Наместо вовед

Мотивот за пишувањето на овие колумни произлегува првично од фактот за забрзаниот развој на национализмот во Република Македонија кој сѐ поактивно пропагира реторичко насилство кое за среќа сѐ уште не прераснало во активно-физичко насилство до степен кој постои на пример во соседна Србија, но степенот на декларирани „поединечни“ случаи никако не смее да се третира како безопасна појава.

Национализмот се рефлектира во нетрпение кон сите малцински групи кои наводно го загрозуваат битието на македонскиот народ кој е ентитет за чистота и како таков ја чини основата на колективното лудило и заштитничкиот однос кон истото, а најмногу трпат граѓаните со спротивни или поинакви ставови. Слободно можам да кажам и спротивни идеологии доколку национализмот во Македонија го наречам идеологија.

Коренот на создавањето е самата „власт“, термин кој сѐ повеќе станува вообичаен на пошироката балканска територија, кој меѓу мисловно активните поединци се третира како есенција на злото. Власта подолго време е врзана за поединецот кој постепено плете на изглед невидлива мрежа и како предатор чека некоја наивна жртва да се фати во неа. На тој начин дава пример и постулат за однесувањето на другите.

Со согледување на општествените проблематики за кои Македонија е плодно тло поради горенаведените причини, ќе се фокусирам на појавата на сѐ почестата транспарентност на власта т.е. луѓето од владеачката структура на чело со врховниот поглавар во нивното срамно демонстрирање сила во парламентот (се сеќавам на насилното изнесување на пратениците од собранието) со што се сруши и малата надеж дека ова е демократска држава.

Масовните закани и притисоци кон медиумите и нивното затворање резултираше со тотален медиумски мрак кој ќе послужи како причина за сѐ што „Колумни“ сака да постигне, а тоа е слобода на говорот за сите оние кои умеат и имаат храброст да зборуваат за сѐ што е де факто забрането.

© 2013 Иван Ивановиќ, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.