Академски (не)морал и (не)слобода

Го знаете ли чувството кога држите ја „браната“ да не попушти на едно место, па дури и мислите дека сте (мал) морален победник во нерамноправна битка, за да потоа сфатите дека од други страни околу вас тече, ли тече? Го знаете ли чувството кога иако не постапувате спротивно на етичките (и академските) норми, ама сепак правите извесен компромис со тоа што ќе избегнете огномет од работата заради која ве притискаат? Не покажувате со прст кон бескрупулозните и само се повлекувате од нечесната работа. Знаете ли како е кога сте уморни од тоа да си создавате (уште повеќе) непријатели на сите страни, затоа што ниту ја гледате смислата, ниту пак има резултати од борбата за принципи и процедура? Знаете ли како е тоа истовремено да се направи чин без преседан (т.е. сте направиле нешто што никој околу вас не го сторил), а сепак да се чувствувате кукавички? Одеднаш се обвинувате себе си дека сте станале дел на она одење по линија на помал отпор и на политиката „не замерувај се“. Навистина, неправдата ќе остане, ама – така се тешам себе си – барем не создавам непотребна колатерална штета и нема да настрада некој кој е на пониско скалило и нема моќ да им се спротивстави на оние кои му се надредени… Но, на крајот на денот, навира ерупција и помислувам дека ќе умрам ако не напишам како се гази слободата и доблеста и тоа на универзитетот! Можам полесно да преболам неправди на други места, ама во мојот двор?!

После овој вовед во „езопов стил“, би се прашале зошто не ги скицирам нештата малку појасно. Мојот драг пријател и колега Цуцуловски честопати знае да каже: „Билјана, мора да се зборува со имиња, инаку нема ефект – виновниците остануваат заштитени со анонимноста“. И сосема е во право! Но, она што ме загрижува е што дури и ако покажам со прст кон тие што ги кршат нормите на Етичкиот кодекс на универзитетот, но и законските прописи, дали тоа значи дека проблемот лежи во поединци или (како што сѐ повеќе сум убедена) во системот на испревртени вредности, токму таму каде што тие треба да се негуваат и „извезуваат“ надвор, во општествената заедница? Како што стареам, така расте и материјалот за една жална академска хроника на мојата alma mater. Кога би станувало збор за неправда сторена врз мене, не би се двоумела, како и многупати досега. Но, сега сум ставена во ситуација во која сум повеќе посматрач, а во кој оној чии права се згазени „доброволно“ молчи. Јас ли треба да бидам адвокат на млад колега, кој веќе и не е толку млад (преку 36 години), а кој веќе и не знае што е ‘рбет и се однесува понизно пред своите професори, иако докторирал? Честопати знам да кажам дека им замерувам на моите колеги кои уживаат во академската кула од слонова коска, кои не се деранжираат со секојдневието или евентуално стануваат салонски интелектуалци. Но, сега гледам дека и новата генерација, онаа која треба да нѐ замени наскоро, оди уште подолу. И тоа ме вознемирува и ужаснува, па не знам дали да им се лутам на професорите кои ги држат во закрепостена положба своите (бивши) асистенти, или лутината треба да е насочена кон овој млад универзитетски кадар? Ќе ви ја раскажам накусо ситуацијата која ме фрли во депресија и самопреиспитување на мојата храброст/кукавичлук, па оценете сами…

Докторската дисертација никогаш не е врв на нечија научна кариера, бидејќи е само почеток на она вистинското. Но, несомнено, докторирањето е еден од најважните тестови за нечиј академски капацитет, а тезата е доказ за вложениот труд, стекнатото знаење, но и за научниот придонес (она мало зрнце додадено во големата кула на научното сознание). Свесна сум дека ова го говорам во време кога докторати се купуваат, се подаруваат, се изнудуваат – или едноставно се препишуваат… Сѐ помал е бројот на квалитетни докторски дисертации, па затоа кога в раце ќе ви падне една сосема солидна, просто потскокнувате од радост. Алелуја! Некој кој очигледно вложил многу труд, испрочитал многу литература, се обидел да комуницира со постоечкото знаење и да го надгради – и сето тоа јасно и писмено да го изложи! Тоа беше впечатокот за докторат кој го оценував неодамна, и особено ми беше драго што кандидатот беше асистент. Не помина долго, а младиот колега ги послуша советите на комисијата и одлучи да го објави трудот. Но, за негова несреќа, менторот е професор кој воведе невообичаена пракса (мислам, покрај изумот кој се вика „дијагонално читање на тези“, операција по која неретко јас сум морала да ги оправам работите кај неговите кандидати). Имено, веќе извесно време, по секое магистрирање и докторирање на неговите кандидати, тој „женерозно“ им го нуди своето име, па осамнуваат книги во кои тој се појавува како коавтор, и тоа прв. Првиот пат помислив дека е случајност, знак на респект и благодарност за вложен труд во тезата на еден генерал, но потоа ова стана практика за која сите си молчеа, додека зад грб негодуваа мрморејќи по кулоарите. Можеби заради комплиментите кои ги дадов за оваа последна докторска теза или од други причини сеедно, бев предложена за рецензент на најновиот „коавторски“ труд. Кога ми беше побарано да напишам рецензија на невидено, прашав кога ќе го добијам материјалот затоа што сум живо заинтересирана да го видам прилогот на колегата-професор. Тоа беше сфатено како безобразлук, а планот Б предвидуваше, наместо следење на процедурата за објавување монографија (за што следува финансиска помош од Факултетот), да се оди на самофинансирање на публикувањето. Да преведам што тоа значи: покрај тоа што младиот докторант му го подарува својот авторски труд на професорот, тој би требал и да покрие половина од трошокот за печатење од својата скромна плата. А за приходот, оставам да погодите во чиј џеб би одел, особено кога некој е во таква инфериорна положба да не си го заштити ни авторското право. Компромисот кој го направив беше поттикнат од планот Б: ми падна жал за двојниот грабеж, па одлучив да не бидам пречката за заедничкиот публицистички потфат и побарав изземање со згоден и неутрален изговор. Признавам, се чувствувам лошо иако ме изеде туѓиот срам. Но, има и уште една работа која сега создава забуна: бидејќи материјалот кој ќе биде објавен во вид на книга веќе сум го оценила (заедно со колегите од комисијата) како самостоен труд на кандидатот, кој дури и претставува придонес во науката (што е дефиниција за докторат), тогаш што значи појавувањето на името на менторот? Дали тоа значи дека докторантот не го изработил трудот самостојно? Дали сега треба да си го преиспитам и потписот на докторската диплома? Кај природните и техничките науки постои инаква пракса, која лесно се образложува и е сосема легитимна: имено, менторите активно работат во водењето на истражувањето, кое е најчесто емпириско и експериментално, па и публикувањето на заеднички труд е прифатливо. Но, името на младиот истражувач е секогаш на прво место. Впрочем, новите законски решенија предвидуваат ова да стане генерална практика, т.е. пред докторирањето кандидатот мора да објави труд во меѓународна публикација, и тоа заедно со менторот. Но, тоа е само дел од севкупниот труд, а менторот служи како потпора (со своето име и искуство) пред меѓународниот уредувачки одбор. Но, случаите за кои говорам се инакви, и затоа што докторантот сам го прави истражувањето и што упатствата на менторот се симболични, а легитимација се бара пред домашната а не меѓународната научна јавност.

