Лавина

Лавината започнува од мала, безопасна количина на снег што ќе се оддели од планината. Но, брзо се претвора во огромна снежна маса која уништува сѐ пред себе.

Сличен е процесот и во социјалните групи. Доволно е неколку единки да се одделат, да скршнат од патот на взаемно корисните морални кодекси… и многу брзо имаме лавина на деструктивност која со неверојатна брзина и сила ја уништува групата, општеството, светот… И во случајов не подразбирам индивидуалност или конструктивна себе-реализација, туку онаа несвесност за последиците од личните одлуки и дела чие влијание не е изолирано само на личноста која ги носи, туку се шири, како концентрични кругови во вода, до сите припадници на едно општество.

На сите ни се познати оние „ситни“ отстапки… Прогледување на прсти на испит поради „семејни/пријателски ургенции“, членување во партија само поради надеж за некоја ситна лична корист, вртење на погледот од неправда затоа што „ништо не може да се промени“, создавање и подржување на кич и невкус „затоа што тоа се бара“… и веќе следниот миг живееме во земја во која на клучни позиции се наоѓаат неквалификувани кадри, во која партократијата го разјадува секој сегмент, неправдите и криминалот минуваат молкум, а шундот се дочекува со аплауз.

Секој од нас, дури и во најрепресивните уредувања и најтешки ситуации ја има личната слобода на избор – дали ќе ги предаде своите морални уверувања и вредности, дали пасивно ќе набљудува или активно ќе се обиде да спречи, дали ќе ја препушти својата моќ и како во крајот на “1984“ од Орвел ќе се убеди дека го сака Големиот Брат.

Свесноста за личната одговорност која ја имаме пред себе и другите е една од најтешките човечки лекции. Не залудно е дадена и метафората со Понтиј Пилат. Тоа е метафора со која многупати во текот на секој ден се соочуваме. И многупати, често несвесно, одбираме да се откажеме од сопствената моќ на делување и пасивно да ја предадеме, само за да не го вознемириме личниот комфор. А, потоа со чудење се прашуваме што не снашло и како нештата станале толку лоши. Еве една претпоставка… нештата се такви затоа што уште илјадници луѓе, слично на нас, решиле да не превземат ништо или да се предадат на „линијата на помал отпор“ во името на краткотраен (а, на долги патеки скапо платен) себичен мир.

Во Македонија сме навикнати во државата да проектираме одлики на „Бог“. Таа, односно нејзините институции, треба да се погрижат за сите наши потреби и да нѐ заштитат. Но, забораваме дека истата се состои од луѓе со маани. И дека моќта не е апсолутна, туку им ја даваме ние според заслугите. А, можеме и, поважно, имаме обврска да им ја одземеме кога ќе почнат да одат против нашите интереси.

Што побрзо го согледаме ова, толку побрзо и ќе се пијави надеж за вистински, коренити промени. Дотогаш, само ќе се вртиме во кругот на една корумпирана власт заменета со друга, ќе си разменуваме тешки воздишки со дефетистичкиот коментар „Тоа е, политика, сите се исти…“ и ќе се помируваме со поразите. А, единствениот вистински пораз е кога ќе се откажеме.

За крај ќе парафразирам цитат од американската актерка Лили Томлин:

Секогаш се прашував зошто некој не преземе нешто за тој проблем. Сѐ додека не сфатив дека токму јас сум тој „некој“.

© 2013 Инес Ефремова, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.