сакаме да се развиваме како уметници. Уметноста е многу поголема од сите нас, ве молам не го заборавајте тоа.

*со почит кон исклучоците

© 2013 Мартина Тапарчевска, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.