Роденденот за којшто сонувам, бледо!

Блеам во празно, додека ја очекувам полната 26-та година, кога можеби неколкумина, освен најблиските ќе се сетат да ми честитаат роденден. Не дека ќе ми значи, зашто како минуваат годините, сѐ помалку почнав да обраќам внимание на тоа кој „ме сака“ и кој „не ме сака“, преку моментот на поздрави и честитки за раѓањето Огненово.

Таа блеејќи во празно, пиејќи вино сам по дома и слушајќи стари класици од популарната музика низ светот, не можам, а да не се израдувам на понудата на Сакам.инфо, да станам дел од нивниот тим колумнисти, кои сѐ уште имаат некој чуден порив во себеси, да бидат донкихотовци, во држава каде што коњот Росинант е јавачот, а Дон Кихот – остарениот коњ. Чудно ни се изместија вредностите, кога Росинант стана господар, досетливиот благородник Дон Кихот – слуга-амал, а простодушниот Санчо Панса, преку кој е претставен народот, си остана на немата и лесноверна позиција.

Додека го чекам полноќниот час, кога треба да си означам нова година за себе – се радувам на својот успех досега постигнат! Се радувам, зашто земам плата (само од едно место) од 62.332 денара, вреднувана според образованието академски и дополнително. Плата, која не знам каде сѐ да ја потрошам, дури и откако ќе тргнам пари на страна, за заштеда за „црни денови“! Најискрено се радувам, на тоа што имам три деца (како што сакала и мајка ми) – две ќерки и еден син, кои се на возраст од 1 ипол, 3 и 4 години и за кои имам обезбедено сигурна иднина, во градот во којшто јас пораснав – Прилеп. Во тој град, тие ќе имаат можност да студираат на факултет со врвно реноме (едната ќерка ќе ми студира атомска физика, втората – креативно пишување, а син ми ќе студира на родови студии на отсек за ЛГБТИ права), а јас ќе работам во медиум кој ќе биде еден од многуте локални, кои ќе вршат силно влијание на национално ниво и притоа ќе имаат можност да бидат создавачи на објективно јавно мислење.

Се радувам, што досега, веќе имам план за следните, минимум 25 години, и точно имам распоредено каде ќе ги минувам летните и зимските одмори, зашто имам доволно скромни средства, да одам да се „испрчам“ на плажа на Куба, Хаваи или на Бали, а да се научам да скијам близу Нојшател. Истовремено, се радувам што во Прилеп, ќе одам секоја седмица на опера, филхармонија, театар од бајките, ликовни изложби. Единствено ми е тешко, што за одредени сегменти од општественото живеење, сепак ќе морам да одам во Скопје, но, таков е животот – ќе „запалам“ еден од трите автомобили и ќе стигнам по совршените патишта за еден час, во македонската метропола, на која повеќето европски можат „да ѝ се фатат“, поради својот модерен изглед, својата пост-модернистичката архитектура, како и почитуваноста што ја има како град, оваа метропола.

Се радувам, додека блеам во празно, чекајќи го отпочнувањето на 27-та година, што живеам во држава, која е „оперирана“ максимално од национализам, тешки форми на патриотизам, етно-центризам, меѓу-етнички насилства, говор на омраза, немање слобода на изразување или толеранција. Живеам во држава, каде што медиумскиот мрак, е дел од историјата – страници заборавени меѓу книгите, за кои читаат само студентите по новинарство.

Се радувам, што живеам во држава, каде што секој млад научник има своја лабораторија којашто придонесува во светските истражувања. Каде што секој, може да биде дел од општествената дебата, за тоа дали некое дрвце, треба да биде поткастрено. Каде што загаденоста на воздухот е на една од најниските стапки, познати на човештвото. Каде што водата е достапна и бесплатна за сите. Каде што образованието е нешто кое не е обврзно, но, буквално секој млад човек има сфатено, дека токму со тоа ќе има успех во животот, зашто ја сфаќа вистината во зборовите, напишани меѓу две корици.Искрено, се радувам, што моите деца, не ме прашуваат: „Зошто оној маж е фатен за рака со друг маж?!“, туку едноставно им се приближуваат и ги прашуваат дали може да си играат со нивните дечиња. Ме радува и фактот, што моите деца, уште на своите 3, односно четири години точно знаат што им следува како човеково право и знаат дека сѐ што имаат како проблем, можат за експресно време да го решат преку медијаторство, но, ако е потребно, да се вклучат и непристрасните, ажурни и од непотизам ослободени институции, или во нивниот случај, воспитувачи, односно наставници. Најмногу ме радува, што моите деца, не знаат кој им е премиер на државата, или не ги знаат сите пратеници според име и презиме, како и нивните партиски активности. Дури не знаат ни кога се одржуваат избори, зашто до 18-та година, тоа не е нивна обврска, ни пак, ги интересира.

