Идентитет? Што рековте? Идентитет?

Пред околу дваесетина години, како дете, ги слушав приказните на моите роднини, пријатели, соседи – бегалци од Егејска Македонија. Некои од нив кажуваа како биле приморани да испијат шише зејтин кога ќе проговореле на нивниот мајчин јазик – македонскиот. Кое моќно оружје! Оружје за масовно уништување поефикасно од која било атомска бомба. Но, овде немало само геноцид – овде имало и лингвоцид што означува планирано убивање на еден јазик. Како и да е, и двете злосторства се тесно поврзани и засегаат нешто за што македонските патриоти се борат како Цане против ламјата: „македонскиот идентитет” и „духот на прадедовците”.

Пред точно една и пол година, брилијантните македонски технократи укажаа на еден „суфицит” од кадри – дипломирани филолози и професори по македонски јазик и книжевност – и предложија едноставно решение за негово намалување: суспендирање на студиите по македонски јазик и литература на филолошкиот факултет „Блаже Конески”. Во целата таа еуфорија, заборавија на три работи што ќе се обидам да ги објаснам во овие стотина реда:

1. Законот за употребата на македонскиот јазик 

Овој закон, донесен во далечната 1998 година и објавен во Службен весник на РМ бр. 5/98 од 30 јануари 1998 година, укажува на неколку работи што целосно се косат со еден таков самоубиствен предлог. Најпрвин, македонскиот јазик е претставен како „духовно богатство од големо културно и историско значење за Републиката” (член 2). Секој граѓанин на Републиката е должен да го употребува и да го заштитува, да го унапредува и да го збогатува (член 1). Таа должност за унапредување, збогатување и заштита на јазикот претполага редица мерки за нејзино реализирање што се содржани во членот 6 од овој закон, во кој јасно стои и „поддршка на учењето на македонскиот јазик во Републиката и во македонските средини надвор од границите на Републиката”. Сепак, наместо да се спроведе овој закон, предлогот на технокртските функционери на Владата на Република Македонија за „привремено” (така велеа!) ставање во мирување на студиите по македонистика ќе значеше неговото најболно прекршување. Но и покрај тоа, законот сепак редовно се прекршува.

2. Како се прекршува овој закон?

Така. Едноставно. Пред сè со објавување голем број нелекторирани текстови и тоа токму од страна на инстанците на извршната власт на Република Македонија! Првата алинеа од членот 7 предвидува задолжително лекторирање на „службените текстови од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од член 5 став 1 на овој закон” пред нивно објавување. Да се пушти во оптек нелекториран текст во некој официјален документ автоматски доведува до прекршување на членот 7, за што, согласно со членот 13, следува парична казна од 10.000 до 200.000 денари. Патем, ми се чини дека законот беше подложен на ревизија некаде кон крајот на 2010-тите кога денарите мистериозно се заменија со евра… Небаре ние на нероден Петко капа му скроивме и предвреме, како послушни „европејци”, почнавме да ги плаќаме казните со евра!

Еве еден пример од секојдневието – текстот во македонските пасоши што, според овој закон, претставува „службен текст содржан во документ издаден од инстанците на извршната власт”:

„Овој пасош содржи чувствителна електроника‐чип, којшто претставува електронски уред”.

Ми се чини дека „електроника‐чип” и електронски уред заедно претставуваат… еден непотребен плеоназам! Голем број лингвисти посочиле на фактот дека во јазикот владее правилото на помал напор и едно такво повторување не е воопшто потребно.

„Заради сигурно и непречено користење на пасошот, Ве молиме да не го превиткувате, дупчите и не го изложувате на екстремни температури или на преголема влага.”

Делот „и не го” можел да биде соодветно заменет со „или” за да се избегне една несвојствена реченична структура за македонскиот јазик.

„Чувајте го од вода и водете грижа да не се оштети на кој било друг начин.”

Се чудам… Кога веќе сме ја споменале влагата во претходната реченица, дали има простор и потреба за чување на пасошот од вода? Не е ли водата веќе влажна?

 „Покрај вообичаената грижа и соодветно однесување со пасошот, Ве молиме да се однесувате кон овој документ како што би се однесувале кон кој било друг подвижен електронски уред”.

Споменав, нели, за плеоназмот… „однесува” и „однесување” се зборови изградени врз еден единствен корен. Јас се однесувам кон луѓето, но пасошот го третирам. И во овој случај повторувањето е непотребно бидејќи концизноста и јасноста се првите карактеристики на еден добро напишан текст. И доколку некому му треба подетално објаснување, доволно е да го отвори еднотомниот „Речник на македонскиот јазик” од Зозе Мургоски и да го научи значењето на овие глаголи за да склопи една логична реченица способна да пренесе една порака, со што ќе се задоволи најосновната – комуникативна функција на јазикот.

