Превртен чорап

Колкупати сте се сопнале на превртен чорап? Се заметкал и, кога не треба, ете го. Ама превртен е, и некако тешко ни е да го подигнеме. Го прескокаме! Неоправдано.

Каде е врската со превртениот чорап и она што пред десеттина дена ме извади од памет!? Превртените состојби во театарот. И да се само во него! Признавам, него најдобро го знам, а и не љубам да сум од оние кои знаат сѐ. По сто години (не бидете „буквалисти“) или јас не се сеќавам а би сакала некој да ме потсети или да ми каже дека грешам, на сцената на еден театар во Солун (Грција) се играше претстава од Македонија и на македонски јазик. Во кутра Македонија тоа не беше вест. Поинтересни беа ветвите дебати на „експерти“ за јачината на аргументите, или обратно во односите меѓу Македонија и Грција. Стари приказни.

Во претурањето на магла од вреќа во вреќа не беше настан гостувањето на Мал Драмски Театар – Битола во Солун. Уредно испратената информација до медиумите содржела сѐ: на сцената на Театарот „Андреас Вутцинас“ во Солун (Грција) ќе се играат нивните „Столови“. По текстот на Јонеско, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, со Јоана Поповска, Анастас Поп Димитров и Александар Лозанов. Претставата е од пред три години (премиерата ја имаше во Лондон на 28 ноември 2010 година) има и голем „багаж“: прикажана е во десеттина други земји. И, пак, не е вест. Не е „добра“ вест! Најлошо е што се заборави дека во Солун секоја вечер не игра/гостува по еден македонски театар.

Превртениот чорап ми замириса. Единствена можност за афирмација/информација на настанот, два-три часа пред закажаното време, беше да се објави на ФБ, испрати на НОВАТВ и +ИНФО од кој, гледај чудо, ја презема и ТВ Тера од Битола!?

Се затури и информацијата дека МДТ во знак на протест на 1 Мај (два дена по настапот во Солун) неработниот, пардон, скараџискиот ден, го помина работно, во подготовка на новиот копродукциски проект меѓу него и Театарот „Андреас Вутцинас“. Нова продукција во репертоарот во кој за нешто повеќе од пет години постоење се реализирани петнаесет претстави (свои и копродукции) кои во меѓународна конкуренција добиле дваесет и една награда. Губитник е само нашиот ментален склоп во кој живее само лошата вест или онаа што „е надувана“ со лажни вредности и приказни на кои тешко дека некој верува.

Караванот во кој се возат лагите си врви. Кој како милува. Во вителот на просечноста најдобро се плива. Грбно е уживанција. После ладовина во која сите се прават дека не ја чувствуваат реата од превртениот чорап. Така стигнавме до состојба на превртени (не)вредности. Ги изнегуваа миленичињата кои и пред да ги видат новите претстави (речиси редовно со сомнителен квалитет), имаат третман на привилегирани, најдобри, најумни, најталентирани. Нај… нај… Клопчето на превртениот чорап, мултиплицира пореметени вредности и сѐ помал квалитет. Осредноста ни стана аршин, иако во театарот (и во секоја друга уметност) има само добар и лош театар. Сѐ друго е друго.

Прва е поделеноста. На сите нивоа во кои се гнездат самовљубеноста и игноранцијата. Па и се испуштаат шансите. Како оваа во време кога Европа и светот се трудат да ни помогнат да се реши две деценискиот спор меѓу Македонија и Грција. Па после – друг е виновен. Прескокнуваме и основни лекции за што сѐ се сака театарот. Меѓу другото и дека театарот ги обединува луѓето и под театарското светло сите сме поубави луѓе.

© 2013 Лилјана Мазова, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.