Се радувам и за многу други работи, само зашто, на своите полни 26 години чувствувам исполнетост до бескрај. Зашто државата и народот ми го овозможуваат тоа. Среќен сум, што не добивам желба да си го одземам животот, или да станам тежок социопат, поради секојдневните проблеми со кои би се соочувал, доколку живеам на друго место. Јас си ја почитувам оваа држава, зашто таа мене ми дава сигурност, каква што нема на друго место.

И НАЈМНОГУ БИ СЕ РАДУВАЛ, ова да ми беа вистинските мисли, со кои се среќавам, шетајќи низ мемоарите на мојот ум, чекајќи да остарам за уште една година плус!

Зашто, наместо сѐ погоре наведено, јас размислувам, што правам сѐ уште во државава? Што правам сѐ уште во мојата чудесна земја – Македонија, каде што сѐ што правите, не ви се вреднува ни низ зрна грашок. Во државата, каде што работам три работи истовремено, помножени со три секоја (на толку барем се сеќавам во моментот). Во државата, каде што од тие три работи, спојувам средства за преживување од една плата пресметана според статистиката на државата, која статистика не вклучувам ни шампон за коса, оти тој спаѓа во луксуз. Платата за која ви зборувам, ќе ми беше доволна, ако не морав да помагам таму каде што најмногу ме боли – кај родителите и кај најблиските, кај пријателите и кај соработниците. Ќе се радував за овој роденден, ако не ми „прелеташе“ низ глава мислата, дека поради суети и финансии, сѐ уште го влечам факултетот, кој го завршија и оние кои имаа влезен процент, понизок од просечниот. Ќе се радував на мојот роденден, ако не морав да мислам дека не поканувам луѓе на торта, зашто не ми е стигната платата сѐ уште, а јајцата поскапеа повеќе и од сексуалните услуги, па не можам да ги сматам сам. Може ќе ги викнев на салата, но пиперките и доматите се над 100 денари за килограм. И можеби и ќе се радував на роденденот, ако знаев дека сиот вложен труд, дека сите сертификати, дипломи и пофалници, секое дополнително образование од семинари и обуки низ странски држави, ќе ми биде вреднувано на секаков начин.

Веќе ни ситото и решетото не се мерка за вреднување. И кажете слободно: „Ако не ти се допаѓа кретену, слободно оди си од овде!“, а јас, пак, на тоа ќе ви објаснам дека не е работата до допаѓање. Не дека сакам деца да растам овде – не, туку сакам, додека „виреам пирејски“ по ова тло, да мислам дека работам за доброто на себеси и на државата. Страшно е што „пирејот“ на Петре М. Андреевски ни стана болна вистина – што станавме ништо друго – туку една обична трева што секој ја корне! Сакам да мислам, дека мојата размисла (каква и да е), придонесува во развојот на ова општество. Зашто не знам дали после сите успеси лични, кои сум си ги достигнал, можам да се чувствувам успешен (како што ми велат многумина), кога гледам како скапаните круши кои останаа, ги јадат најскапаните свињи, дури и поскапани од оние во „Животинска фарма“ на Орвел. Живееме во заблуда, која не само што нѐ ослепе, туку и нѐ затапе толку многу, што веќе ни надри-медицината не ни помага.

Не знам дали ќе ме исмејувате, troll-ате, hate-ате, споделувате или поддржувате после колумнава, но, да ви кажам искрено, ако вистина до толку многу ми значеше, немаше да се борам упорно и упорно низ животот, за да стигнам, таму каде што сум. Не дека не ми била ѕвезда-водилката критиката на народот, но, сепак најмногу сум ја ценел таа што била искрена, колку и да била сурова. И да, има и кај нас, такви што искрено ќе ви посочат што не сакаат кај вас. И токму таквите ги гледам, дека се дел од Сакам.инфо. И токму затоа, ги нареков донкихотовци. Иако, тоа сега би било навредливо како епитет. Оти денес не е убаво да си витез или трубадур, каква што чест било некогаш во дамнина. Денес е само убаво да си труба, која нон-стоп труби! Ту, ту, ту! Но, никогаш нема да дознаеме дали е тоа музика за уши, или возот што прави исто така „ту, ту, ту“ и полека нѐ одминува како земја.

Им благодарам на сите, за секоја пофалба и критика која ми ја дале досега. Да не биле тие – немаше да се чувствувам барем малку среќен, велејќи си на себеси: „Среќен роденден, Огнене! Догодина со неискинати пижами и квалитетно вино да си го дочекаш!“

© 2013 Огнен Јанески, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.