Постпразнични рефлексии

Резултатот е 2:1, или дури можеби и 2:0, ако со спортски жаргон се направи сооднос на прославувањето на верските и световните празници, кои се надоврзаа еден на друг во текот на само една седмица. Во Македонија ништо ново! Работници и невработени (да се изразам со класна фразеологија) – нема. Мнозинството веќе се трансформирале исклучиво во припадници на своите етнички и/или верски заедници. За промена, овој пат немаше делба единствено по партиска линија – сложно го игнорираа празникот на работниците. Можеби затоа што знаат дека кога им се обраќаат како на гласачи, најмалку тоа го прават со некаква социјална и економска понуда (милостината во вид на социјални субвенции не ја сметам за важна).

На Први мај бев дел на протестната прошетка низ Скопје, која барем малку го обели образот на Македонија. Таа сепак влезе на листата на земји во кои бил одбележан Меѓународниот празник на трудот. За срамот што ни го приредуваат „лидерите“ на синдикатите немам намера да зборувам, затоа што овде не виреат синдикати или и ако се појават пред ТВ камери, онака кежуал во портокалови маички, порачуваат дека на луѓето им било доста од политички збиднувања па сакале да се одморат во кругот на семејството и традиционалните вредности. Тие се само декор и инструмент во рацете на работодавците (а не заборавајте дека државата е најголемиот работодавач во Македонија). Тоа што бевме малкумина во протестната поворка (можеби 100-200 луѓе) и не е најстрашното. Напротив, околу себе видов умни и полетни млади луѓе, кои направија да се чувствувам подобро. Можеби и тие го имаа истото чувство, но најтешко ми беше кога скандирајќи за работнички права и социјална правда минувавме покрај индиферентните работници, кои и на ден-празник си работеа пред зградата на Парламентот или споменикот на Филип, а на нас гледаа зачудено. Подоцна се разви дебата на социјалните мрежи, па новокомпонираните капиталисти се потсмеваа на настојувањата да се оживее Први мај, откако комунистите кои го претвориле во празник на скара и пикник сега сакаат да го револуционизираат. Едно младо момче ми вели: јас не се ни сеќавам на тие стари времиња кога се славел Први мај, и не знам што има тука да се одбележува. Да, точно е дека во бившиот режим (кој не беше комунистички, туку социјалистички – ова колку за појаснување) црвената буржоазија предвиде дури два неработни денови, а поентата беше во наративот дека конечно се оживотвориле правата на работниците за кои штрајкуваа во Чикаго, за кои со децении се бореше меѓународното работничко движење, и дека нивната битка не смее да се заборави. Додека се живееше убаво и лагодно (врз база на странски кредити) мнозина беа склони да веруваат дека е тоа вистина, особено заради високиот степен на вработеност. Но, со продлабочувањето на економската и социјалната криза (која ескалираше во политичка и воена) веќе не знаеја или се плашеа да протестираат или да си ги бараат правата од работен однос. Или воопшто, да се борат за човекови права… Религијата не се беше разбудила, па затоа национализмот стана опиум на народот, кој му беше понуден токму од владеачките (републички) елити. Оттука, и непријателот и виновникот за „мојата“ несреќа стана „другиот“, од другата република или другиот народ. Но, денес живееме кобајаги во капитализам (кој направи скок од првобитната фаза на акумулација на капиталот со криминална приватизација и масовна пауперизација на работниците во процесот на трансформација на општествената сопственот – директно во посколонијален систем). Значи, ова би требало да биде идеално време за битка за работнички права и социјална правда, особено кога капитализмот е „разведен“ од демократијата. Но, работниците си молчат, одеднаш ги снемува и најгласните (службени) стечајци, никаде да се појават барем 300 илјади невработени – и онака немаат што да загубат, нели? Ми вели едно момче дека нему му е убав животот во неговото место, па не гледа зошто би марширал на Први мај. Како да му објаснам дека иако со еден марш не се менуваат нештата, сепак тоа е барем прв чекор да се демонстрира солидарност и емпатија со оние кои се понесреќни од нас? Бидејќи, во вакви времиња-невремиња, денес вработениот е иден невработен, и обратно… Јас, пак, како професор би можела многу спокојно да се држам по страна, освен ако во мене сепак не постои свест за две битни нешта: прво, тука се корените, работнички, оние од чиј деноноќен труд сум станала своја, сум станала припадник на една повисока и попочитувана „класа“. Први мај е мој празник, бидејќи е празник на мојот татко-линотипер и на мојата мајка-текстилна работничка. Толку за традициите… Ама вториот момент е поважен и поактуелен: јас добивам плата благодарение на трудот на оние кои создаваат материјални и нематеријални вредности во оваа земја, и ним можам да им заблагодарам барем со тоа што ќе покажам јасно и гласно дека сум со нив и дека сум свесна дека животот им е потежок од оној на татко ми. Но, додека чекорев, ги гледав оние индиферентни ликови на луѓе облечени во работнички облеки, и чувствував како победила онаа „синдикалка“ во портокалова маичка. Маршот го придружуваа и новинари – и тие работеа тој ден. Малкумина излегоа да протестираат иако секојдневно слушаме за нивните маки. Слушнав дека било опасно да бидат видени на ваков мирен протест – можеле да останат без работа. Секогаш имам на ум дека не се сите среќни како мене со една освоена слобода и отсуство на страв дека ќе останам без работа, а свесна сум длабоко и за фактот дека во онаа група едвај и да не имаше неколкумина од универзитетските кругови… (Патем, посрамена сум сѐ уште и од она наше неуспешно протестирање против законот за високо образование.) Но, можно ли е да останат без работа ако масовно се појават на првомајски протест? Од повеќе редакции, со лика и прилика најпочитуваните уредници и новинари од Македонија? Ги немаше ни лекарите на кои до пред некој месец им се восхитував на упорноста и штрајкот. Немаше мнозина… Подоцна разбрав дека зависно од можностите, и согласно нашите „светли традиции“, дел заминале во Охрид, во Грција, или на блиските места за пикник.

