Не седи мадро!

Седи си мадро. Седи си и ќути си додека никој не те чепка. Па дури и да те чепне, пак седи си мадро. Ќути си. Може да биде и полошо. Ќути си додека имаш за леб и за лекови. Ќути си додека си сместен удобно во некоја од фотелјите на јавната администрација, таму е сигурно, како дете во мајчина прегратка. Ама детето ќе порасне. А вие?

Седи си мадро, вака или онака кажано, но во истиот контекст, стана синоним за Македонија. Тие зборови станаа синоним за пензионерите, синоним за администрацијата, синоним за невработените, синоним за земјоделците, новинарите, бизнисмените, уметниците. Не верувам дека секој од нив се задоволува со зголемени пензии за 500 денари или за сигурна работа од 300 евра. „Седи си мадро“ стана синоним за стравот во земјава. „Седи си мадро, да не ти се закатанчат па да ти ја уништат фирмата“. „Седи си мадро, знаеш дека брат ти работи во администрација, сакаш да го избркаат?“ „Седи си мадро, догодина треба ли да аплицираш за субвенции?“ „Седи си мадро, сакаш да ти го укинат социјалното?“ „Седи си мадро, ако те избркаат од тука, знаеш дека ниту еден друг медиум нема да те вработи, башка секаде е исто“.

И така, стравот во Македонија се шири. На почетокот мислев дека е преувеличан на ниво на сенка која се надвиснала над земјава и бдее, некој да не згреши нешто, да не каже против преродбениците па да биде казнет. Им се смеев на оние кои ми велеа: „Мери, жити сѐ немој да зборуваш по телефон, знаеш дека сѐ се слуша“. Им се смеев кога ми велеа дека власта ти може буквално сѐ. Но, сега веќе не ми е до смеење. Стравот веќе почнува да се гледа, доби облик, доби лик. Се гледа во очите на речиси секој граѓанин во земјава. Па така, почнува молкот. Тој трае многу подолго од предизборниот молк, трае веќе со години. Имам чувство дека луѓето молчат дури и кога се дома за случајно да не ги чујат комшиите како ја пцујат власта или кажуваат било што друго кое не е во согласност со ставовите на владејачката партија. Имам чувство дека луѓето зборуваат сѐ потивко. Ако зборуваш гласно, не си со нив, со другите си. А како смееш да бидеш со другите? Кој ти го дозволил тоа? А всушност, зошто ако не си со едните автоматски мора да си со другите?! Затоа што таквото темпо го нафрли власта за да нѐ обои, за да нѐ подели, за да станеме потивки. И станавме. Си седиме мадро.

Нема поголемо убиство за демократијата од стравот јасно и гласно да го кажеш своето мислење. Нема поголемо гушење на народот од тоа да им наметнеш страв својот став да го кажуваат тивко, кога се меѓу своите, да не чуе никој од надвор. Бидејќи стравот ја раѓа индиферентноста. Денеска го кажуваш тивко, а утре веќе стануваш индиферентен. Гледаш на телевизија дека државата ни се доближува до ЕУ, гледаш дека наголемо се делат субвенции, гледаш како се фрлаат лопати на секој чекор, се редат споменици, се множат кружни текови. Но истовремено, сакал или неќел, колку и тоа да се обидуваат да го скријат провладините медиуми, ги гледаш и неправдите. Гледаш невработени, знаеш дека споменикот пред твојата зграда едноставно не може да чини 2 милиони евра, знаеш дека гласачот од Пустец не е жител на твојата населба. И тоа не смее да се премолчи. Во моментот кога ќе си речеш, „седи си мадро“, знај дека си на добар пат да станеш кукавица.

А ние не сме кукавици. Уште помалку сме индиферентни набљудувачи. Ние сме граѓани на оваа земја и имаме право на збор. И јас јавно кажувам дека не сакам да седам мадро. Ќе зборувам гласно секогаш кога ќе видам неправда, секогаш кога ќе имам став по одредено прашање, без разлика дали тој став се поклопува или коси со ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Титови леви сили, ЛДП или било кој друг. Мојата држава не е партија. А ова не е Македонија што некогаш ја познавав.

© 2013 Мери Јордановска, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.