Овде не станува збор за осамен случај, туку за нешто што прераснува во практика. Оваа богата практика е разновидна, а ова е само еден случај низ кој се илустрира културата на клонирање и создавање послушници, луѓе кои ќе имаат страв од своите професори (т.е. идни рецензенти за нивен избор во звање). Можеби сум престрога, бидејќи еве додека го пишувам ова ми навираат и спомени за моето докторирање. Тогаш беше и полошо… На ден пред јавната одбрана, ме повика менторот за да се договориме околу постапката. Во тоа време тој беше декан, па седевме во неговата канцеларија. На самиот почеток тој ми се пофали со својот нов учебник и ми подари примерок со посвета. Во тој миг зазвони телефонот, па додека траеше разговорот јас можев да ја прелистам книгата. Природно, ме заинтересира оној дел од книгата кој кореспондираше со темата на која докторирав. Веќе на првите реченици, почнав да подголтнувам кнедли: си ги препознав речениците, од збор до збор! Мислите ли дека реков нешто, дека се побунив? Признавам дека молчев. Во следната едиција на мојот ментор, кога веќе бев доцент, тој направи „гест“ со тоа што во воведот го наведе моето име заедно со некој збор на благодарност. Во третата едиција, веќе до соодветната глава со која учествував, стоеше моето име. Потоа, се еманципирав и никогаш веќе не влегов во заеднички потфати со тој професор, за кој денес е јавна тајна дека препиша (т.е. преведе) цела книга на почитуван професор од Белград, со кого честопати се среќавам, а тој прави шеги за својата популарност во Македонија.

Задирам во два проблема, од многуте кои денес живеат меѓу нас во академската средина, а за кои никој не сака отворено да проговори. Едниот е изградбата на млади кадри кои се исплашени, понизни и зависни од своите професори. Попусто докторати, попусто резултати и истражувања, ако молчите како занемен пред професорите, дури и кога грешат или ве крадат. Свесна сум дека иако навидум храм на знаењето и доблеста, универзитетот е сепак хиерархиски поставена структура. Кариерата на оние на пониско ниво зависи од рецензиите и оценките на постарите колеги. Но, има едно големо „но“! Ако помладите колеги при својот избор во звање настапат со солидно портфолио, тогаш нема зошто да се чувствуваат несигурно. Им препорачувам наместо да виткаат ‘рбет, да се заинатат и да работат три пати повеќе за да се докажат, и тоа подалеку од своите професори, особено ако овие не излегле подалеку од Табановце. Тие не ги поседуваат и не можат/не смеат да им ја кројат судбината. Мојот втор, иако неформален, „докторат“ беше книга која ја објавив кај реномиран светски издавач (I. B. Tauris) во коавторство со мојот гуру, Хакан Виберг (во тоа време директор на Копенхашкиот институт за мировни истражувања). Неговото менторство во однос на мое веќе завршено емпириско истражување беше од непроценлива вредност: со часови разговаравме за мојот ракопис, тој не само што умееше да додаде нешто вредно, туку ме тераше да размислувам инаку, самата да дојдам до важни заклучоци, да си ги најдам пропустите и да дојдам до нови сознанија. Втората работа без која нема развој на научната мисла е развивање на способност за критичко мислење, дури и во однос на позициите (или книгите) на менторот или постарите колеги-професори. Младиот научник мора да научи да биде свој, да лета, па ако треба или особено наспроти мејнстримот. Но, мора да знае и да си ги одбрани своите права – како што не смее да стане папагал или плагијатор, така мора да знае и да се бори за своите авторски права. Без тоа, ќе стане (безличен) клон. Без неговиот напредок, нема напредок ни на македонската научна мисла.

© 2013 Билјана Ванковска, Сите права се задржани. Напишано за рубриката колумни на Сакам.инфо. Публикациите не смее да се преземаат до 24 часа по објавувањето. Подоцнежното преземање се прави исклучиво со наведување на изворот и креирање линк до оригиналниот текст. За преземање текстови пред истекот на 24 часа од нивното објавување, ве молиме контактирајте нѐ по електронски пат за писмена дозвола.