Дали министерствата надлежни за издавање на овој документ се подложни на кривично гонење? Дали тие министерства знаат дека доколку треба да платат казна ќе треба да ја помножат со бројот на издадени патни исправи? Сумата е огромна. Многу поголема од онаа потрошена за сите споменици и разноразни кичурајки со кои им се одзема воздухот на сите жители на главниот град.

3. Јазикот сум јас, јазикот си и ти

Во последно време, во повеќе наврати го слушнав зборот „идентитет”. Не само јас – слушате секојдневно и вие како вешто се манипулира со тој збор. Во случајот на Македонија, овој збор е тесно поврзан со јазикот бидејќи, сакале или не, според симплистичките теории, македонскиот е „мал јазик”. Само, ме чуди како е можно една политичка структура како владејачката што цело време посочува и гњави со поимот „идентитет” да биде толку малку засегната со јазикот како негов интегрален дел.

„Чувајте го, чедо мое мило, јазикот како татковината. Зборот може да се загуби како град, како земја, како душа. А што е народот ако ги загуби јазикот, земјата, душата? Не земајте туѓ збор во својата уста. Ако земеш туѓ збор, знај дека не си го освоил, туку себеси си се отуѓил. Подобро ти е да го загубиш најголемиот и најутврдениот град на својата земја, отколку најмалиот и најневажниот збор на својот јазик. Земјите и државите не се освојуваат само со мечеви туку и со јазици. Знај дека непријателот онолку те освоил и те покорил колку што зборови ти потиснал и свои ти потпикнал.

Народот кој ќе ги загуби своите зборови престанува да биде народ” (Од „Завештанијата на Свети Стефан Немања”).

Не е потребно да се парафразира оваа мисла на Стефан Немања. Јасна е како бел ден! И јасно укажува на фактот дека нечија (јазична) политика е самоубиствена политика и дека нема ниту г од грижа за идентитетот. Ако грешам – укажете ми за да излезам од ова слепило! Но, пред да бидам осуден, би сакал да се поистоветам со Марија Магдалена и да ги прашам сите тие што ќе се осудат да ме плукаат: што имате Вие направено за овој витален орган на македонскиот идентитет? Дали го негувате? Или секогаш „некој друг е крив” и „некој друг ја има вината што ни се губи јазикот”?

Наместо заклучок : 

Јазикот нема потреба од „национални стратегии” ниту од нечие „министерско зелено светло” за да биде предмет на истражување од страна на веќе постоечките институции во рамките на Министерството за образование и наука на Република Македонија: Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” и Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. Во нив работат луѓе чија професија е сестрано прочување на македонскиот јазик, како, впрочем, во секоја држава со развиени научно-образовни институции од ваков тип. Да, јазикот ги засега во голема мера!

Но, тој јазик му припаѓа пред сè на народот кој се служи со него и, од таа гледна точка, самиот е одговорен за насоката по која ќе го упати. Дваесет и кусур години по осамостојувањето на Република Македонија и точно 60 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, македонскиот јазик сè уште нема описна граматика. Последниот том од толковниот речник чека подобри времиња, а правописот упорно опишува еден јазичен стандард од пред неколку децении со кој се служеле моите баби и дедовци, додека јас си ја кршам главата дали еден збор е востановен или не во неговата лексика за да не ви напишам текст „полн со грешки”. Е ајде де! Само… Понекогаш и јас не знам кои се правилата а и немам ниту начин да ги научам и да видам во која насока се движи еден од јазиците на кој плачам, се смеам, се радувам, се лутам, пцујам и љубам.

Намерно напишав „наместо заклучок”. Не заклучувам бидејќи железниот клуч со кој ќе можам да ги отворам сите врати уште не е целосно искован. Оставен на милост и немилост, на некоја си „национална стратегија за културата”, треба да се „гордеам” на мојот „идентитет”. Пред повеќе од седум години, во Македонија дојде еден другар. Не можеше да се изнајаде шопска и да се изнапие ракија! Рече „сме биле прекрасна земја” и се воодушевуваше на македонските ора кои сме знаеле како да ги играме „уште при првите звуци на музиката”. Мојот другар дојде уште еднаш, но никогаш повеќе не се врати бидејќи му пречеше отсуството на организација и немањето начин како безбедно и едноставно да оди од едно до друго место, иако во план му беше да ги посети сите градови. Можеби ќе научеше и македонски но, за жал, нашата македонска летаргија која е еден од деловите на тој „дух и идентитет” го натера да си замине со заклучокот дека нам ни претстои едно „колективно самоубиство”. И не беше далеку од вистината! Тој авто-геноцид започна со уништување на единственото нешто што во денешно време, покрај сите мртви статуи што ги среќавам кога чекорам по скопските улици, може да се нарече автохтон дел на македонскиот идентитет: нашиот јазик.

© 2013 Јован Костов, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.