Глумци и глувци

Медиокритетот во денешното македонско општество е феномен кој може да се третира од економски, социолошки и психолошки апсект. За да преживее граѓанинот во еден режим како овој во Македонија, потребно е да се адаптира на опкружувањето и надворешната средина. Тоа подразбира тотално прилагодување на идентитетот, јазикот и однесувањето со мнозинството. Опстанокот на единката во држава каде достоинството на граѓаните е одамна прегазено, како и заканите и притисоците кои ги користи владеачката гарнитура, го приморуваат поединецот да се лиши од градење свое мислење врз база на сопствени согледувања и да го прифати најопштото мислење на пошироката маса. На тој начин се продуцираат граѓани кои со ништо посебно нема да се издвојуваат од останатите, освен со родот и полот. Просечни, без критериуми, без тенденции да разликуваат црна од бела основа и со тоа совршено маскирајќи ги своите недостатоци, вообичаено од интелектуална природа. Ваквиот модел на однесување совршено се вклопува во нашиот општествен амбиент. Набљудувајќи ја оваа појава во една поширока филозофска смисла, благодарение на медиокритетите, естаблирани се мерните единици на моралот, општествената прифатливост и политичка коректност, и служат како инструмент за мерење на општото јавно мислење и идеите.

За да биде уште потрагично, најголемиот дел професионалци од јавниот живот кои треба да бидат трендсетери, борци за човекови права, едни од најистакнатите личности кои ќе влијаат на општествените промени и креирањето јавна дебата во насока на развој и унапредување на соживотот, културата и демократијата, се кријат во своите глувчешки дупки и молчат. Излегуваат пред камерите по налог од „горе“ и глумат диктирани монолози пропагирајќи и борејќи се за вредности во кои ни самите не веруваат. Не само што се лоши актери, туку се протежираат и се посочуваат како примери за успешни луѓе кои младите генерации треба да ги следат. Тие лоши актери се ставаат на пиедестал и им се даваат функции и позиции за да се задоволат нивните амбиции кои поинаку не би можеле да ги остварат, освен на овој начин во овие околности.

Сѐ што е поразлично, со партиски соопштенија (а понекогаш и со црковни анатеми) се маргинализира, дискредитира и етикетира како предавничко, злобно и штетно за здравјето и моралот на граѓанинот. Доколку бидете прегласни во изнесувањето на своите ставови и мислења тогаш се пристапува кон примена на порадикални мерки и тоа сето замаскирано согласно законот, како на пример отпуштање од работа или изрекување казни за монтирани прекршочни или кривични пријави (нешто кое го имам почувствувано на своја кожа). Системски се чисти сцената од сите непожелни фактори за да им се отстапи простор на оние кои треба да ги одиграат нарачаните улоги за да си помогнат себе си и на работодавачот – државата отелотворена во пастирот, апостолите и нивните следбеници.

Така се доаѓа до една извитоперена слика на она што се нарекува наше секојдневие, врамена во границите на „нормалното“ и прифатливото. И како да не се доволни спиновите и повраќаниците од партиските кулоари, туку колективното лудило и перењето мозоци се продлабочува користејќи ги јавните сервиси и ресурси на граѓаните. Публиката се одалечува од вистинските проблеми и нејзиното внимание се пренасочува на емисии за правење деца или шоу програми за забава од типот „Танц со ѕвездите“ кои не се ништо повеќе од ефтина фарса и тажен циркуз, небаре градбите, спомениците и вртелешката не беа доволни да послужат за скапата пропагандна претстава во режија на портокаловите писатели на поновата (срамна) историја од македонската сага.

Заложничката драма во која се наоѓа нашиот народ продолжува сѐ додека граѓаните глумат заспани убавици кои чекаат некој принц да дојде и да ги разбуди од сонот, а потоа заедно да тргнат кон поразување на лошата вештерка која го маѓепсала кралството. Но, никако да сфатат дека принцот е всушност лошата вештерка, а нивното чекање е како она чекање да пристигне Годо. Никако не им паѓа на ум дека нивното будење од сонот е возможно само со борба за спроведување и практикување на основните човекови права и слободи, меѓу кои спаѓа и слободата на говорот. Напредокот во оваа сфера ќе ја намали можноста на властодршците за злоупотреби, а воедно ќе ја зголеми можноста за приближување до цивилизациските достигнувања на развиените земји. Улогата која граѓанинот ја има во општеството е пресудна за сегашноста и иднината на постоечките и генерациите кои допрва доаѓаат.

Затоа, не барајте виновници во космичките сили и севишните богови бидејќи тие немаат врска со тоа што ни се случува денес. Единствено ние сме креатори на сопствената „судбина“ и ние ја трасираме патеката по која ќе се движиме. Тоа не треба да го правиме само на избори, туку и потоа доколку констатираме дека избраниците застраниле од предизборните ветувања или се движат во спротивен правец од нашите очекувања или, во најмала рака, спротивно од логиката на здравиот разум. Премолчувањето на неправдите и злоделата ќе остават простор подоцна и самите ние да станеме жртви на системот. Системот треба да се тестира, само така може да профункционира и да се корегира. Но, за тоа треба да се говори отворено и да се дејствува соодветно, а не само зад затворена врата додека го пиеме сеирџиското кафе проследено со тривијални муабети и озборувања. Секој од нас носи одговорност како парче од мозаикот кое ја прави комплетната слика. Доколку не ви се допаѓа тоа што го гледате, тогаш потрудете се да го промените. Патот е трновит и болен, но се исплати повеќе отколку предизборните поткупувања, социјалната помош или минималните плати. Издигнете се над медиокретизмот!

© 2013 Петар Стојковиќ, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.