Но, за Велигден сликата се измени. Пред храмовите и црквите сакаа да бидат видени речиси сите, освен оние “оправдано“ отсутни… Видов многу обичен и сиромав свет. Ја видов пред камерите дури и тетка Цвета, хигиеничарката која го чисти мојот кабинет и која секое утро кога ми носи кафе, ми зборува за сите маки кои се свалиле на нејзините нејаки плеќи. Говореа за најрадосниот ден на христијаните, говореа за воскресение, оние кои и последниот денар го даваат за свечена трпеза, а чии ликови остареле прерано, и за кои нема воскресение – бидејќи овие свештениците на кои сега им носат подароци, еден ден на крајот на нивниот пат, ќе отпејат опело и на семејствата ќе им пратат утешни зборови „од прав сме настанале, во прав ќе се сториме“.

Овој мој народ, без оглед дали е од македонско, албанско, ромско, турско или друго потекло, е многу побожен. Тој го врти и другиот образ, тој верува во државни и верски лидери, во Нација, во Татковина, во сѐ што претставува моќ. Верува во библиски приказни, ама и во овоземски, а ако некој се осмели да каже дека е „неверен Тома“, тој зазема одбранбен гард и ги прокажува сите изроди и им кажува дека ќе бидат казнети за неверувањето. Точно е дека најнепопуларни се атеистите и агностиците, но за волја на вистината сега и верниците почнаа некаков бизарен натпревар, кој нема никаква врска со религијата и праведноста, туку со освојување на територии, па и сетила… Безброј пати, ние на универзитетот сме негодувале од прегласните исламски молитви, кои сега не ги соопштуваат оџите туку се шират со посредство на хај-тек разгласи. Децибелите никој не ги мери, иако нивото на бучава се дефинира со закон, ама не е „коректно“ и сензитивно е да се приговара на тоа. За време на велгиденските празници, мнозина забележаа дека децибелите достигнаа нови вредности. Акција-реакција, ќе рече некој. Веќе почнаа и да се пребројува колку празнични денови им се со закон загарантирани на едните и на другите. Но, не е само до празниците – колку и да ги има, тие не се толку бројни, ниту пресудни. Поважно е што верската припадност добива на цена само ако се манифестира јавно и што погласно, по можност на државниот ТВ сервис но и останатите канали (кои нѐ „удавија“ со стари филмови за Исус и со 15-минутни „вести“ за случувањата во црквите). Слободата на вероисповеста почнува сѐ повеќе да го окупира јавниот простор, оној во кој единствено можеме да се препознаеме како луѓе и граѓани. Имами и свештеници зборуваат за држави, национални интереси, и за сѐ – освен за грижата за духовноста и моралот на своите следбеници. Притоа, со порастот на религиозноста не се намалува нивото на криминалитет, корупција и неморал. Дури, од аспект на некој кој е роден во „оној“ безбожен режим, е и обратно.

Празниците минуваат, дијагнозата останува: фатени сме во спирала, во која во магепсан круг се р’ваат и натпреваруваат два идентитета! Вероисповеста е повеќе идентитетско обележје (за разликување) на цела група (етничка заедница или народ) отколку интимна потреба на поединци кои имаат некакви духовни потреби. Сите заедно сме – заложници, со таа разлика што некои од нас се посматрачи, а други учесници и навивачи. Целата приказна за мултиетничност и мултиконфесионалност паѓа е одамна гола флоскула. А единственото нешто кое може да ги зближи луѓето околу она што се вика базични човекови потреби, квалитет на живот и граѓанственост не е на агендата, и никому не му е потребно, освен на малкумина кои упорно одат наспроти мејнстримот.

© 2013 Билјана Ванковска, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.